Фото: Приватна архива

„Колку сме искрени да кренеме рака“ – нова книга за тинејџери на Маја Трајковиќ

Минатата среда во Културно-информативен центар (КИЦ) во Скопје се одржа промоција на новата книга за тинејџери, насловена „Колку сме искрени да кренеме рака“, на авторката Маја Трајковиќ. Таа се фокусира на искреноста кај тинејџерите од школска возраст, кои растат во современиот дигитален свет.
Рецензентка на книгата е Лилјана Пандева, а ученичките Јана Китановска и Анастасија Тодоровска од ООУ“Св. Климент Охридски“ – општина Кисела Вода, заедно со својата менторка Наташа Старделова, подготвија драматизации со извадоци од книгата, кои ги изведоа пред публиката од сите возрасти. На промоцијата беа проследени и видеа од авторите Михаил и Симон Трајковиќ.
– Ова е мое прво литературно дело посветено на тинејџерите, но се надевам не и последно, бидејќи би сакала да продолжат авантурите на главната хероина Саша со нејзините пријателки и пријатели, поврзани со современи теми. Книгата е одговор на нашето општество, кое е недоволно искрено и отворено. Тинејџерите, како најчувствителната популација, секојдневно го бараат спокојот, но тој може да им биде нарушен и во двата света: едниот е дигиталниот, а другиот е реалниот. Но и двата еднакво ги збунуваат и ги демнат со предизвици.

Прекинат дијалог

Во дигиталната доба е прекинат дијалогот меѓу возрасните и тинејџерите, смета авторката Маја Трајковиќ.
Нејзина замисла беше промоцијата да биде интерактивна и затоа публиката одговараше со крената рака на прашањата од типот дали некогаш објавиле фотографија со филтер за да изгледаат подобро, дали избришале објава затоа што немала доволно лајкови, дали лајкнале нешто само од учтивост, а не затоа што навистина им се допаѓа, дали некогаш напишале статус што не ја кажува целата вистина и дали се чувствувале под притисок да изгледаат „среќно“ на социјалните мрежи.
Таа посака нејзината книга да сакаат да ја,,скролаат“ тинејџерите како што ги гледаат видеата по социјалните мрежи, бидејќи низ нејзината долгогодишна работа како наставничка, педагог и библиотекарка свесна е дека новите генерации не читаат книги, доколку не се опфатени со теми од нивните интереси.
Присутните имаа можност да учествуваат во интерактивни активности дизајнирани да поттикнат размислувања за сопствената искреност.
Едно од клучните прашања беше: Дали повеќе сме искрени офлајн или онлајн?
Младите учесници имаа можност да се изјаснат и да дискутираат за разликите меѓу виртуелниот и реалниот свет, откривајќи дека понекогаш е полесно да се прикажеме онака како што сакаме на социјалните мрежи, а не секогаш такви како што навистина сме.
Исто така, учесниците беа повикани да размислат како би изгледала објава доколку немале страв од осуда. Некои напишаа искрени чувства за своите дневни предизвици, радости и стравови, додека други се изразуваа со креативни пораки што ги одразуваа нивната личност и емоции.
Овие активности не само што поттикнаа искреност туку и ги развија самосвеста и способноста за емпатија, особено кај младите.

Платформа за отворен разговор

Промоцијата покажа дека книгата „Колку сме искрени да кренеме рака“ не е само литература туку и платформа за отворен разговор и рефлексија за тоа како тинејџерите се чувствуваат, комуницираат и се прикажуваат пред другите.
Овој настан е доказ дека книгите можат да бидат повеќе од читање, тие можат да бидат искуство, дијалог и инспирација за секој млад човек да размисли колку е искрен кон себе, која се фокусира на искреноста и автентичноста кај младите во современиот дигитален свет.
Како завршница од промоцијата сите присутни учесници кренаа рака, но не инстаграмски, туку во реално расположение за искреност во живо, не само за искреност онлајн.

М.Т.

Маја Трајковиќ