Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) објави две видеа на кинески јазик, чија цел е да ги убеди кинеските власти да им предадат класифицирани информации на САД, во најновиот обид на агенцијата да собере повеќе разузнавачки информации за стратегискиот ривал на Вашингтон, објави „Ројтерс“.
Најновиот потег доаѓа откако ЦИА во октомври објави онлајн упатства за тоа како безбедно да се контактира агенцијата во обид да регрутира нови доушници во Кина, Иран и Северна Кореја, објави „Ројтерс“.
Претходно ЦИА изјави дека спровела успешни обиди да ги привлече Русите на овој начин.
Американската разузнавачка агенција е уверена дека најновите видеа на кинески јазик ќе ги пробијат интернет-ограничувањата на Кина поради „Големиот заштитен ѕид“ и ќе стигнат до целната публика.
– Ако не функционираше, немаше да ги снимаме овие видеа – изјави за „Ројтерс“ неименуван функционер на ЦИА, додавајќи дека Кина е приоритет за САД во однос на разузнавањето.
Видеата прикажуваат фиктивни сцени за тоа како висок функционер на Кинеската комунистичка партија и владин службеник се разочарале од кинескиот систем и контактирале со ЦИА.
Кинеската амбасада во Вашингтон сè уште не ги коментираше видеата, но претходно ги обвини САД за спроведување систематска кампања за дезинформации против Кина.
ЦИА во март изјави дека Кина останува главна воена и сајбер-закана за САД, потсети „Ројтерс“.