Миа (Елизабет Олсен) и Аријан (Химеш Пател) живеат во свет разорен од глобално затоплување и од општествени немири, каде што државата прогласила дека никој не може да има дете без претходно да помине сеопфатна еднонеделна процена. Верувајќи дека ќе бидат одлични родители, тие ја пречекуваат својата проценувачка Вирџинија (Алиша Викандер) во нивниот дом. Првично, Вирџинија им поставува прашања за нивната семејна историја, личности и сексуални навики, но на вториот ден ги изненадува преправајќи се дека е развратно мало дете, тестирајќи ја нивната способност да се справат со неговата непослушност. Ова неочекувано глумење ги вознемирува Миа и Аријан – особено затоа што, во текот на неделата, тие не знаат со која верзија на Вирџинија ќе се сретнат

Рецензија на филмот „Процената“ од 2024 година

Истражувајќи дистописка иднина во која двојките мора да докажат дека се достојни да бидат родители, „Процената“ е интригантна премиса во потрага по поуспешна човечка изведба. Флер Форчун, режисерка што е на почетоците на својата ветувачка кариера, се потпира на своето искуство во музичките видеа за да испорача силно чувство за композиција и расположение. Елизабет Олсен и Химеш Пател играат како брачна двојка, а Алиша Викандер дава храбра изведба како неконвенционалната проценителка што ќе живее со нив една недела. Во својот дебитантски долгометражен филм, Форчун испорачува интересен и прониклив научнофантастичен трилер, кој до самиот крај останува непредвидлив и замрсен. Тензијата се зголемува до самата кулминација, која еруптира пред да заврши седумдневната евалуација на двојката.
„Процената“ премиерно се прикажа како специјална презентација на фестивалот во Торонто минатата година и предизвика особено внимание кај љубителите на научната фантастика. Ѕвездената моќ на Олсен и Викандер и нивната верна изведба несомнено ќе привлечат гледачи, а острата футуристичка нишка на сценариото може да повлече јасни споредби и паралели со слично студениот „Екс макина“ на Викандер.
Миа (Елизабет Олсен) и Аријан (Химеш Пател) живеат во свет разорен од глобално затоплување и општествени немири, каде што државата прогласила дека никој не може да има дете без претходно да помине сеопфатна еднонеделна процена. Верувајќи дека ќе бидат одлични родители, тие ја пречекуваат својата проценувачка Вирџинија (Алиша Викандер) во нивниот дом. Првично, Вирџинија им поставува прашања за нивната семејна историја, личности и сексуални навики, но на вториот ден ги изненадува преправајќи се дека е развратно мало дете, тестирајќи ја нивната способност да се справат со неговата непослушност. Ова неочекувано глумење ги вознемирува Миа и Аријан – особено затоа што, во текот на неделата тие не знаат со која верзија на Вирџинија ќе се сретнат.

Форчун, која корежирала видеа за уметници како M83 и Дрејк, соработува со продукцискиот дизајнер Јан Улевиг за да внесе минималистичка убавина во спартанскиот дом на двојката, каде што се одвива поголемиот дел од „Процената“. Едноставни, но ефективни специјални ефекти алудираат на тоа што се случило надвор од тие ѕидови, при што сценариото прави алармантни алузии на новото нормално. Кошмарите од таканаречениот Стар Свет се контроверзни, бидејќи границата што е поставена меѓу нив временски не е премногу далеку од времето што го живееме во моментов.
Таа вознемиреност што оваа временска дискрепанца ја предизвикува кај гледачите најизразено се рефлектира во нервозата на Миа и Аријан околу средбата со Вирџинија, чија мазна коса и концизни манири првично ја прават да изгледа речиси роботизирана. Вирџинија е претставник на бесчувствителната тоталитарна држава на оваа блиска иднина и таа лесно ја заплашува оваа љубовна, скромна двојка, која очајно сака да покаже не само дека заслужува да има дете туку и дека е корисен придонесувач во ова дистописко општество. Тие двајца се чувствуваат како залутани вонземјани од некој стар свет, во време во кое нивните доблести претставуваат мани и недостатоци. Миа работи со растенија и почва, додека нејзиниот сопруг дизајнира реалистични вештачки миленици – неопходна иновација во време кога вистинските миленици се забранети.
Откако Вирџинија се претвора во тврдоглаво дете, „Процената“ ја ископува темната комедија на Миа и Аријан, кои мора да се соочат со возрасна жена што создава бес и раздор кај двојката. Таа одбива да јаде и бара да биде носена. Срамежливата насмевка на Викандер за време на овие трансформации навестува дека можеби Вирџинија ужива во моментот. Аријан постојано ја уверува Миа дека овие тестови имаат цел да го предизвикаат нивното трпение – ако останат смирени и работат како тим, сигурно ќе ја илустрираат својата заслуга како идни родители. Но колку повеќе „малото дете“ го претпочита Аријан пред сопругата, толку повеќе вметнува клин на раздор кај двојката – што Вирџинија наскоро ќе го искористи на други начини. Дали сето ова е навистина дел од тестот? Или има нешто лично и одмаздољубиво во начинот на кој Вирџинија го спроведува ова специфично оценување?
Однесувањето на Вирџинија е крајно дискутабилно и контроверзно. Таа од момент на момент, необјасниво ги менува своите улоги, од мало разгалено дете, па сѐ до зрела и заводлива жена што има само една цел, сексуално да го искористи Аријан.
Како што може да се очекува, одредени граници ќе станат нејасни откако двојката ќе почне да се грижи за емоционално сиромашно дете, кое всушност е возрасно лице. Но тие пресврти ја губат својата потенцијална провокација бидејќи се одвиваат мошне предвидливо. Покрај тоа, Миа и Аријан се толку неразвиени што публиката не може целосно да ги цени наводно длабоките пукнатини што овој проценувач ги пронашол во нивниот навидум совршен брак.

Можеби најизненадувачки од сè е фактот дека, за наратив толку вложен во потрагата на Миа и Аријан да станат родители, „Процената“ на крајот нуди малку одговори, кои на моменти стануваат или сатирични или неискрени за да се опише феноменот на одгледување деца. Сликата е можеби повеќе разработена и вниманието на Форчун е насочено кон визуелното ниво. Беспрекорно стерилните, монохроматски слики, кои потсетуваат на едноставноста на Мондриан, евоцираат иднина во која животните задоволства, како што е семејството, се избришани, но сценариото, за жал, никогаш не ги истражува тие подлабоки теми.
Гледајќи објективно на придобивките и загубите од гледањето на „Процената“, може да се заклучи дека овој филм не е револуционерен научнофантастичен филм по ниеден параметар, но несомнено се работи за интересен концепт, кој внесува доза свежина и разноликост во овој филмски правец. Можеби овој филм не е најдобриот научнофантастичен филм што ќе го погледнете годинава и неговите оцени не одат високо, но сепак општиот впечаток е дека „Процената“ можеби е неправедно потценет филм, имајќи предвид дека станува збор за прв филм на млада и надежна режисерка, која вешто владее со техничките аспекти на режирањето, има остра и прецизна идеја, која прецизно и јасно ја реализира. Сепак, некогаш е пожелно да се погледне и филм што ќе ви понуди доволно визуелни задоволства на сметка на полесна дистописка приказна, која нема премногу да ве оптовари.