Од денеска започнува хуманитарно примирје на боиштето во Украина, унилатерално прогласено од Москва
Од денеска, со одлука на рускиот претседател Владимир Путин, почнува да тече „хуманитарен прекин на огнот“ на украинското боиште, кој безусловно ќе важи за руските воени сили, а ќе трае од 8 до 11 мај. Оваа одлука, судејќи според пишувања на повеќе релевантни (западни и источни) медиуми, предизвика различни реакции. Од една страна позитивни, дека тоа ќе отвори и нов дипломатски простор за завршување на воениот судир, до сосема друга антиподна страна, дека Москва за време на четиридневниот прекин на оган ќе се подготви за нова офанзива, регрупирање и селектирање нови воени цели.
Коментари за примирјето на Кремљ: Претпазливост, оддавање признание, но и обиди за потценување
- Британскиот „Телеграф“ ја опишува оваа одлука како „параден гест“, но признава дека Кремљ со овој потег ја презел идеолошката иницијатива од Киев и Вашингтон. Медиумот наведува дека четиридневната пауза ќе послужи како „тест за искреноста на украинските власти кога станува збор за мировните намери“.
- „Политико“ пишува дека прогласувањето на примирјето е „гест на добра волја“ на Москва, но дека истото тоа е со сериозни политички барања — пред сè признавање на територијалните реалности и ограничување на активностите на НАТО.
- „Тајмс“ пишува дека примирјето нема да биде време на „неактивност за Москва, туку стратегиска подготовка што руската страна ќе ја искористи рационално и тактички“. НАТО, забележува весникот, засега не реагира – тишина што можеби зборува погласно од зборовите.
- „Гардијан“ посочува на врската помеѓу меѓународната динамика и внатрешната политичка тензија во САД. Медиумот смета дека примирјето е темпирано во време кога Доналд Трамп ја заострува својата реторика и дека Москва се обидува да ги искористи поделбите во Вашингтон.
- Францускиот „Фигаро“ нагласува една друга: „Путин се чини дека се почувствува удобно, сѐ додека Трамп – попушта“. Медиумот обрнува посебно внимание на присуството на кинеската делегација на Парадата на победата.
- „Журнал де диманш“ истакнува дека Москва јасно ставила до знаење дека е подготвена за примирје, но и дека во случај на прекршување на договорот „ќе одговори соодветно“. Во текстот се истакнуваа дека Русија останува отворена за директни преговори.
- Норвешкиот бизнис-портал E24 се фокусира на телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп, кој според соопштението на Белата куќа бил „позитивен“. Аналитичарите пишуваат дека Москва би можела да се стреми кон економски отстапки и евентуално ублажување на санкциите, а се споменува и потенцијалната улога на Норвешка како посредник, со оглед на нејзиното членство во НАТО и географската локација.
- „Дагбладет“, норвешки дневен весник, ги разгледува безбедносните импликации за Скандинавија. Изјавата на Путин дека примирјето е „гест на добра волја“ пред Денот на победата се толкува како – сигнал за стабилизација. Данска официјално го поддржа тридневниот прекин на огнот, а анализата разгледува како би можело да влијае тоа на одбранбените стратегии во Северна Европа.
l Кинескиот „Глобал тајмс“ ја нарекува одлуката на Москва „прагматичен потег“ и ја поврзува со најавената посета на претседателот Си Џинпинг на Русија. Кинеските аналитичари пишуваат дека Западот изгледа исцрпено и неповрзано, додека Русија покажува „стратегиска флексибилност“. Пораката е јасна – „ова е предизвик за глобалната хегемонија во моментот на нејзин замор“. - Индискиот весник „Хиндустан тајмс“ нуди најоптимистичка слика: Примирјето се толкува како „ретка шанса за хуманитарни коридори“, но и како политички капитал за Русија во земјите од Глобалниот Југ. Во трудот се сугерира дека тоа би можело да има позитивен ефект и врз стабилноста на цените на нафтата.
- „Вашингтон пост“ смета дека „американската администрација е незадоволна“, бидејќи „тридневниот прекин на непријателствата е недоволен“, а медиумот анализира дека „оптимално би биле најмалку 30 дена“. Медиумот пишува дека Трамп, кој претходно се понуди како медијатор, е „сè повеќе фрустриран и се заканува дека ќе се повлече од улогата на медијатор“.
- „Њујорк тајмс“ се држи до својата традиционално скептична линија – тој го гледа примирјето како руски маневар насочен кон сопствените интереси, без искрени мировни намери, туку со аспирација кон „подлабоки безбедносни цели“.
- „Волстрит журнал“ објавува дека наводно „украинската страна не верува во краткорочни паузи“, но исто така наведува дека „обете страни можат да ја искористат оваа можност – Русија да ја консолидира својата позиција, а Украина да ја зајакне својата воздушна одбрана“.
- „Ди велт“ во овој потег гледа можен почеток на деескалација, иако предупредува на отсуство на какви било механизми за верификација. Медиумот смета дека „овој потег на Москва остава простор за умерен оптимизам, особено ако Кина и Индија бидат вклучени во процесот“.
- „Билд“ пишува текст со наслов „Мини-мирот на Путин го разбеснува Трамп“. Во текстот се истакнува дека „Москва јасно предупредила на последиците од кршење на прекинот на огнот, но исто така покажала подготвеност за дијалог“.
Прекин на огнот и постигнување долготраен мир е пораката на граѓаните на светот
За потсетување, на 28 април Кремљ објави прогласување „хуманитарно примирје по повод 80-годишнината од победата во Големата патриотска војна“. Примирјето стапува во сила денеска (8 мај) и ќе трае до 11 мај. Потсетуваме и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли руската иницијатива, барајќи итен и целосен крај на војната. Аналитичарите сѐ уште се во недоумица што ќе следува по 11 мај. Останува неизвесно, велат тие.
Додека Западот бара продолжување, а Кина и Индија бараат потенцијална преговарачка платформа, потегот на Кремљ останува фактичка состојба во која најдобро сценарио е сите засегнати страни длабоко да размислат и да ги преиспитаат своите позиции, заради еден сеопшт просперитет и глобална благосостојба, на граѓаните на светот. Р.С.