Почитувани,
Со особена чест и задоволство, во името на македонските граѓани и во свое име, Ви го честитам големиот јубилеј, 80 години од појавата на првиот број на весникот „Нова Македонија“.
Впрочем, 29 октомври 1944 година претставува важен датум во современата македонска историја.
„Нова Македонија“ беше и е еден од столбовите на македонската државност и македонскиот културен и јазичен идентитет.
Од првиот број, отпечатен во Горно Врановци, па до денес, весникот „Нова Македонија“ е критичко огледало на домашните, регионалните, европските и меѓународните политички, економски, културни, образовни, научни и спортски настани.
„Нова Македонија“ беше дом и расадник на врвни новинарски личности, чии пера создадоа незаборавни текстови.
Со отворен ум, од срце Ви посакувам и понатаму навреме и објективно да ја информирате македонската јавност.
Знам дека новинарството е тешко занимање, но знам и дека новинарството е благородна и почитувана професија, без која нема демократија.
Продолжете да чекорите по патот на објективното новинарство во потрага по вистината. Читателите ќе бидат до Вас и со Вас, ќе ве ценат и следат!
Нека ни е честит јубилејот.

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Република Македонија


„Нова Македонија“ е весник што го читам со децении, како еден од ретките независни, слободни извори на информации и на анализи. Впрочем, низ годините, македонскиот читател токму на страниците на овој исклучителен дневен лист ги добиваше првите благовестија за најважните собитија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во изминатите 80 години: трите историски црковно-народни собори (1945 г., 1958 г., 1967 г.), на кои биле донесени: Резолуцијата за обновување на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ (1945 г.), Одлуката за нејзино обновување и бил избран првиот архиепископ охридски и македонски Доситеј (1958 г.), и Одлука за прогласување на автокефалноста на нашата Света Црква (1968 г.). И не само тоа. Имено, преку „Нова Македонија“ нашиот народ дознаваше и за изборите на новите архијереи, за основањата на македонските црковни заедници меѓу иселените Македонци, односно во Австралија (1960 г.), Северна Америка (1963 г.) и во Западна Европа (1973 г.), за поставувањето на темелите за изградба на Соборниот храм во Скопје (1972 г.), и за неговото осветување (1990 г.), и за уште многу други настани од животот на нашата Македонска црква.
А како што ги информираше читателите за случувањата во Црквата, така „Нова Македонија“ го правеше тоа и, воопшто, за сите аспекти од животот на нашиот народ: и за радостите, и за постигнувањата, и за предизвиците, и за неволите, и за тагите со кои се соочувавме и се соочуваме.
И денес, кога, за жал, не секој медиум има цел да трага по вистината и да ја обзнанува неа, „Нова Македонија“ останува исклучително верен носител на објективни вести, а нејзините новинари и колумнисти и натаму се пример за вистинољубивост и за родољубивост.
Затоа, честитајќи ѝ го осумдецениското излегување на „Нова Македонија“, ѝ посакувам уште многу, многу јубилеи. Дај Боже, и во иднина на нејзините страници да читаме како повторно се раѓа „Нова Македонија“ – Македонија на домољубиви и спокојни граѓани, Македонија којашто не коленичи пред никого, Македонија којашто е активен и успешен учесник на полето на културниот натпревар на народите и којашто е силен субјект, а не немоќен објект во сите меѓународни односи.

Архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан


Осумдесетгодишниот јубилеј на денешниот славеник – весникот „Нова Македонија“, зборува за неговото значење за Македонија, за македонската медиумска сцена, но и за неговата вградена способност да се опстои низ општествените премрежиња, низ виулиците на сложената македонска општествена клима. Смртта е разделба: физичката смрт е раздела на телото од овоземниот свет, духовната смрт, меѓутоа, е разделба на идентитетот од телото. Весникот „Нова Македонија“ веќе осумдесет години ѝ пркоси на духовната смрт на Македонците, претставувајќи медиум за пренос на македонството, на македонизмот, на сонцето, на светлината: огромно дрво што со гранките ја допира бесконечноста, а со неговите длабоки корени нуди стабилност, поврзаност и одговорност. Тргнувајќи од dura lex, sed lex нѐ убедуваат дека договорите се апсолутни и мора да се почитуваат, меѓутоа, парафразирајќи го Цицерон, договорите треба да ја унапредуваат правдата – не моќта: summum jus, summa injuria. Од длабоката вкоренетост на „Нова Македонија“ и од нејзините гранки што ја допираат бесконечноста, граѓаните на Македонија можат да научат не само за стабилноста, поврзаноста и одговорноста туку и за односот кон македонството, кон македонизмот, кон минатото и кон иднината на македонскиот народ и на македонскиот јазик. Токму тоа, денес, нам ни е насушно потребно. Со надеж дека овој јубилеј ќе придонесе за подобра иднина на Македонија, честитајќи го осумдесетгодишниот јубилеј, на весникот „Нова Македонија“ му посакувам милениумски опстој.

Љупчо Коцарев, академик


Петар Гошев, поранешен гувернер на Народната банка на Македонија и министер за финансии

Осум децении „Нова Македонија“

„Нова Македонија“ и Република Македонија се еднакво долговечни сопатници. Формирана со раѓањето на новата држава, „Нова Македонија“, ете, цели осум децении е хроничар на сите подеми и падови во општествено – економскиот, социјалниот и политичкиот живот на државата. Од тоа, 46 години во еднопартискиот систем и 34 во повеќепартискиот. Во првиот период (условено од детерминираните на тогашниот систем) можеби само државните архиви имаат повеќе материјал за македонската историографија од тоа што секојдневно весникот „Нова Македонија“ им го испорачуваше на граѓаните во Републиката. Поради тоа, кога зборуваме за весникот „Нова Македонија“ ние всушност зборуваме и за историјата на новата македонска држава. Затоа, општества што водат сметка за важните белези на својата држава, а „Нова Македонија“ е еден од таквите во вкупниот мозаик, не треба да пропуштат да направат сé што е потребно животот на таквите белези да не згасне. Во тоа име, на сите што вложиле дел од себе „Нова Македонија“ да остане на информативната сцена во Македонија и во исклучително турбулентните последни три и повеќе децении, во драматично променетите услови за работа во журналистиката, им го честитам овој голем јубилеј, со желба и сите наредни „производители“ на „Нова Македонија“ во недоглед да ја продолжуваат мисијата на весникот започната во 1944 година, испорачувајќи им на своите читатели секогаш навремени и точни информации, анализи и есеи од кои сите ќе имаме полза.


