ОД ТВОРЕШТВОТО НА ПИСАТЕЛОТ МИХО АТАНАСОВСКИ
Драги наши читатели, се радуваме што и летово се дружите со нашите четири весели страници во „Колибри“. Многумина наставници ни кажаа дека оваа рубрика им е важна затоа што дел од песните ги користат во наставата, родителите ни рекоа дека ги потсетуваме на нивното детство, а наслушнавме дека некои дечиња вредно го учат наизуст стиховите од нашата рубрика, напишани од македонските поети за деца.
Денес ќе се потсетиме на творештвото на писателот Михо Атанасовски, кој речиси целото творештво им го посветува токму на децата, а своите почетоци во новинарството ги направил токму во „Нова Македонија“ во далечната 1955 година.
Тој е роден во 1934 година во Скопје. Објавува свои песни во весниците и списанијата уште за време на неговите гимназиски денови, а во тој период се појавува и неговата прва поетска книга „Очите и измаглините“. Постојано присутен во печатот, во радиото, а подоцна и на телевизија, Атанасовски објавил триесетина книги поезија, проза, басни во стихови, препеви, енигматски романи и поезија за деца.
Некои од неговите најпознати книги за деца се „Од лав до страв“, „Тутуле бале“, „Пуземаже и Цинцилин“, „Цветот што носи среќа“, „Уличето што носи среќа“, „Марко Новинарко“, „Кога се сакавме со Тинка“, „Зелените луѓе“ и други. Тој е и приредувач на книгата со препеви на народни песни за деца од целиот свет насловена „Какви бои има божилакот“.
Најголем дел од работниот век го минува во Радио Скопје, денес Македонско радио, како уредник на емисиите за деца, а до пензионирањето во 1997 бил уредник на современата радиодрама. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија од 1957 година.
Михо Атанасовски е добитник на голем број литературни награди и признанија, меѓу кои и наградата за најдобра книга за деца на „Струшките вечери на поезијата“ во 1979 година за збирката „Има еден прозорец“, како и „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, објавена во 2000 година, за книгата „Вечери кај шадрванот“. Починал во 2008 година во Скопје.
Во овој број на „Колибри“ се потсетуваме на Михо Атанасовски со извадок од поемата „Цветот што носи среќа“. Книга е објавена во 1994 година, а ново издание доживува во 2015 година од издавачката куќа „Темплум“ со илустрации на Александар Иванов. А вие, ако ви се допадне, пронајдете ја истоимената книга и прочитајте ја целата поема уживајќи во прекрасните стихови на еден од најголемите македонски писатели за деца.
Подготвил: Филип Димкоски
Три принцези како вити брези
Треперат треви, сводот се ниша,
се смеат цвеќа, слободно дишат,
трите принцези ко сонца греат-
толку радосни и среќни беа.
Момчето рече: – A сега мора,
да ја минеме Стаклената Гора.
Тргна прв во отворот влезе,
по него одат трите принцези,
одат, а во нив копнежи горат…
Така ја минаа Стаклената Гора.
А таму едно питомо место,
ливади цветни ко кралски престол,
па една река, низ врби која
се крие делче од својот појас,
па куќи-дати застане здивот,
како одиш в некој друг живот.
А крај момчето-трите принцези,
убави како три млади брези,
високи, танки и така стројни,
очите да ти истечат по нив….
(од книгата „Цветот што носи среќа“ од Михо Атанасовски, ИК „Александар&Александар“, Скопје, 1994)
