Од творештвото на писателката Јадранка Клисарова
сончев ден ги измами случајните минувачи да застанат и да погледнат околу себе. Некои луѓе се среќаваат и разговараат со свои пријатели, некои со полни торби в раце полека се движат по улицата. Трети мавтаат со рацете сакајќи на својот соговорник да му кажат дека брзаат. А на улицата се натпреваруваат автомобили, автобуси и мотори, секој сака да ја покаже својата брзина.
Јас со лесен чекор се враќам од работа, сакам подолго да уживам во убавиот сончев ден. Ги забележувам веселиот лет на птиците, разиграните гранки на дрворедите и луѓето околу себе. Мислите ми ги прекина една непријатна слика на тротоарот. Девојче со наведната глава и подадена дланка седи на студениот плочник. Се приближувам, забележувам дека девојчето нема повеќе од десетина години. Се прашувам, „кој е тој родител што дозволува неговото дете да седи на студен плочник?“ Минуваат луѓе покрај неа, некој ќе спушти некој денар, некој ќе ѝ фрли уште некоја паричка, а трети само ќе ја погледнат и ќе поминат. Застанав, сакав да ѝ дадам неколку парички, но дали само „тоа“ ѝ треба. Како да ѝ помогнам?
− Со кого си? – се наведнав и тивко ја прашав.
− Сама – срамежливо одговори.
−Во овој дел од денот сите деца се на училиште.
− Јас не одам на училиште – само кратко одговори.
Стоев неколку минути и размислував. Девојчето го спушти погледот и гледаше во моите нозе. Кога забележа дека подолго време стојам пред неа, ја подигна главата кон мене.
− И јас сакам да одам на училиште, ама…! Одев само во прво одделение и после се случи… − тивко нешто шепотеше.
− Зошто не одиш во училиште, знаеш ли колку е убаво таму?!
Девојчето сѐ уште седеше на студениот плочник, срцето ми трепереше, а мислите ми летаа: „Какви се тие родители? Можеби нема родители?“ Ги извадив шалот и капата. Ја замолив да стане и ја поведов до блиската клупа. Со шалот ја завиткав да се стопли, а капата ѝ ја ставив на црната кадрава коса. Сепак таа беше само дете. Додека ѝ ја местев капата го впивав секое движење на девојчето, на извалканото лице се појави срамежлива насмевка. Таа ме гледаше со нејзините крупни, црни и сјајни очи, но тие беа очи полни со тага. Од паричникот извадив неколку банкноти и ѝ ги ставив во кутијата.
− Ајде сега да одиш право дома. Твоите сигурно се загрижени – и реков.
− Немам родители, имам само баба, таа се грижи за мене.
− Јас работам во оваа училиште – ѝ покажав со раката кон училиштето во кое бев вработена. – Дојди утре со баба ти, побарајте ме, јас сум наставничката Јадранка. Сакам и ти како другите деца да имаш детство и ќе ти помогнам да учиш.
− Јас сум Алиша – сакаше да ја подаде раката, но ја стави зад грб.
− Утре те чекам! Ќе најдеме книги и тетратки за тебе. Верувам дека ти си паметно девојче и ќе научиш – на заминување ја погалив по главата.
На заминување ја погледнав уште еднаш, не знам за што размислуваше, но на лицето ѝ ѕиркаше скриена насмевка. Направив неколку чекори и уште еднаш се свртев да ја погледнам Алиша. Во еден момент од зад соседниот агол на зградата се појави млада жена, која почна гласно да вика по девојчето: „Не разговарај, туку работи“. Младата жена во рацете носеше бебе, кое едвај да имаше шест месеци и беше покриено со тенка прекривка. Со едната рака силно го потегна девојчето за косата, а таа испушти тивок и тажен крик. Болката се пренесе и на мене, со брзи чекори се вратив. Го фатив девојчето за рака и го заштитив со моето тело. Таа викаше гласно: „Ајде, ќе видиш сега. А ти госпоѓо ако имаш пари дај ми и мене, ми требаат“.
Цврсто ја држев Алиша за рака и тргнав со неа во спротивен правец од жената со бебето. Алиша се тресеше и повторуваше:
− Ќе ме убие, ќе ме тепа!
− Дали ти е мајка – ја прашав.
− Не, сосетка, ме носи да просам и ме чува, на крајот од денот ги собира парите и ми купува по една кифла. Ама јас не ја јадам целата, ја кријам и половината ѝ ја носам на баба.
− Сега јас ќе те однесам дома, кај баба ти! Дали знаеш каде живееш?
− Знам, таму преку мостот имаме наша куќа – рече Алиша.
− Ваша куќа!? – малку зачудено ја прашав.
− Да, мала е, ама е убава иако во зима понекогаш ни е студено – срамежливо раскажуваше Алиша.