Проф. д-р Билјана Ванковска

Со својот 80-годишен јубилеј, „Нова Македонија“ е навистина феномен за нашето поднебје: весник создаден во време на удирањето на темелите на македонската држава, кој заедно со неа минал и подеми и падови, но опстојал до денес, и тоа без да го промени името и да го изгуби брендот. Ова е весникот на нашата младост, но и на нашата старост; посакувам да биде така и за многу генерации што доаѓаат. Лично сум многу сентиментална кога станува збор за „Нова Македонија“, и тоа не затоа што сум долгогодишен колумнист, туку затоа што сум буквално порасната и образована од платата на мојот татко, линотипер уште во стариот НИП. Времињата се сменија, исто како и технологијата на печатење, ама битно е што овој весник не исчезна и не се трансформира во ерата на дигитализацијата. Кога го држам в раце како уште да го чувствувам мирисот од детството и посетите на работното место на татко ми. Сега, во време кога се плашиме и за тоа дали ќе опстане Македонија, овој весник си има и поширока функција на доказ за нашето постоење, раст и желба за афирмација во пошироки рамки.


Александар Русјаков, писател

Петнаесет години пишувам за „Нова Македонија“. Тоа е една третина од мојот досегашен живот. Ми се случило, ме прашале, како не ти здодеа. Демек, петнаесет години, секоја сабота. Одговарам, никогаш не ми здодеало, напротив, просторот наречен Македонија, Балкан, Европа, планета Земја и она што луѓето го прават, ми остава белези на душата, а многу од тие белези болат, па јас, ете, најдов начин како да го лекувам тоа. Просторот ми остава белези, а јас му оставам белези на времето, тоа што ме тишти, измачува, секоја недела го бележам во колумните во „Нова Македонија“.
Осумдесет години живот не е играчка. Со човечки мерила тоа се нарекува старост, мудрост, искуство. Весникот роден среде најголемата војна во историјата, на мала слободна територија во Македонија, и денес, во овие чудни, лицемерни и брутални времиња, уште војува за македонската слобода, овој пат не за ослободување од окупација, туку против обидите за идентитетски геноцид врз македонизмот од страна на повампирените бруталности од оние дамнешни воени невремиња. И јас сум дел, преку моите колумни, од таа незавршена битка и чест ми е, благодарен сум ѝ на „Нова Македонија“ што ми ја овозможи и дава таа шанса.
Денес весникот слави осумдесетти роденден. Модернизацијата и технологијата полека ги фрлаат дневните весници во заборавот на времето. „Нова Македонија“ се трансформира и модернизира за да биде во тек со планетарната приказна што човештвото ја раскажува. Не ја губи битката. Ѝ посакувам никогаш да не престане да биде сојузник на вистината, сеедно што таа, вистината, најтешко се пробива низ маглите од лаги, пропаганда и манипулации.


Ефтим Клетников, писател

„Нова Македонија“ како разбуден историски глас на македонскиот слободарски дух се појави од катастрофата на светската ноќ 1944 за да ја објави на сет глас новородената македонска нација вглобена во новата цивилизација како „поле за културен натпревар меѓу народите“. Тоа беше глас на голема историска катарза и енергија приклучен на струјата на генеричките извори на македонскиот дух. Таква остана таа до денес, кога е најмоќната наша медиумска тврдина за заштита на македонската Вистина и одбрана на македонизмот и Македонците одбрани за тотален идентитетски отстрел од Брисел и Вашингтон и нивните фаворизирани балкански предатори, како што го потврди тоа Урсула фон дер Лајен при нејзината посета на Скопје. „Нова Македонија“, заедно и со „Македонскиј голос“ (Македонски глас) на Димитрија Чуповски на Македонското петроградско другарство во Санкт Петербург, е еден од најсветлите гласови на македонската национална свест, дух и визија за македонското постоење во исконот на својот идентитет од Пела и Врановци до Вечноста. Нека ѝ е честит и бесконечен роденденот.


Проф. Звонимир Јанкулоски

Само големите слават големи датуми. „Нова Македонија“ беше и остана 80 години сведок и учесник на епохата и хроничар на времето, столб на нашиот идентитет, култура и општествено одговорно информирање. Тешко е да ја зачуваш привилегијата да се биде чувар на новинарската традиција, која во Македонија трае веќе 80 години. „Нова Македонија“ го постигна тоа афирмирајќи ги вредностите на новинарската професија врз основа на објективно и навремено информирање. Фактот дека „Нова Македонија“ беше и остана со народот сиве години на своето постоење најдобро зборува за вредноста на трудот на новинарите кои му дадоа душа на зборот, задржувајќи ја довербата на своите читатели во сите години на своето постоење. Посакувам објективноста, независната мисла и вистината да останат ваш водич во работата во годините што доаѓаат, секогаш да бидете на страната на читателите и да останете верни хроничари на сите настани дома и надвор, целосно посветени на високите стандарди што ги поставивте во македонското новинарство.
Благодарам што како ваш колумнист бев дел од една историја запишана на страниците на вашиот весник.


Mитрополит повардарски Агатангел (Станковски)

Поздравно писмо по повод 80-годишниот јубилеј на „Нова Македонија“

Весникот „Нова Македонија“ е предводник и сенароден гласник на слободата и независноста на македонската држава. Тој е навестител на македонската пролет, кој низ годините растеше, се разгрануваше и се утврдуваше како урнек и неодминлив пример на слободното македонско новинарство.
Првите печатени зборови на современ македонски јазик беа напишани и објавени во неговите први редови. „Нова Македонија“ излезе од печат пред точно 80 години во с. Горно Врановци на слободната територија што беше извојувана од храбрите и пожртвувани македонски борци, кои со силна и цврста вера во вечните сечовечки идеали како жртва ги нудеа и принесуваа на олтарот на слободата своите млади животи. Тогаш, на 29 октомври 1944 година, на првата страница на весникот беше напишано: „Секој ден сме сè поблиску до потполното ослободување на нашата татковина“. Слободата не е зададена категорија, за неа мора да се бори секоја нова генерација, секој човек посебно. Како неодминлив дел од оваа борба се печатените и електронските медиуми. „Нова Македонија“ си остана верна на својата првична цел, си остана на страната на народот, остана негова верна и сигурна придружничка, која со сите умствени и духовни сили докрај ќе ја брани, чува и спроведува вистината и предадено ќе работи на добробитот на македонскиот народ и на целото наше македонско општество.
Господ Бог нека го пази и закрилува овој наш прв дневен весник, нека ги просветлува и умудрува сите негови чинители. Дај Боже да бидеме сведоци и учесници во многу други негови радости. Нека се создадат многу поводи и причини за заедно да славиме многу негови нови успеси и достигнувања. Господ да Ве благослови!


