Данското претседателство разгледува „да се воведе ограничување на опсегот на одлуките на Европскиот суд за човекови права ако тие се во спротивност со европските интереси, како и да се преиспита Европската конвенција за човекови права ако таа ‘ги штити погрешните луѓе’“ (?!)
Бугарскиот дискурс кооптиран како приоритет за новиот претседавач на Европската Унија?!
Данскиот амбасадор во Бугарија, Флеминг Стендер, на 3 јули 2025 година ги претстави приоритетите на Данска како претседател на Советот на ЕУ на заедничкиот состанок на парламентарните комисии за надворешна политика и европски прашања на Собранието на Р Бугарија. Бугарскиот информативен портал „Дебати.бг“ истиот ден ги објави нагласките од искажувањата на данскиот дипломат.
– Сегашните тенденции ја нагласуваат потребата од проширување на ЕУ врз основа на резултатите и заслугите во согласност со Копенхашките критериуми. Се очекува дека за време на претседателството ќе се обезбеди поддршка за проширувањето на ЕУ, со фокус на можното членство на Украина, што е уште еден важен елемент од агендата на данското претседателство. Поддршката за Украина останува приоритет, со планови и за забрзување на нејзината европска интеграција. За Украина данското претседателство ќе бара значителен напредок, но и за Молдавија и Западен Балкан, на кои исто така ќе им биде даден приоритет – кажа Стендер.
Данскиот амбасадор Стендер: Ќе се преиспитува Европската конвенција за човекови права (?!)
Интересна е информацијата што ја пренесува бугарскиот портал „Дебати.бг“ во врска со проширувањето на ЕУ и конкретно прашањата со Македонија (РСМ). Имено, амбасадорот Стендер посочил во Собранието на Бугарија дека „ќе се почитува договорот од 2022 година“.
– Ќе се придржуваме до оваа рамка и ќе го следиме она што е договорено – додаде амбасадорот Стендер. Но уште посигнификантен е неговиот став искажан во бугарското собрание дека данското претседателство разгледува „да се воведе ограничување на опсегот на одлуките на Европскиот суд за човекови права ако тие се во спротивност со европските интереси, како и да се преиспита на Европската конвенција за човекови права ако таа ‘ги штити погрешните луѓе’“. (?!)
Претседателката на парламентарната комисија за надворешни работи на бугарското собрание, Јорданка Фандакова (ГЕРБ-СДС), изјави дека „принципот на сопствени заслуги е клучен како фундаментален принцип за проширувањето на ЕУ“.
– Тој принцип мора да важи за напредокот на сите земји, вклучително и на С. Македонија, за што активно се расправа во последно време, а спроведувањето на европскиот консензус од 2022 година мора јасно да биде изразено – додаде Фандакова.
Претседателот на Комисијата за европски прашања и контрола на европските фондови, Димитар Гардев (од партијата Има таков народ), рече дека „Бугарија мора да го следи принципот на европски консензус во контекст на проширувањето“. Тој прецизираше дека „нема билатерален спор меѓу Бугарија и РСМ и оти процесот на проширување е исклучиво меѓу Македонија и ЕУ“.
Ангел Георгиев од партијата Преродба нагласи пред данскиот амбасадор дека „договорот од 2022 година не се спроведува редовно и оти има сериозни кршења на човековите права“.
– Бугарските клубови во С. Македонија се затвораат преку дискриминаторски закони – посочи Георгиев.
Скандалозно: Книги со фалсификувана историја, подарок за данскиот дипломат
На седницата во бугарскиот парламент, пратеникот Драгомир Стојнев од БСП-Обединета левица му подари на амбасадорот Стендер две книги. Едната книга е од европски дипломати и анализира илинденско-преображенско востание. Другата книга е посветена на Македонија од средината на 19 век до Првата светска војна и вклучува карти на кои Македонија е означена како дел од Бугарија, извести „Дебати.бг“ во својот извештај од заедничката седница на двете бугарски парламентарни комисии, на која присуствувал и данскиот дипломат.
Бугарскиот информативен портал „Њуз бизнис полиси“ во својата статија со наслов „Драгомир Стојнев му подари на данскиот пратеник историски книги за Македонија“ на 3 јули се осврна подетално на „наменскиот“ лоби-подарок што го доби амбасадорот Стендер од претседателот на парламентарната група на БСП-Обединета левица, Стојнев.
– Ова се записи на ваши колеги дипломати од пред 120 години во врска со Илинденско-преображенското востание од 1903 година, кога бугарските земји останале под влијание на Отоманската Империја, а потоа народот се побунил. Ова денес одбива да го признае С. Македонија. Таму има граѓани со бугарска самосвест што се нарекуваат Бугари. Покрај тоа, тие се уште и прогонувани и репресирани – му „објаснил“ Стојнев на данскиот дипломат, пишува „Њуз бизнис полиси“.
