Медицински совет
Хипертензијата е голем непријател на човековото здравје, но постојат одредени намирници што можат да помогнат во намалувањето на крвниот притисок. Од зеленчук до овошје, цели зрна и јаткасти плодови, треба да додадете и семиња, како што се лен и чиа, благодарение на кои можете да го контролирате крвниот притисок. Крвниот притисок, силата со која крвта циркулира, е многу важен за одржување на правилна циркулација, објаснува кардиоваскуларниот хирург д-р Сушант Шривастава, додавајќи дека неговото намалување е од суштинско значење за спречување компликации опасни по живот.
– Високиот крвен притисок, познат и како хипертензија кога е повеќе од 130/80, врши прекумерен притисок на ѕидовите на артериите. Ова води до стврднување и стеснување на артериите, што, пак, го намалува протокот на крв во вашите органи – вели експертот.
Лековите се важни за контрола на хипертензијата, но може да помогнат и промените во животниот стил, објаснува нутриционистот Аншул Синг. Интересно е и тоа што семките можат да бидат значаен сојузник на патот кон добро здравје. Нудиме неколку предлози што можат да ви помогнат да го контролирате крвниот притисок.
1. Ленено семе: Овие семиња се полни со хранливи материи, влакна, алфа-линоленска киселина и лигнани. Алфа-линоленска киселина или АЛА, која е омега-3 масна киселина, може да помогне во намалувањето на систолниот и дијастолниот крвен притисок.
2. Чиа-семе: Во студија од 2021 година, учесниците со хипертензија што консумирале 40 грама чиа-семе дневно во текот на 12 недели, имале намален крвен притисок.
3. Семки од тиква: Семките од тиква се богати со магнезиум, есенцијален минерал што ги опушта крвните садови и го намалува крвниот притисок.
4. Семки од сончоглед: Овие семиња се полни со витамин Е и магнезиум, кои се добри за здравјето на срцето.
5. Семе од сусам: Поради неговата висока содржина на полинезаситени масни киселини и влакна, сусамот го намалува воспалението и помага во одржување на крвниот притисок.