Сотир Костов, политички аналитичар и поранешен јавен обвинител

„Нова Македонија“ како агора што спојува идеи, луѓе и настани

„Нова Македонија“ како прв македонски дневен весник е и прв официјален документ испечатен на кодифициран македонски јазик, кој со текот на времето прерасна во масовен народен весник, нова преродба, синоним на новата македонска држава. Како стожерно гласило, весникот е најголем национален и државен бренд. „Нова Македонија“ е пишано сведоштво и хронологија на современата македонска држава.
Немерлива е улогата на весникот во презентацијата и афирмацијата на цивилизациските и културолошките вредности и креации на Македонија и Македонците како целина. Креативниот дух на весникот, неговата сериозност и стабилност го прават достоен на времето во кое живееме, ослободен од разни влијанија и подметнувања, од јазикот на омраза, како и од ирационални конфронтации. Ја почитувам „Нова Македонија“ бидејќи секогаш е на вистинската страна – на страната на фактите, аргументите, информациите и на вестите, кои не се исфабрикувани, измислени и лажни. Сето тоа е резултат на знаењето, умеењето и моралните вредности на нејзините директори, главни уредници, новинари, колумнисти и соработници, кои се храбри борци за достигнување и освојување на височините на новинарскиот Парнас.
„Нова Македонија“ слави 80 години постоење, а воопшто не старее. На напластеното знаење и стекнатото искуство непрекинато додаваат новинарски елан и креативен дух, со кои постојано се подмладува. Со текот на времето сѐ повеќе и повеќе се потврдува изјавата на еден главен и одговорен уредник на весникот дека „Нова Македонија“ е Македонија. И токму затоа нашата „Нова Македонија“ е македонски јазик, име и идентитет, ама и македонска писменост, историја, традиција, култура.
Среќен ти јубилеј, „Нова Македонијо“, и имај уште многу издадени броеви и поголеми јубилеи.


Џевдет Хајредини, поранешен министерза финансии

Честитки за 80-годишниот јубилеј на „Нова Македонија“. Вашиот весник беше и е афирматор на достигнувањата на Република Северна Македонија на политички, економски, културен и друг план. Низ своите содржини со внимание ги следи меѓунационалните односи и придонесува во остварување на правата на Албанците во државата, иако во одредени периоди настаните на таа тема не ги прикажуваше најобјективно.
Сметам дека е потребно и важно да се истакне дека во составот на „Нова Македонија“ излегувале и весниците „Флака“ (Flaka e Vllazerimit) на албански и „Бирлик“ (Birlik) на турски јазик. „Флака“ долго време излегуваше еднаш, а подоцна двапати неделно. Со формирањето на Владата на СДСМ, ПДП и ЛДП во септември 1992 година се создаде можност да се оствари долгогодишната потреба од дневен весник на албански јазик, за што беше неопходна и дополнителна финансиска поддршка од државниот буџет. Со согласност на Владата, во својство на министер за финансии, во договор со тогашниот генерален директор Панде Колемишевски и уредникот Абдулади Зулфиќари се овозможи „Флака“ да излегува секој ден.


Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес

Осумдесет години се јубилеј за почит, имајќи предвид дека дневникот „Нова Македонија“ беше и остана дневен хроничар на Македонија и македонскиот народ, на настаните во земјата и во светот. Некои ги има, па ги нема, меѓутоа дневникот „Нова Македонија“ го задржа континуитетот, ги информираше Македонците, по род и државјанство, дома и насекаде во светот. Најважно, го негуваше македонскиот јазик, според максимата – народот, тоа е јазикот! Светскиот македонски конгрес во името на Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, упатува искрени честитки до редакцијата и новинарите, кои го задржаа вниманието на јавноста и во арно и во лошо, ги бележеа настаните полни и со тага и со радост, твореа секогаш со времето во кое живееја. Весникот „Нова Македонија“ ги надживеа сите, затоа што беше сведок на сѐ и за сите. Весникот „Нова Македонија“ легитимира едно од основните човекови и граѓански права и слободи – правото на информирање на мајчин македонски јазик, на македонскиот јазик како службен јазик на целата територија на државата Македонија и во нејзините меѓународни односи. И кога се печатеше, па се дистрибуираше, го имаше во многу домови на сите меридијани низ светот и сега со електронското издание ги информира Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, и во татковината и во светот. Нека ви се множат јубилеите и растете со македонскиот народ и нација на кои им припаѓате. Аирлија работа и за многаја лета.


Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана и уредник на македонскиот весник „Илинден“

Македонскиот весник „Илинден“ од Тирана, Албанија, упатува искрени честитки за 80-годишниот јубилеј на дневникот „Нова Македонија“, како прв национален весник, издаден пред 80 години во слободна Македонија, на македонски јазик и неговото кирилско писмо.
Скромно е да се каже дека дневникот „Нова Македонија“ беше и остана бренд на македонската држава!
Немерлива е улогата на весникот „Нова Македонија“ во презентацијата и афирмацијата на цивилизациските и културолошките вредности и креации на Македонците како целина, како и дострелите на поединци и групи, што претставува значаен удел во светската богата ризница на информации.
Осамостојувањето на Република Македонија нужно донесе трансформација и на статусот на весникот „Нова Македонија“, меѓутоа креативниот дух на весникот, неговата сериозност и стабилност го потврдија за достоен на времето во кое живееме, ослободен од разни влијанија и подметнувања, од дезинформации и јазикот на омразата и од ирационални конфронтации. Македонскиот весник „Илинден“ негува соработка со дневникот „Нова Македонија“, со што стана прв весник на Македонците во Република Албанија и Балканот што е дел од порталот „Нова Македонија“. Весникот „Илинден“ годинава додели плакета за делото и творештвото на дневникот „Нова Македонија“, веруваме дека соработката во интерес на вистината ќе продолжи и понатаму.


Д-р Ицо Најдовски-Перин, Мелбурн, Австралија

По прогласувањето на независна Македонија, се сеќавам и денес, се направи сѐ да престане да постои првиот весник „Нова Македонија“. Се сеќавам колку се вршеше притисок од некои „новинари“ да не се праќаат дописи и вести, дури бев замолен два-три пати да пишувам дека нема потреба од постоење на овој весник. Јас се спротивставував на таквите барања од мене. Исто така се сеќавам дека „Нова Македонија“ достигна да се печатат само на четири страници и навистина беше на прагот да не постои повеќе.
Но тоа не се случи благодарение на посветени и професионални новинари на кои им значеше многу постоењето на првиот македонски весник.
Затоа, честитки за борбеноста на новинарите и, се разбира, честитки за 80-годишното постоење на овој македонски национален весник! И драго ми е што во изминатите 30 години на некој начин и јас сум дел од „Нова Македонија“, но и весникот е дел од мене!

Вечна да си!


