Според меѓународното поморско право, бродовите уживаат „право на премин“ низ водите на друга земја – без да бараат дозвола. Ако земја членка на ЕУ (како последните примери со Франција, Естонија или со Полска) ја користи својата морнарица за да ги запре пловилата (нафтени танкери) кај кои самата смета дека треба да изврши инспекција или да ги зароби, тогаш, според меѓународното право, тоа се смета за „морска блокада“, што е чин на војна…
Свежи примери за прекршување на меѓународното право ПОТТИКНУВААТ активирање планови за нови воени судири
во европските мориња
ЕУ деновиве го воведе својот седумнаесетти пакет санкции, проширувајќи го списокот за бројот на танкери на вкупно 350 пловила, за кои Брисел смета дека „ги прекршуваат европските санкции кон Русија“.
Три примери што се движеа по работ на воен судир од пошироки размери
Три примери деновиве најпластично го отсликуваат фактот дека Брисел ангажира и оружени воени морнарици (на Франција, Естонија и на Полска) да пресретнат и да оневозможат нафтени танкери, за кои смета дека, иако не се руски, ги прекршуваат едностраните санкции воведени против Русија.
Имено, француската морнарица првпат го испрати разузнавачкиот брод „Дупи де Лом“, долг 101 метар, во Балтичко Море за да следи танкер од, како што Брисел ја нарекува, „таинствената флота на руски танкери за нафта“.
Во вториот пример, од минатата недела, тензиите драматично се зголемија откако естонската морнарица се обиде да зароби уште еден танкер од флотата (сомнителни за Брисел) танкери што се обидуваа да стигнат до руското пристаниште Приморск. Тогаш Русија испрати борбен авион „су-35“ да го придружува танкерот за да не биде заробен од естонската морнарица, што е првпат руската војска директно да се соочи со поморските сили на членка на НАТО.
И третиот свеж пример е поврзан со бродот ОРП „Хевелиуш“ на полската морнарица, кој деновиве се обидел да зароби нафтен танкер за кој Полска се изјаснила дека „изведувал сомнителни маневри што би можеле да го загрозат подводниот енергетски кабел што ја поврзува Полска со Шведска“. Тоа го изјави полскиот премиер Доналд Туск во објава на Икс.
Според меѓународното право, морската блокада е чин на војна
Според меѓународното поморско право, бродовите уживаат „право на премин“ низ водите на друга земја – без да бараат дозвола. Ако земја членка на ЕУ ја користи својата морнарица за да ги запре танкерите на флотата кај која смета дека треба да интервенира, да врши некаква инспекција или поради која било друга причина, тогаш, според меѓународното право, тоа се смета за „морска блокада“, што е чин на војна. На пример, американскиот претседател Џон Ф. Кенеди се соочи со слична дилема кога се обиде да ги спречи советските бродови да ѝ испорачаат ракети на Куба во 1962 година, па наместо тоа се снајде воспоставувајќи поморски „карантин“ околу Куба.
Русија вети дека ќе ги брани своите бродски интереси во Балтичко Море користејќи ги „сите средства“ што ѝ се на располагање откако естонскиот обид да го запре танкерот за нафта, кој патем споменато беше грчки и се движеше кон Русија. Естонскиот обид за интервенција и морска блокада предизвика едноминутно нарушување на воздушниот простор на НАТО од страна на руски воен авион и последователно задржување на бродот во грчка сопственост.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истиот ден изјави дека Москва е подготвена да дејствува „решително“ по она што го нарече „пиратски напад“ од страна на Естонија.
– Како што покажаа неодамнешните настани поврзани со обидот за пиратски напад врз еден од танкерите, Русија покажа дека е способна да одговори доста остро – изјави Песков пред новинарите. Тој додаде дека Русија е подготвена да ги употреби „сите средства“ во рамките на меѓународното право и дека има широк спектар на опции за заштита на своите бродови.
Растечки тензии во Балтичко Море
По инцидентот со естонската морнарица, како очигледна одмазда, неколку дена подоцна, на 18 мај, руските морнарички сили запленија грчки танкер за нафта што испловил од естонско пристаниште. Бродот потоа беше ослободен, но задржувањето на бродот е уште еден момент во растечките тензии во Балтичко Море. Распоредувањето на францускиот разузнавачки брод, кој е дел од француската морнарица (не е борбен брод), само дополнително ќе ги зголеми тензиите. (Француските одбранбени претставници потврдија дека распоредувањето на разузнавачкиот брод, кој е опремен со радар и електронски системи за следење, подобро ќе ги следи танкерите за кои Брисел вели дека ги кршат санкциите кон Русија.)
Но вклученоста на Франција претставува повторна јавна демонстрација од страна на голема западна воена сила во спроведувањето на ЕУ-поморските санкции во Балтикот. Париз не го откри времетраењето или обемот на мисијата за надзор, но официјални лица изјавија дека нејзината цел е да се зголемат капацитетите за собирање разузнавачки информации и да се поддржат напорите на ЕУ за надзор. Западните „Сили на подготвените“ проценуваат дека „Русија користи над 600 танкери низ целиот свет за да ги заобиколи санкциите“. Р.С.
САД немаат намера да воведат нови мерки врз Москва за да избегнат попречување на мировните напори
ЕУ официјално го одобри својот 17-ти пакет санкции воведени врз Русија, вклучувајќи мерки против 200 брода од таканаречената флота во сенка. Тоа го објави главната дипломатка на ЕУ, Каја Калас.
– Новите мерки се однесуваат и на хибридните закани и човековите права. Во тек се дополнителни санкции против Русија – изјави Калас.
Амбасадорите на ЕУ минатата недела го поддржаа 17-от пакет, но оттогаш тој беше критикуван како слаб и разводнет. Новите санкции се насочени кон членови на руската воена и политичка елита и странски субјекти во Кина или Обединетите Арапски Емирати, обвинети дека му помагале на Кремљ да ги избегне веќе воведените мерки.
Овој потег доаѓа во време кога САД сигнализираат дека не се заинтересирани за воведување дополнителни санкции против Русија. Додека европските лидери објавија дека дополнителните санкции се координирани со Вашингтон, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „нема намера да воведе нови мерки врз Москва за да избегне попречување на мировните напори“. Р.С.