Годинашниот лауреат на „Златен венец“, францускиот поет Жан Пјер Симеон, беше меѓу многубројните учесници на „Струшките вечери на поезијата“ што дадоа поддршка за декларацијата за мир подготвена од македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски-Цветин

Мировната иницијатива на Живко Поповски-Цветин доби поддршка од поетите на СВП

Декларацијата за мир подготвена од македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски-Цветин и членовите на Цветиновиот комитет за мир доби значителна поддршка за време на неодамна одржаните „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), каде што беше потпишана од многубројни учесници на манифестацијата, меѓу кои и годинашниот лауреат на „Златен венец“, францускиот поет Жан Пјер Симеон. Декларацијата што има хумана цел ја поддржаа и повеќемина македонски поети, покрај гостите од Хрватска, Словачка, Монголија…
Во декларацијата против сите војни и против нуклеарното оружје, поттикната по повод одбележувањето на 79-годишнината од употребата на нуклеарното оружје во јапонските Хирошима и Нагасаки за време на Втората светска војна, се бара од завојуваните држави да прекинат со војните и да постигнат мир преку преговори, државите да не употребуваат нуклеарно оружје, да ги уништат сите боеви нуклеарни глави, да не ги повторат теророт, страдањата и траумите од војните и употребата на нуклеарното оружје, да не финансираат развој на нуклеарна програма за воени цели, а научниците да не учествуваат во програмите со разорна моќ.

Александар Менкиноски, Живко Поповски – Цветин и Миладин Угреновиќ (од лево кон десно)

Цветиновиот комитет за мир ги повика сите државници, амбасадори, министри и носители на јавни функции да ја поддржат декларацијата и да остават аманет за идните генерации, преку сопствен пример, да се уништат постојните и да се престане со развивање нови нуклеарни програми за воени цели.
На маргините на СВП за таа цел, на истекот на Црн Дрим во Струга, се одржа и манифестацијата наречена „По љубовниот пат на јагулата“. Во рамките на неа, низ водите на Црн Дрим беше испратена порака за мир, за да патува по љубовниот пат на јагулата до Саргасово Море. Собирот беше предводен од Живко Поповски-Цветин, поетот Миладин Угреновиќ и од фотографот Александар Менкиноски. По настанот беше интерпретирана поемата „За Љубовта“ и беше кажан безвременскиот цитат на Поповски „големи сме, заради тоа што сме мали“. Поповски исто така организираше и мини-изложба „Цвеќе на мирот“ на Дрвениот мост на истекот на Црн Дрим. Н.М.