Јордан Плевнеш, претседател на меѓународниот универзитет „Еуропа Прима“

Дрвото на животот – „Нова Македонија“

Осумдесетгодишниот роденден на „Нова Македонија“, првиот дневен весник на македонски јазик во Народна Република Македонија како рамноправна членка на југословенската федерација, е голем историски датум на нашата современост. Тоа што го сонуваше плејадата на македонската интелигенција од преродбата до првиот обид на Крсте Петков Мисирков во 1905 година да го објавува на македонски јазик весникот „Вардар“ во Одеса, од кој излегол само еден број, беше прометејски чин на балканскиот лингвистички Моцарт.
Со излегувањето на првиот број на „Нова Македонија“ на 29 октомври беа остварени вековните соништа на македонскиот народ на последниот признаен јазик во Европа по АСНОМ да излегува дневен весник што секое утро ќе ја буди Македонија од долгата историска ноќ.
Според мојот голем пријател, прекрасниот фински поет Пенти Олапа, кога една мајка ќе наполни 80 години, сите членови на нејзината фамилија крштеваат едно високо дрво (по можност бука) со нејзиното име и на нејзиниот роденден се собираат сите генерации од нејзиното поколение.
Предлагам по повод 80-годишниот роденден на „Нова Македонија“, бидејќи таа е Алма Матер на сите весници, потоа да се посади едно дрво во близината на првата редакција во Скопје, главниот град на Република Македонија, кое кога ќе наполни 80 години, значи тоа ќе биде во 2104 година, да се вика Дрво на животот како мозаиците во Баргала или Плаошник што ќе го носи името „Нова Македонија“ за да веруваме дека дотогаш и оттогаш ќе постоиме како историски идентитет и легитимитет!
Уште една интимна причина ме поврзува со роденденот на „Нова Македонија“ и неговото празнување. Имено, 29 октомври и мене ми е роденден и во таа чест студентите и професорите од интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ од Катедрата за анимација, поддржани од катедрите за монтажа, камера и фотографија, одлучија да направат анимиран филм „Роденденска честитка за ’Нова Македонија’“, во кој од првата насловна страна печатена во Горно Врановци до денес во три минути ќе ја раскажуваат хронологијата на незапирливото време, кое францускиот поет Анри Мишо го сублимира во стиховите: „Заминуваш без мене, животе мој“.
Вечно да живеат и Македонија и „Нова Македонија“!


М-р Александар Јорданоски, лингвист и експерт за заштита на културното наследство

Македонија ветена на балканските разделби, Македонија со светилникот Илинден, Македонија ветена како османлиска, Македонија ветена и пределувана меѓу средновековните кнежевства, Македонија со Самуиловата крепост, Македонија лулка на сесловенската писменост, Македонија ветена на четирите римски меридии, Македонија како античка, Македонија ветена како погодна почва за зачеток на мирнодопските идилични периоди на Адам од Говрлево и Големата Мајка од Маџари…
Затоа раѓањето на „Нова Македонија“ на 29 октомври 1944 година во Горно Врановци, во разбиструвањето од глобалниот фашистички облак, оди рака под рака со слободното изразување на македонски јазик и ставањето печат на македонската кирилица. И не е случајно името „Нова“, бидејќи означува дека Македонија повторно, во вистинска смисла на зборот, почна да работи во насока да се вети на себе. Среќен роденден, „Нова Македонија“!


Киро Урдин, ликовен уметник, академик

Споменик на едно време

Минаа 80 години. Така почна да чука срцето на најважниот весник во независна Македонија. Се роди и растеше со оловни букви, кои ја раскажуваа судбината на македонскиот народ. Времето на времињата, неизвесноста на пишаниот збор, а звуците на оловните букви ја раскажуваа епопејата на вековно намачениот македонски народ, жеден за слобода и правдина. Очите на македонскиот човек со жед го очекуваа новиот број. Тука беа бардовите на македонското новинарство: Бранко Заревски, Бане Ковач, Бранко Варошлија, Верољуб Андоновски, тука беше и еден Анте Поповски, чии коментари ги читавме по полноќните часови. И така се продолжи понатаму, со нови монолитни духови. И малиот збор голем како планина и малите букви големи како роман. Слободата се освојуваше и се освојува со слобода на мислење. Со отпор од надвор, со отпор од внатре.
Ветрометие. Неизвесност. Вознемиреност. Неразбирање. Рамнодушност. Религија на зборот. Религија на зборовите. Непреспиен ден. Непреспиена ноќ. Повеќе прецртани реченици само за еден збор. Бесмртно стебло со гранки од букви. Извор на букви што од гранките паѓаат. Излеана визура на зборовите, речениците, мислите… Азбука како одбранбен штит. Заштита на обесправениот и послабиот. Светлосен храм на македонската писменост. Ехо и химна на народот допрен одблизу и од длабини. Одбрана на честа и моралот. Верба во правда. Спремност да се страда за неа.А колку само горчини се имаат наталожено во душата на сите тие генерации новинари. Нели зборот е збор и треба да се верува во него. А зошто зборуваме за вечноста?
И сега стигнавме до крајот. Во нас живее јубилејот на „Нова Македонија“ како споменик на едно време, една епоха, една деценија, една година, еден месец, една недела, еден ден, еден час, една минута, еден миг.


Киро Донев, писател

Симбол на татковината

„Колибри“ ме запозна со „Нова Македонија“.
Бев ученик, поодраснато дете.
Оттогаш ја читам, радост ми носи, а помина повеќе од половина век, ете.
Нека ѝ е честит јубилејот, нека нѐ радува, во мир нека цвета.
Како симбол на татковината – уште многу, многу лета.


Петар Горко, актер

Бренд што знае да вреднува

„Нова Македонија“, 80 години, толку долго нѐ следиш како театар, со критики и репортажи како што ретко денес може да се најде на кој било портал. Бренд што знае да вреднува сѐ. Неброени интервјуа за македонското глумиште. Од мене посакувам да траете, да издржите, Македонија има капацитет за сѐ, вие сте тие што нѐ овековечуваат. Вечни да сте.


