Многу се радувам што успеав цели две и пол децении да ја реализирам мојата дедомразовска мисија, да им носам радости на децата и да им подарувам новогодишни пакетчиња, и покрај тоа што сум обичен градежен работник, вели Ѓорѓи Вареловски

Популарниот кавадаречкиот дедо со бела брада по 25-ти пат ги отвори вратите на својата куќа бајка

Успешната и хумана приказна на кавадаречкиот Дедо Мраз – Ѓорѓи Вареловски, трае цели 25 години и им носи радост на многу деца од цела Македонија, но и надвор од неа. Оваа година, семејството Вареловски месец и половина вредно работеше на украсување и уредување на дворот за да изгледа уште подобро од лани.
Во саботата, кавадаречкиот Дедо Мраз им беше домаќин на 45 дечиња од социјално загрозени семејства од градот Прилеп. Се разбира, тие дојдоа по негова покана, а тој како и во изминативе години се потруди да биде добар домаќин, да им ги покаже најубавите места во Кавадарци, добро да ги нагости и да им подари новогодишни пакетчиња.

Според зборовите на Ѓорѓи Вареловски, туристичката новогодишна прошетка со дечињата од Прилеп започнала со посета на фабриката „Кожувчанка“, каде што се запознале со целиот производен процес, потоа ја посетиле винарската визба „Тиквеш“, каде што директно можеле да го видат производството на вината и жестоките пијалаци и од водичот да слушнат за тој процес. Нивна наредна дестинација бил прекрасниот градски парк во Кавадарци, потоа следувала посетата на Винскиот музеј и запознавање со историјата на лозарството и винарството во Тиквешијата. Во Моклиште го посетиле спомен-паркот „12 ваташки младинци“, по што следувал ручек во ресторанот „Моклиште“. Последната дестинација на гостите од Прилеп бил дворот на Дедо Мраз каде што за прекрасно поминатиот ден тие го дарувале Дедо Мраз со новогодишни песнички, а за возврат добиле новогодишни пакетчиња.
– Многу се радувам што успеав две и пол децении да ја реализирам мојата дедомразовска мисија, да им носам радости на децата и да им подарувам новогодишни пакетчиња, и покрај тоа што сум обичен градежен работник. Изминативе години можам да ги наречам „25 години радост и хуманост на семејството Вареловски“, затоа што без нивната поддршка не би успеал. Планирам и понатаму да продолжам сѐ додека можам финансиски да го издржам тоа. И годинава во дворот ставив сандаче за донации од родителите што ги носат нивните деца кај мене, кој колку може. Од собраните средства повторно ќе донирам како и досега пакети со храна за социјално загрозени семејство, кои ги одбираме заедно со Центарот за социјални работи во Кавадарци. Сѐ до божиќните празници, секој ден, во терминот од 18 до 20 часот јас ќе ги чекам дечињата да ме посетат и ќе им бидам на располагање затоа што тоа ме прави среќен – вели кавадаречкиот Дедо Мраз, Ѓорѓи Вареловски.
И оваа посета на Дедо Мраз беше посебна, затоа што се некои други деца и сите со себе ќе понесат свои впечатоци, кои се многу емотивни и убави за гледање.
И токму тогаш кога се поздравувавме едно детенце го праша: „Дедо Мраз, може да те гушнам за добра ноќ?
Не е потребен коментар за овој искрен детски восклик, а поддршката што „Колибри“ му ја дава на кавадаречкиот Дедо Мраз за да продолжи да им помага на децата да веруваат во остварувањето на нивните соништа ќе продолжи и во иднина.


Месеците

Сѐ се менува
и сѐ се движи
Нова година
иде, ближи.

Еве, декември
веќе е тука,
а јануарко
на врата чука…

Дванаесет точно
како на низа,
секогаш идат
без пасош и виза.

Две елки

Две елки во собата
накитени, свечени,
За Нова година
празнично облечени.

Едната во облека
од модните салони,
другата со играчки,
кукли, лампиони.

Сега веќе знаете,
едната е Елена,
а другата „Елена“
е елка зимзелена.

Надвор врнат снегулки
танц на снежни ѕвездички,
а внатре во собата
Елка пее песнички.

Тој што ќе ги погледне
така китни весели,
во своето детство
веднаш ќе се пресели.

Наум Попески
(Од книгата „Летни светни светулке“)