Фото: Архива „Нова Македонија“

Долгото справување со пожарите говори за долги години еродиран ексфункционален систем што бил игнориран за да се адаптира на новите состојби. Околностите и динамиката на денешното живеење подразбираат значително поголемо димензионирање на противпожарните екипи за време на летните месеци, кога е присутна опасноста од масовни пожари. Она што земјава може да го научи и примени од соседните држави, тоа е принципот на цивилни противпожарни сили што би се активирале исклучиво во вонредни околности. А, секако, предизвик не се само пожарите. Тука се и поплавите, земјотресите и други закани од пошироки размери. Пожарите во моментов се актуелни, па на тој пример што побрзо треба да се форматира концепт за создавање механизми за поефективно интегрално устројство од професионалци и доброволци, кое ќе биде во функција на граѓаните, нивното здравје и животи, и во функција на зачувување на материјалните добра и природното богатство

Како до функционален систем што обезбедува високо ниво на заштита од закани и штети за граѓаните и добрата

Актуелната состојба со пожарите во Македонија летово, но и низ годините, уште еднаш го истакна акутниот проблем со кој се соочува државата, а тоа е недостиг од луѓе и опрема за ефикасно справување со огнената стихија. Според последното истражување на Центарот за граѓански комуникации, во 34-те противпожарни единици во државата недостигаат 340 пожарникари. Најмногу пожарникари недостигаат во Скопје, повеќе од 200. Во Куманово има 33 пожарникари помалку од она што го пропишува законот, во Битола има 21 пожарникар помалку, а во Тетово 17. Подобро од минимумот е во Ресен, каде што има шест пожарникари повеќе, а во Гостивар, Струга, Кичево и Делчево има по четворица над долната граница. Помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни единици во земјава.
Бројките од истражувањето покажуваат дека во земјава има недоволен број пожарникари, а во време кога пожарите низ државата никако да стивнат, станува повеќе од извесно дека бројот на пожарникари не само што треба да се удвои туку треба и да се дополни со соодветна обучена резерва ако државата во иднина сака ефикасно да се справува со огнените стихии.

Долгогодишна ерозија на системот, кој бара радикално унапредување

Потврда дека актуелниот противпожарен состав не е доволен да се справи самостојно со пожарите низ земјава е враќањето на пензионираните пилоти на „ер тракторите“, кои се согласија да управуваат со специјализираните воздухоплови во вакви вонредни околности, имајќи предвид дека државата претходно не обучила нови млади пилоти.
На терен состојбата се покажа уште покатастрофална, кога на гаснење пожари од големи размери одеа по десетина пожарникари со дотраена опрема, па подоцна на помош мораа да им притекнуваат пожарникари од други општини.
Сето ова говори за веќе целосно еродирање на еден поранешен и одамна познат функционален систем, кој ќе биде адаптиран на новите состојби, а што подразбира значително поголемо димензионирање на противпожарните екипи за време на летните месеци, кога е присутна опасноста од масовни пожари.
Она што земјава може да го научи и примени од соседните држави, тоа е принципот на цивилни противпожарни сили што би се активирале исклучиво во вонредни околности. Добар пример за таква организираност е Словенија, која на некој начин го примени системот на цивилна заштита пресликан од поранешната заедничка држава.
Имено, словенечката противпожарна служба се базира на доброволни пожарникари. Така, сега има повеќе од 174.000 члена во 1.336 противпожарни здруженија во Словенија, од кои повеќе од 36.000 се доброволни оперативни пожарникари (21 отсто од целото членство).
Доброволното гаснење пожари има 150-годишна традиција во Словенија. Луѓето на доброволна основа им се приклучуваат на противпожарните бригади за поефикасно да се спречат и гаснат пожарите. Задачата на противпожарните бригади е многу повеќе од само гаснење и спасување во случај на пожари, добар дел од нив најдоа социјална поддршка и солидарност, несебична помош во случај на каква било катастрофа.
Сојузот на пожарникарите на Словенија е независен, непрофитен, хуманитарен, неполитички и највисок облик на здружување на доброволните пожарникари и нивните синдикати. Тој работи врз основа на Законот за општества и Законот за противпожарна бригада. Тоа е сојуз на сите доброволни противпожарни бригади, сите доброволни индустриски противпожарни бригади и нивните противпожарни здруженија, кои се организирани на општинско, меѓуопштинско и регионално ниво, на тој начин обезбедувајќи покриеност на целокупната територија на државата.
Начинот на кој се привлекуваат граѓаните да пристапат кон ваквите здруженија е преку различни активности што се особено интересни за младите. Станува збор за полнолетни лица што добиваат членска книшка од здружението, ја минуваат потребната обука и се доволно остручени да се вклучат во гаснењето пожари. Покрај основната, тие имаат и дополнителна континуирана обука за да можат да се справат и со многу посложени ситуации кога е неопходно и со користење специјална опрема и боци со кислород.
Преку систем воспоставен со регионалните центри се добива информација за локацијата на која избувнал пожар, а информациите се добиваат и преку мобилни телефони и соодветни апликации. Доброволните бригади располагаат со основна опрема, која се чува во противпожарните станици, од каде што се подига при упатување на интервенција.
Доброволни пожарникарски бригади врз сличен принцип има и во Хрватска, со кои словенечките колеги остваруваат постојана комуникација и повремено организираат заеднички вежби. Припадниците на доброволните пожарникарски здруженија имаат и соодветни бенефиции во разни области, поради што од година на година расте интересот за зачленување во ваквите доброволни здруженија, особено меѓу младите.


