Кон филмот „Монструм“ на јапонскиот режисер Хироказу Коре-еда
„Монструм“ (Monster) на јапонскиот режисер Хироказу Коре-еда e комплексна интригантна психолошка семејна драма, која со занимава со врсничкото насилство, хомофобијата, семејната дисфункционалност и лошите влијанија на социјалните мрежи. Коре-еда во овој филм соработува со сценаристот Јуџи Сакамото и покојниот композитор Рјуичи Сакамото, чија партитура создава слој на нијанси. Неговите тажни акорди на пијано честопати контраинтуитивно создаваат драма или напнатост. „Монструм“ е филм што воопшто не ги прикажува лесно своите значења, а неговиот мотив е да ги репродуцира истите настани од различна гледна точка, што има тенденција да отвори повеќе прашања отколку да понуди одговори.
Поттикнат од многуте награди и пофални коментари за овој филм, побрзав да го изгледам без размислување. Во обид да го сварам лесно, набрзо сфатив дека „Монструм“ не е филм што може да се гледа без максимална концентрација, посебно расположение и онолку енергија колку што е потребно, без да го загубиш вниманието. „Монструм“ е филм што ќе ве проголта додека трепнете.
„Mонструм“ во никој случај не е филм што треба и може да се гледа со пуканки и пиво, ниту е нетфликс-лимонада што се гледа пред заспивање. Не е ни филм што треба да го гледате ако ви се допаднале „Барби“, „Опенхајмер“ или можеби „Убијци на цветната месечина“. Во овој филм нема да најдете ништо што ќе ја задоволи вашата желба за опуштање, ниту ќе му пружи на вашето око некоја површна и плитка естетика. Најмалку ќе најдете возбудливи авантуристички моменти што ќе ве држат будни. Едноставно, на „Монструм“ не му е грижа за вашите потреби и нема намера да му се допадне некому. Неговата временска рамка и селективно откривање клучни информации ќе ве стават во дилема за правецот во кој ќе се одвива оваа драма. А тоа може доста да ве измори.
Насловот извесно време доведува во заблуда, повикувајќи нè да шпекулираме за темнината што го опкружува младиот Минато (Соја Курокава). Дали можеби детето е виновникот? Што е тоа што од некого прави „чудовиште“? Уште позагрижувачки, што би навело 11-годишно дете да прифати таква етикета за себе? Тие и сто други прашања се вртат во нашиот мозок додека Коре-еда прикажува портрет на проблематично момче, неговата самохрана мајка Саори (Андо Сакура), ексцентричниот учител г. Хори (Нагајама Еита) што ја менува формата и повремено тешко може да се следи, како и разни други ликови, од кои секој се покажува како многу покомплексен и непознат отколку што најпрво би можеле да претпоставиме.
Кога конечно ќе се појави објаснувањето за однесувањето на Минато, тоа спојува многу други мистерии на филмот. Но останува една: Зошто режисерот одбира толку збунувачки начин на раскажување на оваа конкретна приказна?
Градејќи вавилонска кула на неразбирливост и различна перспектива, тој го става секој лик во свој посебен универзум, далеку од оној на другиот. Одвлекувајќи го вниманието со теми како што се малтретирање, агресија и самоубиство, тој впрочем нѐ оттргнува од вистинската тема што ја обработува филмот.
А тоа се врсничкото насилство (булингот), социјализирањето на децата и неправедните притисоци врз некој што не одговара на нормата. Со тоа тој нѐ доведува до една проста но многу мрачна, тажна и, за жал, актуелна вистина со која се соочуваме во денешницата.
Режисерот настојува да нѐ наведе дека на ликовите во филмот им се случува нешто многу страшно и создава страв од некој невидлив монструм. Но монструмот всушност е леснотијата со која човек може да создаде погрешни заклучоци, за тоа зошто детето лаже, зошто наставникот е лош педагог и зошто родителот е недоволно посветен.
Доколку треба да се оцени, од еден до 10, „Монструм“ би добил 12! Без сомнение, еден од подобрите филмови во последнава деценија. Филм што нуди длабока перспектива и силна порака, која ќе ве остави будни да размислувате долго во ноќта. Филм што има моќ да расплаче и возрасен човек. А и како би се сомневале во квалитетот на јапонската кинематографија, нивната култура и посветеност? Нивната речиси совршена дисциплина? Јапонската топлина, понизност, љубов и дисциплина кон сѐ што прават?
„Монструм“ заслужено освои многу награди и номинации, меѓу кои и три награди на реномираниот филмски фестивал во Кан, меѓу кои и „златна палма“.
Доколку ви се допаднале филмови од типот на „Блиску“ (2022) и „Езерото Фалкон“ (2022), ова е дефинитивно филм за вас.
Режија: Хироказу Коре-еда
Сценарио: Јуџи Сакамото
Улоги: Соја Курокава, Андо Сакура,
Нагајама Еита