Најдобар на Балканот: Данило Божовиќ

МЛАДИНСКО БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО

  • Помладиот сениор Данило Божовиќ во тежинската категорија до 84 кг, во дисциплината борби, се закити со злато и стана балкански првак

Македонската младинска карате-репрезентација, која има 74 натпреварувачи, освои десет медали по двата натпреварувачки дена на Балканското првенство (БП) за кадети, јуниори и за помлади сениори (до 21 година) во борби и во кати (поединечно и екипно), викендов, во хрватскиот град Риека. Во првиот натпреварувачки ден беа освоени три медали. Со сребро се закитија јуниорот Нуредин Дервиши во дисциплината ката и Ера Коџа (до 68 кг) во борби (до 21 година), а бронза освои Недим Шаќири (до 60 кг) во борби (до 21 година). И во вториот натпреварувачки ден македонските карате-надежи продолжија со успешните настапи, при што беа освоени уште шест нови медали. За тоа се погрижија помладиот сениор Данило Божовиќ (КК Макпетрол), кој во тежинската категорија до 84 кг, во дисциплината борби, се закити со злато и стана балкански првак. Вицешампиони на Балканот станаа Реџеп Рушити (до 84 кг) во борби (до 21 година) и јуниорот Цветан Маргаритов (до 61 кг), а бронзени медали освоија Ива Пецевска (до 55 кг) во борби (до 21 година), кадетот Иса Елмази (до 70 кг) во борби и кадетката Блерина Зендели во кати.
– Македонските млади репрезентативци остварија извонреден настап на Балканското првенство во Риека, покажувајќи висока спортска подготвеност и посветеност. Со освоени вкупно девет медали, тие уште еднаш го потврдија континуираниот напредок на нашиот национален карате-тим. Овие резултати се потврда за континуираната работа, професионалната подготовка и посветеноста на македонските млади спортисти и нивните тренери. Карате-федерацијата на Македонија (КФМ) им честита на натпреварувачите, нивните клубови и на стручниот тим за успешните настапи на меѓународната сцена – велат од КФМ.
Вчера на програмата беа екипните натпревари. Македонскиот машки тим во борби (до 21 година) освои сребрен медал на третиот и последен ден на БП, во Риека. Во финалето тој загуби од селекцијата на Србија со 1-3. Претходно нашиот тим оствари три победи, на средбите со Црна Гора, Романија и со Косово. Македонија го заврши Балканското првенство со вкупно 10 медали (еден златен, пет сребрени и четири бронзени) и е осма во вкупното рангирање на ова натпреварување.
На ова БП четворица македонски судии успешно ги положија испитите и се стекнаа со сертификати за балкански судии. Тоа се: Димитар Арсов, Даниел Караманов, Стојан Илиевски и Петар Трајчески. Г.И.