Своевремено имаше доброволни работни бригади што низ поранешната држава градеа патишта и друга инфраструктура. Таа идеја за доброволни здруженија треба да се актуализира и кај нас, да им се понудат одредени бенефиции на оние што ќе членуваат, добро да се обучат и веќе следното лето да имаме тројно поголем број пожарникари на терен

Сериозни анализи за враќање и реактивирање форми на цивилната заштита

Кај младите да се креира свест за припадност и заштита на сопствената држава и сопствениот народ

Познавачите на состојбите сметаат дека Македонија треба да го следи словенечкиот пример и да се врати на системот на цивилна заштита ако сака во иднина поефикасно да се справува со непогодите.
– Добра е таа идеја за доброволни пожарникарски бригади бидејќи на тој начин ќе почне кај младите да се креира свест за припадност и заштита на сопствената држава и сопствениот народ. Тоа порано беше преку армијата, но сега многу покорисно би било младите да се насочат кон нешто многу пополезно отколку кон деструктивни работи, на кои секојдневно сведочиме. Своевремено имаше доброволни работни бригади што низ поранешната држава градеа патишта и друга инфраструктура. Таа идеја за доброволни здруженија треба да се актуализира и кај нас, да им се понудат одредени бенефиции на оние што ќе членуваат, добро да се обучат и веќе следното лето да имаме тројно поголем број пожарникари на терен. Се разбира, тие нема да бидат како професионалците, но ќе можат да се справуваат со помалите пожари, кои многу често ако не се санираат навреме, се претвораат во пожари од огромни размери. Добро е да дојде една таква бригада од Словенија и да ги пренесе своите искуства меѓу младите во Македонија, да почнат да се дружат, да разменуваат искуства, да спроведуваат заеднички обуки и вежби, за во иднина по потреба да можат и заеднички да дејствуваат – појаснуваат познавачите.
Според нив, Македонија треба да го врати системот на цивилна заштита што постоеше во поранешна Југославија.
– По тој систем, децата уште во основно образование имаа противпожарни обуки и имаше натпревари на градско и републичко ниво. Ако детето од мало се обучи на основните чекори, подоцна само ќе го потврди тоа знаење и ќе биде базично подготвено да учествува во гаснење пожари од помал обем, во пружање прва помош и други основни активности. Тоа важи и за сите други до 55-годишна возраст, кои би задолжиле некаква опрема, гас-маска, ракавици, сет за прва помош и кои во секое време во својата околина би можеле да учествуваат во спасувачки акции при некакви елементарни непогоди. Доаѓаат такви времиња кога пожарите, поплавите, силните ветришта и другите непогоди стануваат сѐ почести, а актуелните ресурси ни се мали. Затоа не е лош таквиот доброволен пристап на здружување, еден вид цивилна доброволна гарда што ќе им биде на располагање на својата држава и на граѓаните – заклучуваат поранешни старешини вклучени во цивилната заштита.