• Не станува збор за вообичаена реакција на незадоволен претседател по неповолна одлука на Врховниот суд на САД. Обвинувањето на Трамп е многу посериозно: тоа е директна алузија дека врз највисоката судска инстанца влијаат надворешни центри на моќ

Изјавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, во врска со одлуката на Врховниот суд дека „судот е под влијание на странски интереси и политичко движење што е значително помало отколку што луѓето би помислиле“ одекна како политичка бомба. Не станува збор за вообичаена реакција на незадоволен претседател по неповолна одлука на Врховниот суд на САД. Обвинувањето е многу посериозно: тоа е директна алузија дека врз највисоката судска инстанца влијаат надворешни центри на моќ.
Ако изјавата се чита површно, вниманието лесно може да се насочи кон Кина или кон поединечни судии. Но Трамп, сепак, внимателно формулираше. Имено, не ја обвини Кина како држава, ниту официјален Пекинг, туку некој сосема друг. Ова можеби е неочекувано за јавноста, но станува збор за сосема прецизно вперен прст од претседателот на САД.

Кои се тие идеолошки бастиони на либералниот модел?

Во правната офанзива против тарифните овластувања на претседателот Трамп се појавија две влијателни институции: Американската стопанска комора и институтот „Като“. Овие организации не се кинески фронтови. Тие се идеолошки бастиони на доктрината на слободна трговија инспирирана од Адам Смит, концепт што со децении ја обликува глобалната економија. Токму тука се отвора клучното прашање: дали „странските интереси“ не се географска, туку системска категорија?

Слободната трговија како империјален инструмент

Кога министерот за финансии на САД, Скот Бесент, неодамна изјави дека „економската безбедност е темел на националната безбедност“, тој практично ја оживеа доктрината на Александар Хамилтон (американски економист, политички теоретичар и прв министер за финансии на САД, кој е и човекот што тврдеше дека индустрискиот развој е предуслов за суверенитет!). Хамилтон не ѝ се спротивставувал на Кина. Тој се борел против империјалниот финансиски систем олицетворен во Џорџ Трети, Банката на Англија и Британската источноиндиска компанија, механизам што преку „слободна трговија“ ја ширел британската хегемонија. Тој модел, според аналитичарите, „никогаш не исчезнал, туку само се трансформирал во современ глобалистички финансиски поредок, со центар во Лондон и со идеолошка подлога во либералната догма дека пазарот е апсолутен арбитер“.

Кисинџер, човекот на британскиот либерален систем, вграден во Вашингтон

На историскиот состанок на т.н. Одбор за мир, каде што 60 држави одговорија на повикот на Трамп, американскиот претседател иронично го спомена и поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер. Забелешката за „протекување информации“ не беше случајна. Кисинџер беше архитект на поствоениот светски поредок, политички пристап што често се одржуваше со „контролирани конфликти“ наместо трајни решенија. Во јавноста постојат негови изјави дека британската дипломатија била подобро информирана од американските институции – што дополнително ја храни тезата за длабоки трансатлантски врски во обликувањето на глобалната стратегија, попрецизно кажано, каде што била присутна „долгата рака на британскиот империјализам и хегемонизам“ и Кисинџер во негово време, во нивна функција во полн капацитет.

Лондон секогаш како светски надзорник: профитната максимизација пред
националната стабилност!

Критиката насочена кон „британскиот либерален систем“ не е нова. Во суверенистичките кругови се тврди дека финансискиот модел создаден во времето на британската империја продолжува да живее преку глобалните финансиски институции, офшор-мрежи и идеологијата на дерегулирана трговија. Според ова гледиште, отпорот кон тарифите (не само блокирањето на Врховниот суд на САД), не е реакција на економска мерка, туку одбрана на систем што историски овозможувал Лондон да ја задржи својата хегемонистичка позиција – дури и над поранешните колонии, вклучително и САД. Пораката што се извлекува од оваа нарација е дека противникот не е конкретна држава, народ или религија, туку – економски модел. Модел што, според одредени аналитичари, ја става профитната максимизација пред националната стабилност и долгорочната индустриска стратегија.
Според американската аналитичарка Сузан Кокинда, прашањето што според сето ова останува да се одговори е суштинско и гласи: дали американските гласачи ќе ја препознаат оваа битка како продолжение на историскиот судир меѓу републиканскиот суверенитет и империјалниот финансиски либерализам? Или, пак, судската одлука за тарифите ќе остане само уште една епизода во дневнополитичката врева, без да се отвори дебатата за тоа кој навистина ја пишува економската доктрина на 21 век? Р.С.