ХУМАНА СТРАНИЦА: ПОМОШ ЗА КОЧАНИ ОД „ВП МЕДИА“ ОД КОЛЕШИНО

Медиумскиот училиштен клуб,,ВП Медиа“ од ООУ „Видое Подгорец“ од селото Колешино, во близината на Струмица, е еден од поактивните, формиран како проект поддржан од МИМ, БРО и МОН.
Нивна последна иницијатива е донаторската акција насловена „Младите за младите“, која подразбираше собирање парични средства во кутии поставени на три локации: во фоајето на училиштето и во два локални маркета во Колешино. Кутиите за донации, наменети за семејствата на настраданите од Кочани, биле поставени на 17 март, ден по трагичниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“. Жителите на Колешино и на блиските населени места, вработените и учениците имале можност да ги докажат својата хуманост, сочувство и поддршка за семејствата во текот на една седмица. На официјалната страница на училиштето на социјалната мрежа Фејсбук може да се прочита благодарницата што,,ВП Медиа“ ја упатува до сите донатори, а на транспарентен начин е соопштена и вкупната сума што е собрана, а изнесува 17.840 денари. Од медиумскиот училиштен клуб исто така истакнуваат дека собраните средства од донаторската акција се уплатени на сметката на Фондот на солидарност на Црвениот крст.
За нецела година од неговото конституирање, овој медиумски клуб реализирал повеќе различни активности, кои можат да се погледнат на нивната фејсбук-страница „ВП Медиа“. Медиумскиот клуб има 17 члена, координирани од наставничката Марија Брндевска.

Ф.Д.