м-р Татјана Гогоска, новинарка и авторка

Татко ми секој ден доаѓаше дома со „Нова Македонија“ во рака

Моето сеќавање за некои далечни времиња, некаде пред околу 55 години, кога јас имав 7 години и веќе научив да читам. Татко ми секој ден доаѓаше дома по работа со весник под рака. Го гледав низ години и си велев дека кога ќе научам да читам, ќе видам што е тоа толку интересно. А има уште нешто. Кога ќе појдев кај тетка ми, тетин ми истиот весник го читаше потпрен на каучот, одморајќи се по работата во фабрика.
И дојде денот. Прочитав прво во себе, па наглас „Нова Македонија“ – дневен весник. Така се запознав со овој весник, кој низ годините го читав, препрочитував, во неговиот додаток за деца „Колибри“ излегоа неколку мои песни, а подоцна како студентка бев на пракса неколку месеци, па дури бев примена да работам во 1985 година, но не знам зошто ја одбрав МРТ.
Со „Нова Македонија“, нејзините вредни и посветени новинари колеги, соработувам постојано и сѐ уште за некој важен настан, вртам, сега веќе не по страниците туку „ролам“ по електронското издание, сакам да видам што пишува „Нова Македонија“.
Нека трае уште многу, да не се изгуби неговиот белег и би сакала, повторно, сѐ повеќе да се чита печатеното издание.Среќни 80 години! Во пресрет на уште многу други успешни и среќни!


Трајче Кацаров, писател

Голема по формат, уште поголема по содржина

Тато се враќаше со неа од работа. Ја вадеше од поштарската торба и ја положуваше, ту на масата, ту на креветот. Така јас зачекорив во светот на информативните гласила. Голема по формат, уште поголема по содржина, сериозно го крепеше мојот бебешки од. Кога се видов исправен, цврст во одот, почнав да ја носам подмишка. Под едната подмишка неа – „Нова Македонија“, под другата лебот. Тие беа мојата социјална легитимација. Се осеќав сит. Сит сум. И ќе сум.


Џина Папас Џокси, кантавтор

Промотор на вистински вредности

Јас ја паметам „Нова Македонија“ како габаритен, голем весник, а со него за првпат се сретнав во берберница. Интересно ми беше кога муштериите околу мене ќе ги отвореа весниците, особено ако бев меѓу нив, целиот ќе ме покриеја. А јас, можев да ѕирнам што има на страниците. Се разбира најмногу, бидејќи бев дете, ме привлекуваа фотографиите. Кога новинарот Љупчо Поповски направи интервју со мене за „Нова Македонија“, за моето авторство во групата „Макакус“, за сите членови на бендот, тоа беше еден од посериозните и поважните написи. Во тоа време многу малку се обрнуваше внимание на популарната музика. Подоцна и кај нас, по урнекот на другите бившојугословенски републики, почнаа да се отвораат и други весници, списанија и магазини, каде што бевме присутни.
Ние како луѓе сѐ што е вредно и традиционално во нашата земја го замираме, но никако не би сакал да ѝ се случи тоа на „Нова Македонија“, весник што сѐ уште внимава и го чува македонскиот литературен јазик, кој е промотор на македонската култура и кој ги промовира вистинските вредности.


Стефче Стојковски, инструменталист на народни инструменти и промотор на
македонската култура во светот

Секогаш ги следевте и промовиравте моите активности

Сакам да му искажам голема благодарност на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ што во текот на годините секогаш ги следел и објавувал моите активности, настапи и дела. Големо благодарам и за културниот осврт посветен на неодамна одржаниот концерт на „Ансамблот Стефче Стојковски“ во Скопје.
Во оваа пригода ја честитам 80-годишнината од постоењето на првиот македонски дневен весник. Нека се множат успешни години, да се слават уште многу годишнини и јубилеи.


Корнелија Конеска, извршна директорка на „Остен“ – Скопје

„Нова Македонија“ (првиот број на 27.10.1944 г.) и „Остен“ (првиот број на 1.1.1945 г.) се како двајца стари другари што достигнале своја зрелост, уживаат во својата мудрост стекната низ годините и како двајцата господа од балконот во „Мапет шоу“ со самодоверба на 80-годишници што поминале „и сито и решето“ ја гледаат реалноста околу себе. А реалноста на времето во кое живееме е карикатурална, но не на интересен, критички, конструктивен и смешен начин како кај карикатурата. Јавната комуникација е полна со навреди, омраза и неподнослива леснотија на неодговорност за пуштената мисла во етер. За среќа, тука е „Нова Македонија“, првиот македонски весник – истраен и сигурен чувар на вредности.
Честитки на „Нова Македонија“ по повод славниот 80-годишен јубилеј! Пример сте за доследно пренесување на вистината, за издржливост и посветеност кон новинарската извонредност. Вие значително влијаете врз јавното мислење и придонесовте за градење цели генерации информирани и ангажирани граѓани. Од витално значење сте и за зачувување и збогатување на македонската култура, уметност, историја и цивилизациски вредности.
Во името на „Остен“, ви честитам на вашите достигнувања! Очекуваме уште многу години веродостојно пренесување информации и споделување квалитетни содржини за позитивно влијание врз развојот на нашето општество, а ние, заедно, „да продолжиме да создаваме услови за да можат карикатуристите од цел свет на мира да стрелаат со своите мирнодопски куршуми сочинети од елементи на политика, уметност, хумор и сатира – точно во центарот на сите сомнителни и проблематични точки на светот во кој живееме“.

(Дарко Марковиќ)


Томислав Османли, новинар и писател

Осум децении на нашата, но и на мојата „Нова Македонија“ е јубилеј достоен за врвна почит. „Нова Македонија“ како прв дневен весник на македонски јазик и досега беше, а сега – 80 години од основањето и дејствувањето – дотолку повеќе станува вистински историски феномен. Во него е забележана најраната државна историја на земјава, сите нејзини својства, политичките постигања, но и амплитуди, остануваат забележани и натаму се бележат пребогатите придонеси на генерациите творци и културни дејци. „Нова Македонија“ претставува информативен континуитет со најдолг стаж и затоа останува – медиум пред сите медиуми.
Срдечни честитки до сите што во тој континуитет учествувале и на колегите што и денес учествуваат во неговото ововремено продолжување и особено почит кон плејадата новинари, соработници, дактилографи, словослагачи, други печатарски работници, журналистички и технички уредници, уредници на многубројните списанија, листови и подлистоци на весникот-славеник, директорите и другите раководители на нашата најстара пред сѐ национална, но и мултинационална информативна и книгоиздателска куќа, со еден збор – личностите што денес не се со нас да го сведочат новово време и неговите општествени и медиумски и книгоиздателски предизвици и пред сѐ – овој исклучителен јубилеј на „Нова Македонија“, на кој сите тие му биле и темелници и творечки надградби. За многу години, драги колеги, за многу години, почитувани читатели на „Нова Македонија“.