Според Стојнев, „во првата книга во своите извештаи повеќе од 30 амбасадори во Цариград ги опишуваат страдањата на Бугарите во овие земји, а во таа книга има и недвосмислени информации за бугарски етнички состав на населението во Македонија. Во таа книга британскиот амбасадор во Цариград пишува: ‘Цела Македонија, со исклучок на 130 села, беше вклучена во бугарската востаничка организација’. Австроунгарскиот министер за надворешни работи е категоричен: ‘Бугарското движење доби карактер на востание’“.
– Втората книга содржи карти од познати картографи од целиот свет на Балканот во периодот од средината на 19 век до Првата светска војна, во кои Македонија е означена или како дел од Бугарија, или како посебен регион – додал бугарскиот пратеник Драгомир Стојнев на споменатата седница на двете бугарски парламентарни комисии. Давајќи му го „интересниот подарок“ на амбасадорот Стендер, тој му напомнал дека „овие историски книги ќе му бидат корисно четиво, за да може да знае што се случувало навистина во бугарските земји“.
За обележување е како Софија жестоко настапува со својата пропаганда, лаги и полувистини, кои ги пакува во скапи обланди и со нив лобира во сите европски центри на моќ.
За обележување е и лансираната кампања со мотото „Данското претседателство со ЕУ и перспективите на Бугарија“, која била почната на 3 јули 2025 година во централниот воен клуб во Софија. „Ја лансиравме ‘Данското претседателство со ЕУ и перспективите на Бугарија’!“, објавија на своите официјални налози на Инстаграм и данската амбасада и бугарската невладина организација „Пан Европа Бугарија“. Напомнато е дека кампањата има економски аспекти, но секако и поддршка за некои други аспекти и стремежи…
Данската амбасада во Софија и бугарската невладина организација „Пан Европа Бугарија“ објавија заедничка кампања:
Данското претседателство со ЕУ и перспективите на Бугарија
Не случајно, напоредно со силната и забревтана бугарска лоби-активност кај Данска околу нејзиното претседателствување со ЕУ, се одржа и „дипломатско-музички“ бугарско-дански микс: пред два дена почетокот на данското претседателство со ЕУ беше одбележан и со свечен концерт во салата „Бугарија“, со кој се прославија и 90-годишнината од Бугарското национално радио и 100-годишнината од Данското национално радио.
– Како затворање на сезоната 2024/2025 со Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио, предводен од Константин Илиевски, концертот беше прослава на данската современа музика и убавината на скандинавската природа.
Програмата ја вклучуваше живата „Скандинавска свита“ од Владигеров, проследена со европската премиера на „Концерто бореалис“ од Серен Хилдгард. Ларс Карлин, главниот тромбон од Симфонискиот оркестар на Данското национално радио, блесна како солист заедно со прекрасниот симфониски оркестар на Бугарското национално радио.
Голема благодарност до директорката Кристина Денчева од Здружението на бугарски дувачки перспективи за организирањето прекрасна вечер полна со енергија, култура и незаборавна музика! – објави данската амбасада во Софија на својот официјален фејсбук-профил.
За обележување е и (некаква си) кампања со мотото „Данското претседателство со ЕУ и перспективите на Бугарија“, која била лансирана на 3 јули 2025 година во централниот воен клуб во Софија.
– Ја лансиравме „Данското претседателство со ЕУ и перспективите на Бугарија“! – објавија на своите официјални налози на Инстаграм и данската амбасада и бугарската невладина организација „Пан Европа Бугарија“. Напомнато е дека кампањата има економски аспекти, но секако и поддршка за некои други аспекти и стремежи…
Тој ден, 3 јули, во Филозофскиот факултет на Софискиот универзитет невладината „Пан Европа Бугарија“ и данската амбасада во Софија заедно организирале и „настан по повод отпочнувањето на данското претседателство со ЕУ“. Местото на одржувањето било во Централниот воен клуб во Софија. Главна тема биле „бугарските перспективи“ во текот на шестмесечното претседавање на Данска со ЕУ.
Една од „главните ѕвезди“ на настанот бил данскиот амбасадор Стендер.
Настанот бил организиран од „Пан Европа Бугарија“ во партнерство со фондацијата „Конрад Аденауер“ во Бугарија, Бугарскиот дипломатски институт и со посебно учество на Амбасадата на Данска во Софија.
Покрај данскиот дипломат, кој имал своја специјална презентација, биле присутни и како модератор Гергана Паси, претседателка на „Пан Европа Бугарија“, Георг Георгиев, министерот за надворешни работи на Бугарија и Јорданка Чобанова, раководителка на претставништвото на Европската комисија во Бугарија, како и Норберт Бекман-Диркес, раководител на канцеларијата на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Бугарија.
Останува да се види во наредните недели и месеци какви „содржини“ ќе произлезат во рамките на „бугарските перспективи“, ама за претпоставување е дека дел од тие „перспективи“ ќе бидат поврзани и со Република Македонија, односно како официјална Софија да го искористи до максимум својот статус како „приоритет за Данска“.
Свето Тоевски