Фото: „Нова Македонија“

„Две илјади и триста вечери и утра и светилиштето ќе било исчистено“ – 24 века од раѓањето на Александар, синот на Филип и Олимпија

„Нова Македонија“ во пресрет на датумот на раѓање на Александар Македонски, за кој се претпоставува дека бил меѓу 20 и 23 јули, објавува ексклузивен фељтон на Никола Ристевски, кој како долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство дава приказ за ликот и делото на големиот македонски војсководец, неговата поврзаност со Македонија, како и за неговото светско наследство

Ова е приказна за најголемиот цар на сите времиња, раскажана од Пеонија, од народ што практикува чудни ритуали и има обичаи што и денес се неразбирливи. Приказна раскажана од народ што во антиката немал република, туку кралства, царство и империја. Етнос што имал градишта, селишта, кули и тврдини кога предците на денешното модерно граѓанство уште не знаеле да работат со камен, народ што на светот му дал култура и цивилизациски вредности што се корисни и во времето што го нарекле 21 век.
Кој е тој чиешто име останало запаметено од светот и векот од древноста, па до денес? За кого се напишани најмногу книги во историјата на човештвото? Каков бил јунакот што уште од младоста започнал да освојува со мудрост? Од каде потекнувал човекот за кого повеќе од 2.300 години човештвото пишува, преведува, размислува и измислува? Голем човек, цар на империја што се протегала на три континенти, врвен војсководач и филозоф за кого демек се знае многу, но никој не знае каде му се наоѓа гробот. Наводно починал околу 40 дена пред да наполни 33 години. Македонец од Македонија. Цар на Големата Македонска Империја. Името му е АЛЕКСАНДАР! Цар Александар Македонски.
Оние што зборуваат лошо за Александар нека не ги забораваат и неговите добри дела и подвизи, но најпрвин нека се запрашаат самите себеси за нивниот живот, па да го споредат времето што им е дадено на оваа земја со само еден ден од животот на Александар Македонски, царот од Македонија чиешто име се прочуло за век и векови. Во неговото време и вековите по него немало ни народ ни град што не го знаеле името на Александар Македонски. За него пишува и во Библијата, Куранот и Талмудот, во старите книги на сите европски, речиси сите азиски и некои африкански земји. Легендите за него и ден-денес се раскажуваат низ целиот свет. Тој е човекот чијшто живот прераскажан во книги бил почитана приказна и од верските книги. Александар Македонски бил, е и ќе биде инспирација и за безброј уметнички дела, скулптури, гравури и споменици. Син на Филип и Олимпија, цар на Македонската Империја, хегемон на тогашните градови држави, фараон на Египет, „шаханшах“ цар на царевите на Вавилон, владетел на Азија. Прв меѓу еднаквите од Македонија, владетел и водач што го поставил примерот за обединување на светот преку култура и наука. Римјаните го нарекле Магнус, Велики. Муслиманите уште раскажуваат приказни за „Зул Карнејн“ – оној со двата рога. Искандар, Шандор, Сикандар, Сканда, Бабаџан… и по 2.300 години, неговото име никако да загине. Македонскиот цар Александар оставил неизбришлива трага во човештвото и со својот живот и дело поставил пример за светска империја основана на морални и филозофски начела, постигнувајќи државнички и човечки успех што бил и останал ненадминат.
Генерациите на луѓе што живеат на планетата Земја во вековите по Александар не ги зачувале оригиналните записи од неговото време. Фрагменти од древните сведоштва за пошироката јавност најчесто се достапни преку современи преводи на некогашните преводи од поранешните преводи, кои исто така биле преведени од древниот македонски јазик и писмо на големата македонска империја. Преводи, преписи, копии, собирани извадоци, прераскажувања на преводи на стари записи и уште какви ли не приказни се препишале во последните две илјади години. За Александар Македонски се напишани најмногу книги во историјата на човештвото. До пред само неколку века книгите за животот, подвизите и делата на Александар биле најчитана литература буквално во целиот свет. Најчесто едни исти приказни стигнале до модерната литература, што се должи на гореспоменатите преводи и преписи – се препишувале исти извори, а многумина дури и несвесно работеле во прилог на прикривање на големата мистерија за најголемиот цар на сите времиња – Александар од Македонија, Александар Македонски, Александар царот на Македонците и големата Македонска Империја.

Раѓањето на Александар

Родители и први учители му биле мајка му Олимпија и татко му Филип. Се запознале и се вљубиле кога се сретнале на ритуалот на древните мистерии на Самотраки. Според денешното сметање на времето, мајка му Олимпија го родила во деновите од 20 до 23 јули во 356 година пред нашата ера. Според преданијата, кога се родил синот на Филип Македонски, се запалил храмот на Артемида во Ефес. Мајка му чекала да „се наредат ѕвездите“, за да го роди во точен час, како што прорекле свештениците. Кога ја добил веста дека му се родил наследник, татко му само што победил во битка, а советниците му претскажале дека син му ќе бил непобедлив, бидејќи освен победата и среќната вест, го известиле и за победа на еден од неговите генерали и успехот на еден од неговите коњи за трки. Според некои од историските извори, Олимпија и Филип имале чудни соништа кога се зеле. Пред свадбата Олимпија сонувала дека загрмело и гром ја погодил во утробата, по што пламнал силен оган што се раширил насекаде. Наводно, по свадбата Филип сонувал како удира печат со лик на лав во утробата на сопругата. Александар е роден во почетокот на знакот лав во денешниот календар, а познато е и дека секаде каде што градел и победувал градел споменици на лавови. Човештвото ги зачувало и неговите блиски средби со лавови, претставени на уметнички дела и мозаици. Како и Херакле, и тој носел лавовски параферналии и регалии од еден од неговите подвизи.

