Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп годинава со поддршка на Министерството за култура и туризам ќе реализира обемна и богата програма со концерти, изложби, а ќе прикаже и три театарски премиери во театарот „Војдан Чернодрински“.
Режисерката Тамара Стојаноска ќе го постави текстот „Чиста куќа“ од Сара Рул, Дејан Пројковски на сцената ќе ја режира „Три сестри“ од А.П. Чехов, додека Мартин Кочовски ќе се потпише на претставата „Ловец во ’ржта“, според Џ.Д. Селинџер. Министерството за култура и туризам оддели пари и за манифестацијата „75 години театар ’Војдан Чернодрински‘“, кој годинава планира да реализира гостување во Верона на „Шекспир фринџ фестивал“ со претставата „Бура“ од Шекспир во режија на Џон Блондел.
Поддржани се и повеќе концерти – на женскиот камерен хор „Керамија“, на духовна музика со црковниот хор „Св. Петка“, на „Трио џентелмен“ – „Македонска рапсодија“, концерт на дуото хармоника и пијано, „Вечер на филмска музика“, „Тут квартет“, „Џез-вечер со Клод Болинг“, на класична музика на пијано „Дневник“. Ќе се одржи и вечер посветена на творештвото, делото и аранжманите на Драган Ѓаконовски-Шпато. За првпат ќе се реализира и „Дулчиа сонант“ – фестивал на рана музика во Прилеп. Од областа на фолклорот, публиката ќе може да ужива во концертната промоција на новиот албум на „Чалгија саунд систем“, како и во дејноста со концерти на октет „Прилеп“ и на КУД „Моминок“.
Доста обемна е програмата од областа на визуелни уметности, архитектура и дизајн. Ќе бидат отворени 27 изложби од значајни странски, македонски, но и прилепски уметници: Мирослав Живковиќ, Данчо Ордев, Стефан Анчевски, Никола Пијанманов, Слободан Милошески, Елена Димоска Николоска, Методи Исков, Давид Атанасоски, Емил Солески, Милан Темелкоски, Катерина Деспот, Филип Јовески, Славчо Павлоски, како и годишна изложба на ДЛУП…
Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе ги реализира традиционалната ликовна колонија „Марко Цепенков Дрен 2025“ и изложбата на создадените дела, а планирана е и работилница за мозаик. Дополнително центарот ќе отстапи простор за изложба на дела од уметници што самостојно добија средства од Министерството за култура и туризам.
Ќе се печати и списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“, а од областа на инвестициите е поддржан проектот за набавка и поставување камери, со цел поголема безбедност на двата објекта, во домот и во театарот.
Ка.М.