Германија на крстопат: Меркел против Мерц
- Во Германија високо актуелно во јавноста е прашањето за „внатрешен судир во Берлин за стратегијата кон Москва“. Имено, поранешната канцеларка Меркел јавно ја застапи тезата дека Европската Унија треба да ја преземе иницијативата и да воспостави директен дијалог со рускиот претседател Владимир Путин. Од друга страна, сегашниот германски канцелар Фридрих Мерц, кој е од истата партија – Христијанско-демократска унија (ЦДУ), ја смета иницијативата за опасна
Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел повторно го поттикна дебатниот фронт околу европската надворешна политика. На традиционалниот прием Матиа-Мал во Хамбург, таа јавно ја застапи тезата дека ЕУ треба да ја преземе иницијативата и да воспостави директен дијалог со рускиот претседател.
Според Меркел, Европа не смее да се повлекува зад САД и да дозволи животните интереси на Стариот Континент, вклучувајќи ја и Германија, да бидат третирани како секундарни во меѓународните преговори.
Но оваа позиција не ја дели сегашниот германски канцелар Фридрих Мерц, кој е од истата партија – Христијанско-демократска унија (ЦДУ), и ја смета иницијативата дури „за опасна“!? Мерц верува дека дијалогот со Путин ќе му даде дополнителна моќ да ги наметне своите услови за завршување на војната и оти конфликтот во Украина може да се реши само преку исцрпување на една од страните.
Меркеловата визија: Европа како дипломатска сила
Меркел го поставува прашањето за европската автономија, а тоа значи дека Европа мора да ја брани својата економска, енергетска и технолошка независност. Но значајно е тоа што Меркел меѓу редови имплицира дека и Русија со еден свој дел е интегрален дел на Стариот Континент. Така, според нејзиното гледиште, само преку директен дијалог со Москва и преку активно учество во решавањето на глобалните конфликти, Европа може да дејствува како глобален, единствен актер.
Идејата на Меркел не е само географско-теоретска. Таа смета дека стабилноста во енергетската политика, економијата и безбедноста географски и стратегиски е подобро обезбедена преку соработка со Русија отколку преку воена конфронтација. Европската дипломатска иницијатива, според неа, би можела да го олесни завршувањето на украинскиот конфликт, наместо да се чека само исцрпување на страните.
Од другата страна е канцеларот Мерц: Без компромис со Путин!
Мерц, од друга страна, инсистира на тоа дека Европа треба да продолжи со финансиска и воена поддршка на Украина, и без да ја отвори вратата за директни преговори со Москва. Неговата логика е дека преговорите може да ја зајакнат позицијата на Путин и да ја намалат моќта на ЕУ да поставува свои услови.
Ваквата позиција на канцеларот Мерц создава внатрешен конфликт. Имено, додека Меркел гледа на Европа како самостоен, дипломатски фактор, Мерц ја гледа како следбеник на американската стратегија, која потенцијално ја ограничува автономијата на континентот.
Германската дилема станува и европска дилема
Идејата за директен дијалог со Русија не е само германски феномен. Италијанската премиерка Џорџа Мелони, но исто така и премиерите на Австрија, Унгарија и на Словачка, ја поддржуваат можноста за дипломатски иницијативи и алатки на Европа во решавањето на конфликтот. Ова укажува дека постои растечки европски блок што смета дека стабилноста и мирот на континентот не можат да се базираат само на воени планирања и зафати или на некои финансиски стратегии (санкции, замрзнување средства за Русија и сл.).
Клучниот избор: Дипломатија или зависност?
Судирот помеѓу Меркел и Мерц ја рефлектира најголемата дилема на модерна Европа, а тоа е како да се изгради независна, дипломатски моќна Европа, која ќе може сама да ја крои својата судбина развивајќи се според своите планови и потреби, или да се остане во сенката на САД, препуштајќи ги клучните одлуки за Стариот Континент на политиките од Вашингтон. Но во ова време кога енергетската и економската стабилност стануваат сè повеќе клучни за опстанокот на европските држави, овој судир не е само политички, тој е и стратегиски и историски. И додека Меркел гледа во дијалогот со Русија како клучен за мирот, Мерц како единствена реалност ги гледа воената поддршка и исцрпувањето на Украина, а тоа ја става ЕУ на вистинска раскрсница. Патот што ќе го избере Германија, според низа аналитичари, ќе ја одреди не само иднината на Украина туку и независноста и влијанието на самиот континент. Р.С.
Германската економија дополнително загрозена од конфликтот на Блискиот Исток
Во Германија постои голема загриженост дека ценовните шокови за енергентите предизвикани од воениот конфликт на Блискиот Исток би можеле да ги уништат надежите за економско закрепнување на државата, пренесува „Дојче веле“. Германскиот економски институт спроведе симулација во која повисоките цени на нафтата би можеле да предизвикаат штета од десетици милијарди евра во Германија.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц истакна дека војната на Блискиот Исток ќе им наштети на сите, велејќи дека „таа влијае на нашата безбедност, нашето снабдување со енергија, а потенцијално и на ситуацијата со миграцијата“.
Енергетски зависните индустрии, како што се производството на хемикалии, челик, машинското инженерство и транспортот, се особено оптоварени од скапата нафта. Нарушениот воздушен и морски сообраќај доведува до подолго време на транспорт и повисоки трошоци. Во автомобилската индустрија, зголемувањето на цените го погодува секторот што веќе е во криза. Групацијата „Фолксваген“ планира да намали околу 50.000 работни места во Германија до 2030 година. А „Порше“ штотуку објави пад на профитот од над 91 отсто.
Германската министерка за економија Катерина Рајхе завчера уверуваше дека снабдувањето на Германија со енергија е безбедно и дека државата има доволно нафта на располагање. Според Министерството за економија и енергетика, Германија чува 19,5 милиони тони (143 милиони барели) сурова нафта на тајни складишта. Поголемиот дел е под земја во големи пештери, но некои резерви се наоѓаат и над земја во резервоари. Германската влада има намера да ослободи 2,4 милиони барели од оваа резерва, а понатаму планира да го ограничи зголемувањето на цените на бензинските пумпи. Р.С.
































