Фото: Кире Костадиноски ООУ „Блаже Конески“-Прилеп

Со насмевки, со погача и со сол, Власта Н. Цениќ беше пречекан во ООУ „Блаже Конески“ на средба со учениците од ова училиште организирана од библиотекарката Вера Искова и нејзините колешки

Српскиот поет Власта Н. Цениќ гостуваше во Прилеп и се сретна со публика од седум до 77 години

По многубројните претставувања низ годините во Тетово, Куманово, Скопје, Велес, Охрид и на други места низ државава, добриот пријател на Македонија, поетот Власта Н. Цениќ, конечно пристигна и во Прилеп за да се сретне со локалната читателска публика.

СТИХОВИ ЗА СИТЕ

И многубројната публика, буквално до седум до 77 години, која веројатно очекуваше класична поетска вечер, доживеа едно сосема поинакво книжевно шоу благодарение на извонредните способности на поетот да ја доближи поезијата до сечие срце.
Имено, во четвртокот тој одржа книжевен перформанс во просториите на градската библиотека „Борка Талески“ пред многубројна публика, а и пред претседателката на Советот на Општина Прилеп, Ирена Стерјовска, и деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје, Владимир Мартиновски.
Настанот започна со инструментална изведба на традиционални инструменти од учениците Кирил Карески, Матеј Љубески и Давид Рунески при основното музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ од Прилеп под менторство на проф. м-р Мендо Ташкоски.
По воведниот збор на поетот и новинарот Филип Димкоски, и по претставувањето на неговата биографија од страна на авторката Лина Димоска, со прекрасна рецитација на негова песна на македонски, перформансот на поетот беше најавен од ученикот Ненад Ржаникоски од ООУ „Рампо Левката“ под менторство на наставничката Наташа Блашкоска.

И БЕЗ СТРУЈА ИМА СВЕТЛИНА

По поетската најава на Ненад започна магичното, чудесно патување низ поезијата водено од поетот гостин Власта Н. Цениќ. Рецитирајќи песни за најславните српски поети поместени во неговата најнова книга со наслов „Загрл’те их песме моје“ (Прегрнете ги песни мои) во издание на реномираната издавачка куќа „Пчелица“ од Србија, ги раскажа историјата и културата на својот народ, на својата книжевност, на својот јазик, ја плени публиката со рецитаторските способности и драмските вештини, со движењата и воспоставувањето беспрекорна интеракција со публиката…
Возрасната публика се потсети на Десанка Максимовиќ, Јован Јовановиќ-Змај, Љубивое Ршумовиќ, Мирослав Мика Антиќ, Душко Радовиќ, а помладата публика првпат ги слушна овие славни имиња од некогашната југословенска книжевна сцена, а денес книжевни достоинства на Србија.
Но Власта Цениќ не би бил Власта Цениќ, доколку не најде начин да ја изненади публиката на само нему својствен начин. Тој како верен негувач на српско-македонските културни врски искажа почит и кон Македонија и кон македонскиот збор рецитирајќи ги своите најнови песни посветени на Блаже Конески и на патронот на библиотеката, Борка Талески.
И штотуку сите навлегоа во магијата, снема струја, а веќе се замрачуваше надвор. Но тука, пак, со изненадување возвратија учениците од ООУ „Рампо Левката“, кои дојдоа да го поддржат својот соученик, рецитаторот Ненад.
Тие ги извадија своите мобилни телефони, ги вклучија светилките и направија ѕвездено небо за поетот… Еее, да видите каква магија беше тоа…

ДИЈАЛЕКТИТЕ СЕ БОГАТСТВО НА СЕКОЈ ЈАЗИК

По втората музичка изведба од учениците, следуваше делот во кој авторот рецитираше песни на својот призренско-тимочки дијалект, истакнувајќи ја важноста на дијалектите, кои се чувари на јазикот и обележје на секој крај. Тој пред 36 години ја објавил својата прва книга напишана на дијалект, стихозбирката „Бате ќе се жени“ (Бате ќе се жени).
Овој пат насловната песна ја изрецитира авторот, а истата препеана, не на македонски стандарден јазик, туку на прилепски дијалект ја изрецитира Филип Димкоски, кој направи избор и препев на дваесетина песни од Власта Цениќ објавени во книгата „Ѕвездена лектира“ („Стари поток“, Кочани, 2022).
Секако, тоа наиде на радост и воодушевување на публиката, и кога се желнееше за уште поетска наслада и кога секој посакуваше да го зароби секој миг од чудесната поетска вечер, заврши поетската дружба, по која следуваа прегратки, честитки, разговори и споделување импресии…

ЧАДОР ШТО ШТИТИ ОД НЕЗНАЕЊЕ

Поетската патека низ Прилеп продолжи и следниот ден, во кој поетот Власта Н. Цениќ со насмевки, со погача и со сол беше пречекан во ООУ „Блаже Конески“, на средба со учениците од ова училиште организирана од библиотекарката Вера Искова и нејзините колешки.

Тие беа полни со изненадувања и подароци за поетот, а тој, пак, им приреди дружба каква што не виделе. Средбата започна со хорска изведба на „Во светот на бајките“, учениците го претставија поетот преку неговата биографија и преку негови стихови препеани на македонски. А необично, поетот пред децата се појави со чадор. Да, огромен, син чадор…
– Но овој чадор не е обичен, драги деца, овој чадор штити и од дожд, но штити и од нечитање, незнаење и некултура. На него се ликовите на големите српски поети. А книгите и чадорите имаат нешто заедничко, корисни се само кога се отворени – им рече поетот Власта Н. Цениќ на децата, кои со радост и внимание го слушаа секој негов збор.

ПЕСНИ ЗА КОНЕСКИ И ЗА ШУПЛИНОВА

Тој им ја прочита и песната што ја напиша во чест на нивниот патрон Блаже Конески, но и песната посветена на поетесата и новинарка Евгенија Шуплинова, која потекнува од прилепското село Тополчани, а е основачка на „Колибри“.
Тој им подари книги што ќе се најдат во училишната библиотека, а тие му подарија огромна книга со нивни изработки, честитки за учениците во училиштето во неговото село Дољевац, но најголемиот подарок следуваше на крајот.
Третоодделенците на наставничката Весна Арсиќ ја испеаја со кореографија песната „Верност“, композиција за детски фестивал, по текст на поетот Власта Н. Цениќ… Па така, успеаја еден многу образован и речит човек да остават без зборови…
Си ветија идни дружби и соработки и со прегратки се разделија.
Во двата дена на неговиот престој во Прилеп, поетот ја посети и Музичката соба со роднокрајни изведувачи од Прилеп, Лапидариумот, но неизоставно и Спомен -куќата на Блаже Конески во Небрегово. Тој гостуваше и на локалната РТВ Пела, а прилог за неговото гостување во Прилеп сними и Македонската радио-телевизија.
Сите овие настани и активности се во организација на Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ од Прилеп, со поддршка на Општина Прилеп и библиотеката „Борка Талески“.


Плетенки

Леле кога ја видов без плетенкиии
ми се сврти цела галаксија,
магла ми падна преку зениците
сите цветови излетаа од саксија.

Можела само некоја рака камена
да ѝ ги тргне плетенките од рамена
да бев тука жими мајка
за плетенките ќе летаа глави.

За две плетенки, онолкави!

Власта Н. Цениќ („Ѕвездена лектира“, препев: Филип Димкоски,
„Стари поток“, Кочани, 2022)

Фото: Кире Костадиноски ООУ „Блаже Конески“-Прилеп