„Булки“ е насловена изложбата на фотографии од Милан Темелкоски, отворена во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“, на која се претставени фотографии на кои се овековечени булките. Поттик за изложбата, како што вели Темелкоски, е една пејзажна слика на сликарот Кирил Гегоски, негов долгогодишен пријател, на која булките се прикажани во прилепската околина, уловени од неговото набљудувачко око.
– Тоа сликарско доживување остави силен впечаток кај мене и почувствував потреба да ги забележам овие цветови и во својот медиум — фотографијата. Така, божуригите стануваат повеќе од мотив, тие се сеќавање, симбол и визуелна медитација. Најголем дел од фотографиите се направени на Плаошник. Булките не се осамени, туку се дел од поширок пејзаж, во дијалог со старите камени ѕидини, зелените падини и бескрајното охридско синило. Црвенилото на булките и синилото – небесно или езерско – се присутни речиси на секој кадар, како визуелна порака за нужното единство меѓу човекот и природата. На сликите се присутни и успокојувачката питомина на планината Галичица и зелените прегратки на шумичките околу Плаошник и Самуиловата тврдина – вели Темелкоски.
Според Слободан Беличански, Темелкоски снима од различни ракурси, со изразена смисла за композиција и длабока почит кон мотивот.
– Секоја фотографија дише тивко, но присутно – како сведоштво за нешто што вреди да се забележи, но и да се почувствува. Во булките е симболиката на животот и минливоста, на љубовта и смртта, на невиноста и отпорот – додава Беличански.
Милан Темелкоски е етаблирано фотографско име, кој фотографијата како страст ја негува повеќе децении. Неговото име е длабоко врежано во македонската фотографска сцена, особено преку неговата работа во Институтот за старословенска култура во Прилеп и преку долгорочната и плодна соработка со народниот театар „Војдан Чернодрински“ и истоимениот фестивал. Неговото творештво е особено препознаено во областа на археолошката, музејската и театарската фотографија, каде што умее да долови и документира културно-историски вредности со прецизност и емоција.
Ка.М.