Зоран Михајлов, доајен на македонското новинарство, некогашен уредник на спортската рубрика на „Нова Македонија“

Почетен импулс во македонскиот медиумски простор

Да се пишува за „Нова Македонија“, во која ги минав првите години од мојот новинарски живот, навистина е чест и задоволство. Не поради тоа што првите чекори ги направив таму, туку и поради фактот што „Нова Македонија“ од првите денови по Втората светска војна засвети како искра во македонскиот медиумски простор. Под палката на плејада новинарски бардови почнаа да се нижат текстови што ја опишуваа нашата стварност и на некој начин беа патоказ кон кој правец треба да чекориме напред. Затоа, моментот кога во Горно Врановци излезе првиот број на „Нова Македонија“ е од историско значење не само за весникот туку и воопшто за македонската журналистика. Кога на ова ќе додадам дека токму од тие новинарски бардови подоцна излегоа десетици млади новинари, кои со својот квалитет го одржуваа тогаш, а и денес нивото на „Нова Македонија“, ќе стане јасно колкав е нивниот придонес и какво е вкупното значење на весникот за нашиот медиумски простор. Што се однесува до мојот фах, спортското новинарство, морам да истакнам дека низ спортската редакција на „Нова Македонија“ продефилира плејада новинари, во почетокот предводени од легендарниот Никола Ковачевски, кој сиот свој работен и професионален век го помина како уредник на редакцијата. Негова специјалност беше фудбалот и неговото име е вткаено во историјата и на нашиот најпопуларен спортски колектив ФК Вардар. По неговиот пат тргнаа и сите новинари што доаѓаа подоцна. Поучени од својот уредник, афирмирајќи ги спортските вредности, практично им даваа голема поддршка на сите поединци и клубови. Токму во тоа беше силата на „Нова Македонија“, која остави неизбришлива трага не само во спортот туку воопшто во целокупното живеење на овие наши простори. Затоа, кон „Нова Македонија“ треба да се гледа со пиетет, зашто таа беше тука да потсетува на еден народ, на една нација што минуваше и сѐ уште минува еден трнлив пат за своето самодокажување.


Бранимир Јовановски, претседател на Македонски параолимписки комитет, селектор и тренер на параолимписка стрелачка репрезентација на Македонија

Умешност, одлучност и упорност

„Нова Македонија“ е медиум што 80 години успешно опстојува и дејствува на македонската новинарска сцена, нудејќи им на читателите безброј корисни, благовремени, содржајни и актуелни информации од дневниот политички, економски, културен и спортски живот во државата, регионот или во светот. Да се дејствува и опстои 80 години на македонското новинарско поле не е ниту малку, ниту едноставно, ниту лесно, но вие како колектив покажавте умешност, одлучност и упорност да опстанете како медиум и покрај сите тешкотии во минатото и денес со кои се соочуваа медиумите во секојдневното работење, што ја заслужува секоја почит и честитки. Како спортист и спортски работник имам само пофални зборови за објективноста и високата професионалност на спортските новинари од весникот „Нова Македонија“ при објавувањата од настапите и успесите на македонските спортисти. Само преку вашата работа, вложениот труд и благовремената информираност, нашите спортски резултати добиваа на вредност, а некои останаа во трајно сеќавање кај читателите претворајќи ги успешните спортисти во легенди.
„Нова Македонија“ низ годините спроведуваше свој избор на најдобри спортисти на годината, а ја имав честа од редакцијата да бидам прогласен за најдобар спортист на Македонија за 1992 година. Исто така, одговорно тврдам дека успесите на македонските параолимпијци немаше да бидат толку препознатливи и актуелни во македонската јавност да не беа стотиците текстови за нивните настапи и успеси напишани низ годините од вашите спортски новинари, како и отстапениот простор во вашиот и наш дневен весник. Од свое лично име и од името на Параолимпискиот комитет на Северна Македонија, ви го честитам јубилејот 80 години од постоењето на весникот „Нова Македонија“. Ви посакувам многу успех во идното работење, уште многу години да опстојувате на македонската новинарска сцена, благовремено и објективно информирајќи ја македонската јавност.


Андријана Јаневска, пејачка на забавна музика

Чувар на македонскиот литературен јазик

„Нова Македонија“, честитки за големиот јубилеј, 80 години постоење! Да ви се множат броевите, страниците и јубилеите! Бидете и понатаму чувар на македонскиот литературен јазик и останете објективни и професионални, како и досега!


Жарко Башески, скулптор

„Нова Македонија“ е како извајан портрет на нашето колективно постоење, искрен и суров, каде што секоја страница носи тежина на вистината. Осумдесет години – еден здив на историјата во кој се одразуваат лицата и приказните на нашиот народ. Овој весник е патина од времето, сведоштво на секојдневието и идентитетот што нѐ прави она што сме. Честита годишнина, „Нова Македонија“ – огледало што ќе продолжи да нѐ гледа токму онакви какви што сме.


Ристо Магдинчев, поранешен македонски ракометар,
репрезентативец и тренер

Огледало на државата, главен двигател на македонското новинарство

„Нова Македонија“ е сведокот на развивање и растење на Македонија во информативен и дневен весник што беше читан во целата држава. Сите информации од општествениот живот, развојот на државата во сите области, политика, култура, уметност, спорт, ни беа презентирани од квалитетни новинари со извонредно знаење и вистиното прикажување на настаните во нашата држава и во странство. Форматот на весникот беше несекојдневен, голем и уникатен. Да, го читав секој ден, а особено го чекав во недела навечер да го купам и прво да ги прочитам спортските извештаи, па потоа сѐ друго. За македонското новинарство тој треба да претставува репер за идните генерации млади новинари. За спортот претставуваше првиот извор на сите резултати, настани што се случуваа, имаше извонредни спортски новинари, а исто така и денес. Верувам дека „Нова Македонија“ е огледало на државата и дека и во иднина ќе продолжи да биде главниот двигател на македонското новинарство. Ви го честитам големиот јубилеј 80 години од постоењето и ви посакувам уште поуспешна работа.


Миодраг Мицковиќ, некогашен уредник на спортската рубрика на „Нова Македонија“

Стожерот на македонското новинарство

Моите честитки за убавиот јубилеј, 80 години на весникот „Нова Македонија“, стожерот на македонското новинарство, од чии редови потекнуваат најпознатите новинарски имиња во нашата држава. Не залудно многубројните читатели „Нова Македонија“ ја сметаа за вистинска школа на македонското новинарство, колумните на Панде Колемишевски, Ерол Ризаов, Љупчо Поповски и денес привлекуваат големо внимание, се читаат во еден здив. Морам да кажам дека сум среќен што и јас 40 години бев дел од весникот како долгогодишен уредник на спортската рубрика, минувајќи ги моите најубави новинарски денови. „Нова Македонија“ ми овозможи да известувам од најголемите спортски настани во светот, светски и европски првенства, летни и зимски олимпијади, да учествувам на најтешкото рели на светот „Камел трофи“, да правам интервјуа со најпознатите спортисти Аиртон Сена, Дејмон Хил, Боби Фишер, Дражен Петровиќ, Владе Дивац, Радивое Кораќ… Мојата почит уште еднаш за јубилејот и за сѐ што направи „Нова Македонија“ за македонското новинарство.


