Поетот Тодор Чаловски со учесниците на Галичката книжевна колонија / Фото: Киро Кипроски

Репортажа од Галичник во сеќавање на Тодор Чаловски

Во првата недела на април, со група вљубеници го посетивме омилениот Галичник, да уживаме во чистиот планински воздух и во неповторливите убавини, кои ги има на секој чекор. Од неодамнешниот априлски снег нема ни трага. Дуваше (пиркаше) тивко јужно ветре, повремено не огреваше и планинско сонце – вистинска планинска идила. Шетајќи, среќававме понекој потомок од селото или, пак, љубител. И тие како нас со задоволство шетаа низ преубавиот Галичник.
Спонтано, како што се движевме и се наближувавме до чешмата Упија, која блика со векови, никој не знае точно од кога, констатиравме дека е најопеана чешма во Река и во поширокиот регион од западна Македонија. Тука пред сѐ мислиме на песната „Чешмата Упија тече и сè кажува“ на Тодор Чаловски, македонски поет, литературен критичар, есеист и преведувач, роден во Гостивар, кој детството го минува во Галичник, каде што го стекнува и образованието. Чаловски беше меѓу големите љубители на Галичник.

УПИЈА

Тече
И сè за себе кажува
Сред село како сред светот
Од три дулки
Гргори љубов и разбирање
За нас и за нашите деца
И оставаме
Платно белено
И запалена борина место ѕвезда
Под неа
Одново коњ и невеста
Долго, без запир долго
ќе ја упива ангелот нејзината
во она што протечува како живот
Утеха таа е гола
Што везден од мојот Галичник убав
До бескрајната коравост на болот
Го мери пронајденото време

Пролетната глетка создаваше величествен амбиент. Покрај мирисот на штотуку никнатите планински цвеќиња, колоритни со сите бои, природата е чудесија со убавината што ја создава. Особено пленат куќите изградени пред еден век и повеќе, автентично градени од рацете на галичките неимари, создатели. Куќи палати, една до друга, една над друга, со уредени дворови, фурните и чешмите совршено вклопени со архитектурата на куќите. Уште во тоа време планинските ридести патишта биле градени доволно широки за комотно да се разминат два коња товарени со сено или дрвја. Денес тешко се разминуваат две патнички моторни возила, а за камиони не станува збор. Преубавите куќи се соѕидани со камен и покривите покриени со камени плочки. Просторот што им го подарила природата им овозможил да ги градат куќите амфитеатрално.
Шетавме низ сите краеви на Галичник и уживавме. Пред да почне да се стемнува стигнавме на платото пред опеаната чешма Упија, монументалната црква „Свети апостол Петар и Павле“ и споменикoт на Ѓорѓија Пулевски, истакнат македонски преродбеник и борец на 19 век за културна и национална слобода на македонскиот народ. Од високо го гледа Галичник! По број се малку од многуте препознатливи симболи. Пред повеќе од еден век го носел епитетот град со 800 куќи и со над 5.000 жители. Потврда за ова е познатата изрека – „Галичник село големо, в Станбол на чутук пишано“.
Седнавме на камените плочи на амфитеатарот, Галичник го гледаме на дланка. Се потсетуваме на деновите пред и по Петровден (12 и 13 јули, Свети Петар и Свети Павле), на многуте непроспиени ѕвездени ноќи, за Галичник, за душа си потпевнуваме понекоја од „нашите“ песни: „Кондисал Ајрадин-паша да ми го гори Галичник, на чешма Упија ми здогледал до три невести… / Мори три години Станбол го шетав, Темјано пиле шарено… / Кога тргнав за непознат крај“, музички фон на песните беа мелодичните звуци на водата што паѓаа од трите дулки на чешмата Упија. Машките гласови никнуваа од утробата на планината Бистра, срцето се расположи, се возбуди и „потскокнува“ со променлив ритам на мелодичните звуци во темницата, најавува дека сака да излезе и да се придружи на амбиентот и на атмосферата што ја создававме во тивката пријатна ноќ на Галичник. Песните ме потсетија на многу неповторливи галички ноќи, кога ноќта ја спојувавме со првото галичко изгрејсонце.
И на овој ден се потсетив на македонскиот поет, македонски литературен критичар, есеист, голем љубител на изворната македонска патриотска песна, особено галичките песни ги пееше оригинално со галички дијалект. Тодор Чаловски да беше жив ќе го прославеше 80-от роденден. Почина на 70 години, на 15 јуни 2015 година, во Скопје. Чаловски во 1992 година ја формира Галичката книжевна колонија. За дваесет години беа одржани исто толку колонии, на кои учествуваа македонски поети од сите генерации: Коле Чашуле, Матеја Матевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Атанас Вангелов, Науме Радически, Богомил Ѓузел, Гордана Бошњаковска и други. Смртта беше побрза од животот, почина неколку дена пред одржувањето на манифестацијата таа 2015 година. Но, сепак, успеа организациски да ја подготви и таа книжевна колонија.
Се потсетувам на многуте петровденски галички свадби со него, на кои во јулска топла ноќ, тапаните и зурлите трештат, а секој се забавува и ужива во автентичните песни и ора. Сепак, една од нив посебно ја паметам, додека со поетот и десетмина вљубеници на боемската ноќ во Галичник, тука на платото пред опеаната чешма Упија, пред монументалната црква „Св.Петар и Павле“, седиме, а пред нас споменикот на галичкиот војвода Ѓорѓија Пулески, и чекаме да ни донесат тазе печен бурек од фурната. Ноќта на сите ни остана незаборавна, посакуваме пак да се повтори, но нема да биде иста…