Духовни подготовки за великиот ден
Во Кичево во саботата се одржа празнична поворка по повод верското одбележување на воскресението Лазарево (Лазарева сабота). Деца од градот се собраа на градскиот плоштад каде што им беа поделени зелени гранчиња. Пеејќи песни поврзани со воскресението и со влегувањето на Исус Христос во Ерусалим (Цветници), тие ја формираа празничната поворка по булеварот Ослободување, а патот го завршија во храмот „Свети Петар и Павле“. Таму беа пречекани од свештенството и за учество во поворката добија симболични подароци.
– Ваквата практика, која постои од преданието на црквата, претставува навестување на празникот Цветници, но и на Велигден. Преку воскресението на Лазар, кој се нарекува Четвородневен, бидејќи биле поминати четири дена откако бил погребан и Христос го воскреснал, се навестува главниот настан, Велигден. Децата учесници во поворката со гранчињата и песните ги симболизираат децата што радосно викале и го прославувале влегувањето на Христос во Ерусалим, она што се празнува за празникот Цветници – рече отец Александар Крстаноски.
Поворката беше поздравена од голем број граѓани на Кичево.
Текст и фото: З.А.
Во Гевгелија лазаренки ги посетуваа домовите за здравје и бериќет
Во Гевгелија на Лазарева сабота е обичај девојчиња украсени со цвеќе, дотерани и насмеани да ги посетат домаќинствата од соседството, роднините, познаниците и да им ја донесат Лазаревата песна со која носат благослов за домот што го посетуваат. Носат благослов за здравје и слога во семејството, мир и бериќет за домаќинството. Ќе ве огреат насмевките од девојчињата, кои пеат песни за Лазар, заштитникот на болните и сиромашните.
Обичај е домаќините да ги даруваат со јајце за збогатување на велигденските празници, со домашни слатки, овошје или некоја паричка за бериќетот да расте за добросостојба на семејството што го посетиле лазаренките.
Празнична поворка и во Скопје
По повод Лазаревото воскресение, во саботата се организираше празнична поворка во срцето на Скопје. Поворката започна во 12 часот од плоштадот „Македонија“, а беше проследена со традиционални пеења – каланди, изведени на традиционални инструменти од музичари, а отпеани од хористи и од присутните.
Во духот на древната православна традиција, сите заедно ја пееја радосната песна на надежта и воскресението, навестувајќи го Христовото воскресение – празникот над празниците!
Оживеаја старите традиции што нѐ поврзуваат со нашите корени и со вистинските животни вредности. Организатор на настанот беше Здружението за возобновување на вистинските православни традиции од Скопје.