Бојана Скендеровски, интерпретаторка на забавна музика

Семејна традиција

Весникот „Нова Македонија“ е синоним за сечие детство, за сечија младост, а богами и зрелост. Ја читаа дедо ми и татко ми, а ја читам и јас! Таа е традиција во моето семејство и во домовите на многу Македонци.
Нека ви се множат годините и успесите!


Васил Мукаетов, писател

Дополнителен учебник и авторитетен информатор

Читател сум на „Нова Македонија“ од 1952 година. Таа беше дополнителен учебник и авторитетен информатор. Тука е и појавата на „Колибри“, единствен прилог за деца и културен информатор на литературата за најмладите.
И не треба да заборавиме, „Нова Македонија “ е државотворна институција.
Честитки за јубилејот и да продолжи со натамошните успеси на демократски и на професионален план.


Славица Танеска, ликовна уметница

Честитки за сите посебни луѓе што работат и пишуваат за „Нова Македонија“

Со голема радост ви го честитам големиот јубилеј – 80 години на гласилото „Нова Македонија“. Таа е посебна, не само по тоа што е првиот македонски дневен весник туку е посебна и значајна и лично за мојот развој. На нејзините страници секогаш беше испратен мојот раст и развој, започнувајќи како талент кој прво беше претставен во единствениот додаток за деца „Колибри “, а потоа станав професионален уметник, кој допатува на страниците за култура. На моја особена радост долги години сум соработничка на „Колибри“. Честитки за сите посебни луѓе што работат и пишуваат за „Нова Македонија “, а особено за сите оние што имаат очи кои можат да видат и препознаат талентирани луѓе. Честитки и за сите читатели што му останаа верни на пишаниот збор. Ви посакувам уште многу години успешна и плодна работа!


Александар Јовевски,инструменталист на народни инструменти, композитор, аранжер

Весник што ги поддржува македонската музичка култура и традиција

Со огромно задоволство и почит на квалитетот и професионализмот што го поседувате ви го честитам големиот 80-годишен јубилеј на весникот „Нова Македонија“, весник што ја поддржува и ја презентира секоја новина за македонската музичка култура и традиција.
Бескрајно ви благодарам на поддршката и статиите за сите мои успешни музички проекти, уште од почетокот на мојата кариера, па до ден денес. За прекрасните рецензии за моите музички албуми и концерти и за сета моја досегашна работа и придонес за македонската музика.
Уште еднаш нека ви е честит големиот јубилеј и во иднина само да славиме!


Татјана Стојановска, ТВ-презентерка

На браникот на печатените медиуми

„Нова Македонија“, честитки за големиот јубилеј. Навистина е реткост во Македонија да опстојуваш и да бидеш квалитетен толку многу години како што е „Нова Македонија“. Да се множат јубилеи и успеси на редакцијата и сите вработени. Вие сте едни од ретките на браникот на печатените медиуми, секоја чест за тоа. Да славите и еден век и да ги информирате генерациите што доаѓаат. Среќен роденден, „Нова Македонија “!


Венко Андоновски, писател

80 ГОДИНИ СЕГАШНОСТ

Имав пет-шест години кога татко ми, новинар и подоцна уредник во „Нова Македонија“, ме зеде со него на дежурство и ме одведе во печатницата. Тој мирис на олово и тоа штракање на машините линотипери, кои ред по ред го нижеа утрешниот број, никогаш нема да го заборавам. Како што не го заборавам ни шумот на пинцетите со кои тогашните словослагачи ги редеа така „набраните“ редови во колони и оформуваа страници од олово. Тој мирис за мене и денес е сјајна метафора: со оловото можеш да направиш куршум и да убиеш човек, ама можеш да сочиниш и слово и да оздравиш или утешиш човек. До тебе е, што ќе избереш.
„Нова Македонија“ полни еден човечки пристоен век – 80 години, во кои, поради високата професионална етика, никогаш нема „убиено“ (во новинарскиот жаргон – „линчувано“) човек, туку, напротив, 80 години е наш утешител и будител на надеж за подобро утре. „Нова Македонија“ беше и Академија на чесното и професионално новинарство, сите овие осум децении. Од неа излегоа генерации и генерации сјајни новинарски пера, кои своите кариери ги продолжија и по други медиуми.
Од првата, украдена печатарска машина („тигел“), илегално-партизански пренесена во Горно Врановци за печатење на првиот број, до денес, „Нова Македонија“ издржа повеќе премрежиња и сурови политичко-општествени бури. Последниот таков политички вандализам беше кога (пред четврт век и кусур) дојдоа на власт безумни луѓе („десни“), кои ја сметаа „Нова Македонија“ за „лева“, иако таа беше амблем на државноста на Македонија и симбол на новинарската професионалност. Тогаш исфрлија тони и тони „непожелни“ книги и богата документација од весникот на улица, во целосно безумие, опиени од победата и желбата да се расчисти со „историјата“ (тогаш таа се викаше „комуњарство“). За среќа, се најде еден благороден човек, свесен дека на минатото не се плука, без разлика како изгледало, зашто минатото некогаш било сегашност на нашите предци, па ги прибра сите драгоцени материјали и го сочува логото (брендот) на „Нова Македонија“. Неговото име, името на тој наш великан и патриот, македонољуб е – Минчо Јорданов.
Затоа, „Нова Македонија“ постои и денес. Таа е гордост на нашиот медиумски простор, можеби последното место каде што секој може да го каже своето мислење. Затоа, „Нова Македонија“ денес не слави 80 години минато, туку – 80 години сегашност. Со народот. Кој бил, е и ќе биде, секогаш во сегашноста.


Ангел Митревски, Сплит, Хрватска

Кога некому му го честиташ 80-тот роденден, а името му почнува со „Нова Македонија“, се прашуваш како е можно да поминат осум децении и сѐ уште да си „нов – нова“.
Кога четириесетина години си надвор од Република Македонија, се чувствуваш дека не си веќе „нов – нова“ во средината во која живееш.
Сепак кога во тие четириесетина години го задржуваш својот контакт со татковината секојдневно преку секогаш актуелниот дневен весник „Нова Македонија“, сфаќаш дека сепак си добил еден мост што те врзал засекогаш со родниот крај. Без оглед на тоа од кој крај си на прекрасната Република Македонија (северниот или јужниот, источниот или западниот), весникот „Нова Македонија“ засекогаш ти е конекција со корените. Правовремените и точни информации, кои сега се достапни до цел свет, го зголемија значењето на овој весник, не само за Македонците од татковината туку и до целата дијаспора, па и до иселениците од соседните држави.
Она што е најважното е дека со ова го задржуваш она што си и што никогаш нема да го измениш, а тоа е: Горд Македонец од Република Македонија, кој секојдневно е со „Нова Македонија“ без оглед каде и да е.
Уште еднаш, за многу години на „Нова Македонија“!


