Фото: Приватна архива

Приредбите во училиштето се одвиваат на три јазици и во градот важиме за училиште во кое има најголема сплотеност и соработка на колективот без разлика на националноста, вели Роза Брезовска Здравковска

Во ООУ „Мустафа Кемал-Ататурк“ во Гостивар

Гостивар важи за град во кој се негува соживотот меѓу сите националности што живеат во него. Празниците секако се повод да се покажат разбирање и љубов кон своите соседи, своите ближни… Но тоа се учи од мали нозе.
Наставничката Роза Брезовска Здравковска своите ученици ги учи да ги сакаат луѓето и да не прават разлика по основа на вера и нација.
Нејзините четвртоодделенци Ана, Сара, Миа, Мила, Дариа, Тина, Дарјан, Љупчо, Павел, Кристијана, Кристијан, Мила, Тарик, Изабела, Јана, Љубиша, Евгенија, Ема, Надја, Никола, Даријан, Дамјан и Љубен секое второ полугодие во училиште го почнуваат со одбележување на празникот Бадник.
– Секоја година првиот ден од второто полугодие кршиме лепче со паричка, од кое издвојуваме едно за училиштето, едно за Господ и по едно лепче за сите нас. Првата година од оваа наша церемонија паричката се падна баш кај Тарик и беше пресреќен. Кога е Бајрам, тој носи баклави за целото одделение – со радост ни раскажува наставничката Роза.
Прославувајќи ги Бадник, Велигден и Бајрам, децата учат за обичаите, традициите и верувањата во христијанската и муслиманската религија и така подобро се разбираат и градат поцврсти пријателски врски. Тие ни открија дека освен верските празници, заеднички и скромно ги прославуваат и родендените, а досетливите ученици не забораваат да ја изненадат нивната наставничка за нејзиниот роденден.
Инаку, ООУ „Мустафа Кемал-Ататурк“, во кое учат четвртоодделенците на наставничката Роза, се наоѓа во централното градско подрачје во Гостивар, во кое учат ученици на три наставни јазици, и тоа македонски, турски и албански. Станува збор за инклузивно училиште во кое широко им е отворена вратата на децата со попречености.
Наставничката Роза Брезовска Здравковска како одделенска наставничка, во ова училиште работи веќе тринаесет години и среќна е крај своите ученици, но и задоволна од работата во колективот на училиштето.
– Приредбите во училиштето се одвиваат на три јазици и во градот важиме за училиште во кое има најголема сплотеност и соработка на колективот, без разлика на националноста – потенцира Брезовска Здравковска.

Ф.Д.