Кога стигнавме во дворот, најдовме една старица како седи на дрвено столче. Кога ја здогледа Алиша, веднаш стана и ги рашири рацете.
− Каде си мила моја? Се плашев за тебе – рече старицата и силно го гушна девојчето.
− Добар ден, јас ја донесов Алиша дома. Вашата сосетка ја принудува да проси и лошо се однесува со неа.
− Бабо, бабо оваа тетка е наставничка, сака да одам во училиште. А, дали може?
Погледот не го симнував од лицето на Алиша, тоа веќе доби весел израз. Бабата ја наведна главата и рече:
− И јас многу сакам да одиш во училиште, но знаеш немаме…
− Не грижете се, дојдете утре во училиштето каде што работам ѝ покажав на Алиша. Јас и вработените ќе помогнеме сѐ што е потребно од книги, тетратки и облека, само вие дојдете. Голем грев е девојчето да остане без образование. Таа е паметно девојче, ќе учи, а еден ден ќе се грижи и ќе ти помага.
Бабата како да не веруваше, а Алиша скокаше околу нас и ветуваше дека ќе учи.
На заминување се поздравив со бабата, силно ја прегрнав Алиша и само реков: „Верувајте ми!“
Додека одев кон мојот дом, ми се појавуваше сликата на девојчето со тажен поглед. На крајот бев среќна, затоа што видов зрак надеж во очите на Алиша и баба ѝ, само ме плашеше неизвесноста, дали утре ќе ги видам во училишниот двор. Со голема надеж го очекував следното утро. Со брзи чекори се упатив кон училиштето, а таму во дворот ме чекаа Алиша и баба ѝ. Алиша ми се фрли во прегратка, на себе ги имаше шалот и капата што вчера ѝ ги дадов, лицето ѝ беше измиено, а косата исчешлана. Така, Алиша започна повторно да оди на училиште. За една година успеа да го совлада материјалот, многу се трудеше. Кога ќе почувствуваше несигурност, секогаш ме бараше. Јас бев тука за неа и за сите ученици. Годините минуваа, Алиша успешно го заврши основното образование, а потоа се запиша во средно медицинско училиште, имаше голема желба да биде медицинска сестра. Со бабата и Алиша останавме секогаш во контакт. Нејзината матура не можеше да биде без мене, таа ме нарекуваше „мојот спасител“.
Секој ден кога минувам по улица или на некоја крстосница сѐ уште гледам како мајки со мали деца молат за некоја паричка. На улиците се среќава и понекое момче, кое нуди разни предмети за да му купат минувачите. Останува вечната дилема: „Дали е оваа место за деца и млади?“. Наместо во топол дом со книга и во училиште, во кое ќе се подготват за живот, тие секојдневно се на улица за гол живот. Тоа е секојдневна грижа на поединци, а треба да биде општествена грижа за секое дете и за секој човек. Сѐ уште во мислите ми е Алиша, кога првпат ја сретнав и ја нареков „девојчето со тажниот поглед“. Алиша по своето школување започна да работи и да волонтира во центри што имаа цел да помогнат да се врати насмевка на детските лица.
За авторката
Јадранка Клисарова е родена на 23.9.1961 г. во Гевгелија, Р Македонија. Детството го минува во родното село Стојаково, а потоа образованието го продолжува во Штип и во Скопје. Во Скопје завршила Педагошки факултет – одделенска настава.
Долги години е присутна во образовна-воспитна дејност, како професорка по одделенска настава во неколку основни училишта, а најдолго работеше во ООУ „Блаже Конески“ во Скопје. Денес како пензионерка и своето време го посветува на создавањето дела за најмладите. Досега има издадено повеќе книги:
– роман за возрасни „Јато“ (2004) (има добиено признание);
– збирка раскази за деца „Ѕвездено јато“ (2009);
– роман за возрасни „Амајлија“ (2012);
– сликовница за деца, „Новогодишен подарок“ (2009);
– сликовница за деца „Ѕвезда во ноќта“ (2009);
– збирка раскази за деца „Децата од моето училиште“, (2015);
– збирка раскази за деца „Безбеден детски свет“, (2017);
– детски илустриран роман „Традицијата низ перото на баба“ (2018);
– стихозбирка за деца „Песни за секое дете“ (2019);
– стихозбирка за возрасни „Музика на мојата душа“ (2021);
– збирка современи бајки за деца „Волшебниот извор“ (2021).
Богатото работно искуство било предизвик да се предаде на творечкото перо и да создаде повеќе едукативни книги и учебници за деца. Досега има издадено и повеќе прилози од областа на образованието и воспитанието објавени во стручни списанија.
Во нејзината професија несебично се залага за подем на образованието и на педагошка наука. За сето тоа зборуваат многубројни награди, плакети, признанија, уверенија и сертификати.