Ацо Каланоски, Гетеборг, Шведска

Некаде кон крајот на 1996 година првпат престојував подолго време во странство. Во Гетеборг, Шведска. Во тој период во Македонија немаше весници на интернет, а немаше ни сателитски телевизиски програми. Случајно се најдов во просториите на македонското друштво „Гоце Делчев“. Најдов еден примерок од весникот „Нова Македонија“. Стар беше неколку дена. Го прочитав во еден здив. Не можам да ви го опишам чувството, таа мешавина од возбуда и задоволство, да држите во рака весник стар неколку дена, а сепак да сте среќен што и до таков сте се докопале. Домаќините ми кажаа дека до 1990 година весникот доаѓал секој ден со авионите на ЈАТ и можел да се чита во градската библиотека во Гетеборг.
Наминував уште неколкупати истата недела и истиот број го препрочитував уште најмалку трипати сѐ додека преку некоја од тогаш актуелните авионски линии не стигнаа поновите изданија.
Но тоа декемвриско издание го паметам и ден-денес. Честитки за јубилејот. Се читаме редовно и на интернет и на социјалните мрежи.
Да сте живи и здрави и да опстоите уште многу години.


Владимир Богоевски, спортски директор на Македонскиот олимписки комитет

Без весникот „Нова Македонија“, би рекол ние не би ни имале квалитетен спорт кај нас. Тоа новинско гласило пишувало секогаш каде што сме настапувале, а многу често и патувале заедно со нас, спортистите. Особено коректен однос сме имале со спортските новинари на „Нова Македонија“, кои објективно пишувале за нас спортистите, а често давале и свои идеи за надминување на одредени проблеми во спортот. Јас сум презадоволен од тоа како „Нова Македонија“ информираше за моите и за настапите на одбојкарите од Вардар во периодот кога бевме најдобри во тогашна СФР Југославија, нѐ следеше и редовно информираше за нашите успеси. Кога бев активен одбојкар, а и подоцна, весникот избираше и спортист на годината во Македонија, а јас и моите колеги неколкупати бевме прогласувани за најдобри, што ми е особено драго. Ја читав и уште редовно ја читам „Нова Македонија“. Во оваа пригода сакам да ви го честитам јубилејот 80 години постоење, со желба за натамошна успешна работа и уште поголем тираж.


Гоце Наневски, уметник

Покрај чувањето на македонската државност и заштитата на македонските национални интереси, весникот „Нова Македонија“ го гледам како силна платформа за промоција на македонскиот културен идентитет на светската културна мапа. Афирматор и сведок на врвната македонска визуелна уметност и култура. Му посакувам сила и моќ за да се носи успешно со сите предизвици, а таа може да биде црпена токму од проектирањето на врвните уметнички дострели од нашево поднебје. „Нова Македонија“ е вградена во темелите на нашата државност и ѝ посакувам вечни години во службата на светилник на силен културен идентитет втемелен во развиена и просперитетна Македонија, трагач и предвесник на најдоброто од оваа почва. Среќен роденден и за многу години, „Нова Македонија“!


Лорета Георгиевска Јаковлева, професорка на Институтот за македонска литература

Најважното сознание во врска со медиумите го стекнав пред дваесетина години кога Џеф Левис го преврте вообичаеното прашање од типот: Што медиумите им прават на луѓето? во: Што луѓето прават со медиумите?
И навистина, што сиве овие 80 години ние, читателите, учесниците, засегнатите… правиме со весникот „Нова Македонија“?
Наједноставен одговор е – па, речиси сѐ, од држава до секојдневие… За мене речиси нема друго поважно медиумско место каде што би сакала да кажам што мислам, ниту пак можам да ги прочитам на едно место ставовите на луѓето што сакам да ги имам предвид. Зашто весникот „Нова Македонија“ сиве овие години информира на начин што луѓето го ползуваат да се ориентираат, да анализираат, да заземаат ставови, па дури и да предвидуваат. Честитки за осумдесетката, да ја дочека и стоката и да покаже дека печатените медиуми не можат да бидат заменети.


Атанас Николовски, поранешен кајакар, репрезентативец, а сега тренер

Би сакал да изразам мои честитки за дневниот весник „Нова Македонија“, за достигнувањето на оваа извонредна пресвртница од 80 години! Низ овие децении бевте столб на вистината, глас за народот и сигурен извор на информации за целата македонска држава. Вашата посветеност на новинарскиот интегритет и остроумното известување оставија неизбришлива трага во историјата на нашата нација. Како поранешен спортист и тренер, би сакал особено да ја истакнам вашата посветеност на покривањето на македонскиот спорт. Ги покажавте нашите спортисти, ги прославивте нивните достигнувања и ги доведовте приказните за нашата спортска заедница во прв план. Вашето известување инспирира генерации и ги зајакна македонскиот спортски дух и гордост. Ви благодарам и уште еднаш ви го честитам јубилејот, со желба за уште долго постоење. Голем поздрав од Токио.


Тони Гламчевски, Стразбур, Франција

Почитувана „Нова Македонија“,
Се роди заедно со слободата на нашата татковина, прва слободна го напиша убавиот македонски збор, ти знаеше внимателно да го следиш градењето на македонската државност, сите убави и понекогаш тешки моменти од животот на сите што живеат во нашата убава Македонија. Сето она што е напишано на твоите страници, а тешко кој би можел да ги изброи, е непроценливо богатство за сите идни генерации на научни истражувачи за историјата и сето она што се случувало на нашето подрачје и за првпат напишано на македонски јазик. Новинарските текстови, како прво сведоштво на сите случувања, потоа служат како основа за истражувањата во повеќе области од општествените науки.
Низ твоите редакции и на твоите страници оставиле печат стотици новинари, соработници, колумнисти. И јас сум горд што и моето име се најде меѓу врвните македонски новинари што твореле заедно со тебе. Се надевам дека наскоро ќе можам да напишам дека нашата убава Македонија ќе стане дел на Европската Унија, за чие членство жртвуваме многу.
Нека ти е честит осумдесеттиот роденден, да славиш уште многу годишнини и секогаш на бедемот на одбраната на она што на сите нас ни е најдраго – македонскиот јазик, култура и идентитет.
Среќен роденден и уште многу сонца на слободата што изгреваат над слободна Македонија нека ни започнуваат со „Нова Македонија“.