Фото: „Нова Македонија“
  • Иако формално НАТО останува обединето, дебатата околу европската автономна одбрана сè поотворено го доведува во прашање трансатлантскиот консензус што со децении ја држеше Алијансата стабилна

Острите изјави на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека Европа „сонува“ ако мисли дека може да се одбрани без САД, повторно ги откриваат сè подлабоките недоразбирања меѓу Брисел и Вашингтон за иднината на Алијансата и распределбата на безбедносниот товар. Иако формално НАТО останува обединето, дебатата околу европската автономна одбрана сè поотворено го доведува во прашање трансатлантскиот консензус што со децении ја држеше Алијансата стабилна.

Порака од Брисел, ехо од Вашингтон

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, пред Европскиот парламент предупреди дека Европа не може да се одбрани без американската воена и нуклеарна поддршка, испраќајќи порака што многумина во Брисел ја протолкуваа како усогласена со американската позиција.
– Ако некој мисли дека Европа може да се одбрани без САД – нека продолжи да сонува – рече тој, додавајќи дека Европа и Америка се меѓусебно зависни.
Но токму ваквите изјави доаѓаат во момент кога Вашингтон сè појасно сигнализира дека неговите стратешки приоритети се менуваат.
За потсетување, Националната безбедносна стратегија на САД ја повика Европа да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана, додека претседателот на САД отворено ја доведе во прашање подготвеноста на САД автоматски да ги бранат сојузниците. Заканите со царини, спорот околу Гренланд и фокусот на одбраната на американската територија и западната хемисфера создадоа чувство во европските престолнини дека американската безбедносна гаранција повеќе не е безусловна.

Европски одговор: Сакаме повеќе автономија, а не напуштање на НАТО

Како реакција на ставовите на Вашингтон, Франција и неколку други земји сè погласно зборуваат за зајакнување на европскиот столб во рамките на НАТО, а не за напуштање на Алијансата. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро јавно му се спротивстави на Руте: „Европејците можат и мора да ја преземат одговорноста за сопствената безбедност. Ова е европскиот столб на НАТО“. За генералниот секретар на НАТО, ваквите идеи, како што е француската, претставуваат ризик. Тој го нарече европскиот столб „празен концепт“ што води кон дуплирање на капацитетите и внатрешни поделби.
И Европската комисија (ЕК) преку комесарот за одбрана Андриус Кубилиус отвори прашање што досега беше табу: „Како Европа би се одбранила доколку САД значително го намалат своето воено присуство“?
Руте предупреди дека автономната европска одбрана би значела изградба на сопствен нуклеарен чадор – процес што би чинел стотици милијарди евра и би ја оставил Европа без американската крајна гаранција. Но самото отворање на ова прашање – преку предлогот на Емануел Макрон за проширување на француското нуклеарно одвраќање – покажува колку длабоко е еродирана довербата во трансатлантската заштита. Р.С.


Осврт на повеќе аналитичари во врска со разидувањата во НАТО

Структурна криза на доверба меѓу Брисел и Вашингтон

Безбедносните експерти предупредуваат дека постои растечки јаз меѓу официјалната реторика на НАТО и практичната американска политика.
– Одржувањето на митот дека САД секогаш ќе ја бранат Европа е опасно. Европа може да се одбрани – прашањето е дали има политичка волја – оцени Макс Бергман од Центарот за стратешки и меѓународни студии.
Гезине Вебер од ETH-Цирих е уште подиректна, велејќи: „Европејците не сонуваат. Тие се подготвуваат за сценарио во кое САД повеќе нема да бидат таму“.
Аналитичарите коментираат дека Украина останува најјасниот показател за зависноста на Европа од САД. Руте призна дека без американското оружје и системи за воздушна одбрана, Киев не може да ја продолжи борбата. Тие издвојуваат дека иако НАТО формално останува единствено, дебатата околу европската одбрана открива структурна криза на доверба меѓу Брисел и Вашингтон. Прашањето повеќе не е дали Европа сака да стане поавтономна, туку дали може да си дозволи да не биде во свет во кој „американската автоматска поддршка на ЕУ“ повеќе не се подразбира дека е автоматска. Р.С.