Учителите на Александар

Од старите книги можеме да прочитаме дека за први воспитувачи, учители и инструктори му биле доделени Леонид и Лизимах. Мудроста на младиот наследник на македонската држава се покажала уште во раното детство. Кога имал околу седум години, во дворецот на татко му Филип дошле претставници од царскиот двор на Персија. Во еден период Филип им давал и заштита на некои од персиските државници. Младиот принц ги зачудил Персијците, прашувајќи ги за нивната подготвеност за војна, за должината на патиштата што воделе во Азија, за оддалечените кралства далеку на исток за кои читал во книгите и за тоа како се однесувале Персијците со непријателите. Вчудовиденоста од нивото на разговор на детето на Филип во Персија најавила дека Македонија веќе подготвувала наследник. Една од најпрераскажуваните епизоди од животот на Александар Македонски е првата средба со неговиот легендарен коњ Букефал. Средновековните преводи на старите записи зачувале преданија и легенди за Букефал, според кои, коњот на цар Александар бил последниот еднорог. Скротувањето според сончевата светлина и сенката бил почетокот на нивниот пат до крајот на светот. Наводно, Александар бил научен на вештините и знаењата за големиот поход од неговиот учител Аристотел. Тие што го тврдат тоа заборавиле дека, според историските податоци, Аристотел го подучувал Александар дури од неговата 13 година, а неполни три години подоцна, татко му Филип го назначил за регент на Македонија.

Походот и империјата

На 16-годишна возраст Александар го добил она што го посакувал од најраното детство за да ги исполни заветите на предците во војна што била свет поход за Македонците. Знаел за навиките на Македонците да се предаваат и убиваат со цел да стигнат на власт, за старите војни со Персија, за походите кон „крајот на светот“, но и за тоа дека некогаш, многу одамна пред неговото време, постоело големо царство на мајката земја и таткото сонце, кое се протегало низ целиот тој познат свет. Александар знаел што треба да направи за да стигне до потомците на древните мудреци, што треба да ги праша, но и што да им пренесе. Синот на Филип и Олимпија за неколку години ги обединил и ги покорил сите соседи, а потоа за една деценија успеал не само да ги отвори старите библиотеки туку и да создаде нови, кои ја поставиле основата на ширењето на македонската култура во Африка и Азија во вековите по него. Затоа сведоштвата од сите народи што живееле на територијата на големата Македонска Империја покажуваат дека Александар ги посетил за да ги вклучи во неговото царство, не променувајќи им ништо од традициите и навиките, само во организацијата на локалното и државното управување – во големата империја Македонија. За тоа имал и подготвени другари, кои со младоста и силата заедно со поддршката од возрасните генерали на Филип и моќта на македонската држава можеле да тргнат во поход кон најголемото царство во тоа време – големата Персија.
Походот на Македонското Кралство и создавањето на големата Македонска Империја биле предизвик на кој градовите држави не само што немале храброст да се нафатат туку и немале свест да ги спознаат значењето и важноста на најголемата научна експедиција во историјата на човештвото. Траги од таа некогашна Македонска империја и кралството на Македонците денес има во Азија, Африка, низ цела Европа, па дури и во Јужна Америка. На многу места во светот, но и во државата што и денес го носи името на империјата на Александар, но не е монархија, туку република. Македонија. Млада република по урнек на градовите полиси и Рим и Римјаните, истите тие што поставувале вештачки граници, очајно сакале да ги копираат Александар и примерот на Македонската Империја, правеле сѐ и сешто за да се заборави славата на Македонија, па и името македонско. Целата „модерна“ цивилизација се основа на два сосема нестабилни столбови – Рим и „Античка Грција“, кои претставуваат основа на западните цивилизациски вредности во 21 век. Но во антиката не постоел ниту термин „античка Грција“, ниту, пак, некаква си „грчка држава“. Рим ги наследил патиштата и градиштата од Македонската Империја и насилно изнел не само уметност, скапоцени камења, злато и книги, туку и иселил многу луѓе од домот на царот на Македонија. Исто како и Персијците векови пред него, кога принудно иселувале македонски и пеонски родовски заедници од Аксиј во денешна Мала Азија. Таму, и ден-денес постојат топоними што се премногу слични со македонските. И не само таму. „Хеленската цивилизација и култура“ се всушност македонска култура и цивилизација што биле раширени од Китим до Китај.

Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)