Времеплов
1. Горно Врановци е село на околу 30 километри од Велес, во општината Чашка. Се наоѓа на 700 метри надморска височина и во него живеат околу 300 жители во четириесетина куќи. Поголемиот дел се Албанци, а има и неколку куќи на Македонци муслимани, кои се староседелци. До 1955 година Горно Врановци било едно од најголемите села во некогашна Југославија, со повеќе од 30.000 жители и над 4.000 куќи, но по големата преселба на Македонците муслимани во Измир, Турција, тоа нагло се испразнило. Во последно време некои од нив се враќаат во селото и градат нови куќи.
2. Селото има голем потенцијал за развој на планинскиот, рекреативниот, ловниот, хербалниот и здравствениот туризам. Дотаму се стигнува исклучиво со сопствен превоз, од Велес, по стариот пат за Прилеп. Најголемиот дел е асфалтиран, но со големи оштетувања, иако во последно време работите повторно се во ек.
3. Поради природните убавини со кои изобилува Горно Врановци, овде голем број жители на Велес и на други градови во Македонија имаат изградено викенд-куќи. До скоро беше отворен и хотелот „Врановци“, кој располагаше со 160 легла и беше доста посетен, но поради нерасчистени имотноправни односи веќе неколку години е затворен.
4. „Нова Македонија“ никогаш не го заборава Горно Врановци. Секоја година на 29 октомври вработените се дел од традиционалната новинарска тура, со која се посетуваат овие значајни спомен-места, а се организира и заедничка дружба. Генерации студенти по новинарство на универзитетот „Кирил и Методиј“ и од Македонскиот институт за медиуми, како и средношколци и основци од целата земја, исто така го посетуваат селото. Го посетуваат и историчари, кои држат час за младите генерации, а тука е снимен и документарниот филм за јубилејот – 70 години „Нова Македонија“.
5. Новинари на „Нова Македонија“, три години, следејќи ги планинските врвици одеа по патеката по која била пренесена, дел по дел, печатарската машина „бостонка“, тешка еден тон, на која, со одлука на Президиумот на АСНОМ, на 29 октомври 1944 година, во Горно Врановци, бил отпечатен првиот број на „Нова Македонија“, орган на Народноослободителниот фронт на Македонија. Благој Шошолчев во 1944 година бил организатор на пренесувањето на машините и материјалот за печатницата. На 29 октомври, взори, партизаните тргнале на терен со првите пакети со весникот.
6. На слободната територија во Горно Врановци, есента 1944 г., била сместена тогашната македонска влада. Оттука се воделе сите завршни операции за конечно ослободување на земјата и биле донесени повеќе важни закони, подоцна реализирани во слободна Македонија. Тука биле Президиумот на АСНОМ, Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија, Главниот штаб на НОБ и разузнавачите на ОЗНА.
7. Ова село има пет куќи-музеи и објектите се во одлична состојба. Единствено спомен-куќата на ОЗНА, која сѐ уште е во сопственост на МВР, е со разурната влезна врата, а на фасадата се забележуваат оштетувања. Во музеите можат да се видат копии од многубројни документи и фотографии од есента 1944 година.
8. Васка Илиева испеа песна за Горно Врановци и за неговите жители иселени по светот. Таа е авторка на музиката и на текстот, а аранжманот е на Зоран Марковски. Песната почнува со стиховите: „Таму далеку, во Велешко, во Велешко – Горно Врановци, таму кај Вардар тесно си тече, таму е нашата земја родена, таму е нашата Македонија…“
9. Населението се занимава и со овчарство и со живинарство, а некои семејства собираат и печурки за откуп. Местото изобилува со малини и капини, а тука може да се сретне и ендемичното дрво костен. Од земјоделските производи, овде добро вирее компир. Во селото има и струја и вода. Населението е срдечно и пријателски настроено кон сите добронамерници.
10. Во училиштето „Лирија“ (слобода) во Горно Врановци учат четириесетина деца, од 2012 г. во нова зграда, каде што, за разлика од претходно, условите се одлични. Има и две соби за учителите од другите градови. Објектот е изграден со поддршка на Министерството за образование и со средства на Општина Чашка. Тука во две училници учат деца од прво до петто одделение, а потоа основното образование го завршуваат во централното училиште во селото Јаболчишта. Наставата се одвива на албански, а децата имаат по два часа македонски неделно, во четврто и во петто одделение. На часовите по историја учениците ги посетуваат музеите во селото, каде што учителите им раскажуваат што се случувало на ослободената територија во 1944 година.
„Колибри“ е голем пријател со учениците од ова подрачно училиште, на чии ѕидови се залепени текстовите што излегле за нив на нашите страници.
М.Т.