Германија, Данска, Франција, Египет и Португалија и на СП 2023 и сега победија во своите групи, но од нив само Португалија тогаш имаше четири, а сега, како и другите, шест бода
ПО ПРВАТА ГРУПНА ФАЗА НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРИ
Трите најдобри селекции од групите Ц и Д, кои се пласираа во главната рунда на Светското првенство (СП) во ракомет за мажи што се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка, вчера го почнаа својот пат кон четврт-финалето, а на програмата беше и најинтересниот дуел во групата еден, репризата на натпреварот од финалето на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз лани. Во данскиот град Хернинг, силите ги одмерија репрезентациите на кодомаќинот Данска и Германија. Во Париз убедливо славеа Данците со 39-26.
Од оваа група уште играа Швајцарија – Тунис и Чешка – Италија. Швајцарија и Тунис се сретнаа на СП во Исланд пред 30 години, кога Исланѓаните победија со 26-22. Неодамна двете селекции се соочија во пријателски средби, а Тунис беше тој што ја доби последната, во ноември 2023 година (31-22). Чешка, која се врати на СП по 10-годишно отсуство, не успеа да оствари ниту една победа во групата А, но ѝ помогнаа двете нерешени средби со Швајцарија (17-17) и со Полска (19-19) за да резервира билет за главниот круг и вчера играше со пријатното изненадување, селекцијата на Италија.
Во групата два Франција е единствената репрезентација што главната рунда ја почна со максимални четири бода, што е голема предност за ваква силна селекција. Унгарија почна со три, Холандија и Австрија имаа по два бода, Македонија еден, а Катар беше без бодови. Натпреварите во оваа група се играат во Вараждин, а Македонија во втората фаза покрај вчерашниот дуел со Австрија, ќе игра уште со Катар (утре, од 15.30 ч.) и со Франција (сабота, од 20.30 ч.).
Додека трите најдобри селекции напредуваа во главната рунда, четвртопласираните ќе играат за Претседателскиот куп (за пласман од 25-то до 32-то место) во хрватскиот град Пореч. Во групата 1 се Кувајт, Гвинеја, Алжир и Полска, а во групата 2 се САД, Јапонија, Бахреин и Куба.
Во споредба со минатото СП, кое во 2023 година се одржа во Полска и во Шведска, успехот по групи го повторија Германија, Данска, Франција, Египет и Португалија, кои победија во своите групи со по шест бода, освен Португалија, која тогаш имаше четири бода. Шведска пак е прва, но со еден бод помалку отколку пред две години. Напредуваше Унгарија, која сега е прва со пет бода, за разлика од 2023 година, кога беше трета со четири бода, како и Исланд, кој освои шест бода, а на минатото Светско првенство беше втор со четири бода.
Кодомаќинот Норвешка е трет без бодови што ја почнува втората фаза, а во 2023 година беше прв во групата со три победи. Македонија, пак, напредуваше за едно место по првата фаза, за разлика од пред две години, кога беше четврта и играше во Претседателскиот куп. Во однос на Мундијалот во 2023 година, нови репрезентации во втората групна фаза се Македонија, Италија, Швајцарија, Чешка, Тунис, Австрија и Чиле, а успехот го повторија Франција, Шпанија, Словенија, Шведска, Унгарија, Исланд, Португалија, Бразил, Зеленортски Острови, Норвешка, Германија, Холандија, Аргентина, Катар, Данска, Египет и Хрватска.
По прелиминарната фаза, најмногу голови постигна Данска (118), најмалку противничката мрежа ја затресе Чешка (58), а најмногу сопствената мрежа ја зачува Исланд (58). Најголема позитивна гол-разлика оствари Данска (55)…
Во првата фаза беа постигнати 2.487 гола, а капитенот на македонската репрезентација, левиот бек Филип Кузмановски, беше најефикасен стрелец, со 31 погодок, со што го израмни рекордот за оваа фаза од СП на Кирил Лазаров, кому тоа му успеа двапати (на СП во Хрватска во 2009 година и на СП 2017 во Франција), и на Насер ал Сад од Катар на СП 2015. Втор е Рутгер тен Фелде од Холандија со 30 гола, а третото место го делат Германецот Ренарс Ушчинс и Швеѓанецот Албин Лагерген со по 24 погодоци. Апсолутниот рекорд на едно СП го држи Лазаров, кој во 2009 година во Хрватска 92 пати ја затресе мрежата.
На СП 2025 настапуваат 32 селекции, а титулата ја брани селекцијата на Данска, која победи на претходните три мундијали. Г.И.
СП 2025, ГЛАВНА РУНДА
Група 1
Швајцарија – Тунис вчера
Чешка – Италија вчера
Данска – Германија вчера
ТАБЕЛА
Данска 2 2 0 0 71-41 4
Германија 2 2 0 0 60-51 4
Италија 2 1 0 1 52-64 2
Швајцарија 2 0 1 1 46-48 1
Чешка 2 0 1 1 39-46 1
Тунис 2 0 0 2 46-64 0
Група 2
Австрија – Македонија вчера
Катар – Холандија вчера
Унгарија – Франција вчера
ТАБЕЛА
Франција 2 2 0 0 72-46 4
Унгарија 2 1 1 0 63-59 3
Холандија 2 1 0 1 69-68 2
Австрија 2 1 0 1 55-61 2
Македонија 2 0 1 1 59-64 1
Катар 2 0 0 2 45-65 0
Група 3
Бразил – Чиле 15.30 ч.
Шведска – Португалија 18 ч.
Норвешка – Шпанија 20.30 ч.
ТАБЕЛА
Португалија 2 2 0 0 61-54 4
Шведска 2 1 1 0 71-59 3
Шпанија 2 1 0 0 60-51 2
Бразил 2 1 0 1 55-56 2
Норвешка 2 0 0 2 54-60 1
Чиле 2 0 0 2 52-73 0
Група 4
Словенија – Аргентина 15.30 ч.
Зелено’ртски О. – Хрватска 18 ч.
Египет – Исланд 20.30 ч.
ТАБЕЛА
Египет 2 2 0 0 67-49 4
Исланд 2 2 0 0 57-39 4
Хрватска 2 1 0 1 57-46 2
Словенија 2 1 0 1 54-47 2
Зелено’ртски О. 2 0 0 2 45-70 1
Аргентина 2 0 0 2 43-72 0