Фото: ЕПА

Софија најавува прекин на протокот на руски гас низ Бугарија кон Унгарија и Словачка

  • Софија сѐ уште калкулира како последна преостаната точка за влез на руски гасоводни текови во ЕУ преку гасоводот „Турски тек“, откако Украина одби да го обнови договорот за транспорт на гас низ земјата во јануари. Другите историски патишта на Москва до ЕУ се оштетени или се под санкции. Сепак, таа самостојно и без поддршка на одредени високи групации во Брисел не би можела да го прави тоа...

Бугарија наводно го поддржува планот на Европската Унија за прекин на извозот на руски гас во блокот до крајот на 2027 година, изјави највисокиот енергетски функционер на земјата, потег што би ги прекинал испораките на гас од Москва до Унгарија и Словачка.
– Како земја членка на ЕУ, Бугарија ги усогласува своите активности со европското законодавство и политики, вклучувајќи го и предложеното постепено укинување… до крајот на 2027 година – изјави бугарскиот министер за енергетика Жечо Станков, додавајќи дека се очекува потрошувачката на руски гас низ цела Европа целосно да се укине до 1 јануари 2028 година.
Коментарите доаѓаат откако бугарскиот премиер Росен Жељазков минатата среда изјави дека неговата влада е за постепено укинување, по обраќањето на американскиот претседател Доналд Трамп на Генералното собрание на Обединетите нации, во кое тој побара Европа да ги прекине своите купувања на руски енергетски производи.

– Ние ќе се придружиме на одлуките на ЕУ за прекинување на договорите за користење или транзит на руски природен гас на краток рок – рече Жељазков на маргините на самитот во Њујорк.
Во јуни Брисел претстави нов закон со кој ќе се забрани увозот на руски гас во блокот, почнувајќи со краткорочни договори оваа година и постепено укинување на долгорочните договори до крајот на 2027 година. Земјите од ЕУ и Европскиот парламент во моментов водат паралелни преговори за предлогот.
Софија е оставена (и толерирана) да биде домаќин на последната преостаната точка за влез на руски гасоводни текови во блокот преку гасоводот „Турски тек“, откако Украина одби да го обнови договорот за транспорт на гас низ земјата во јануари. Другите патишта на Москва до ЕУ се оштетени или се под санкции. И тоа не е воопшто случајност. Тоа е двонасочен бенефит, коментираат познавачите на политичките состојби, додавајќи дека и Брисел и ЕУ имаат корист од Бугарија, но и обратно, дека Софија во моментов сѐ уште е „милениче“ на Брисел, па може да испорачува и ирационални (надвор од меѓународното право) барања, како во случајот со Македонија.

Со овој потег, сега се смета дека најавите од Софија веројатно ќе предизвикаат вознемиреност во Унгарија и Словачка (токму опструкторите на либерален Брисел), кои во просек сè уште добиваат 70 проценти од својот гас од Москва. Будимпешта и Братислава долго време се спротивставуваа на напорите на ЕУ за постепено укинување на увозот на руска енергија, тврдејќи дека тоа ќе ги зголеми цените со оглед на тоа што имаат ограничени алтернативни патишта за снабдување.
Пратениците на Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ треба да ги одобрат своите ставови за законот следниот месец, пред да влезат во меѓуинституционални преговори, со надеж дека ќе постигнат договор до крајот на годината. Р.С.