Фото: „Нова Македонија“

Вчера, во молдавскиот главен град Кишињев се одржа првиот самит меѓу ЕУ и Република Молдавија. Имено, Брисел третпат организира самит на ЕУ во помала земја, кандидат за членство (симболично, трета среќа). Да споменеме дека претходно сличен самит на ЕУ надвор од Унијата бил одржан во Турција, а и во Украина, обете земји со амбиции за членство во блокот

Вчера се одржа самит на ЕУ во Кишињев, Молдавија

Вчера, во молдавскиот главен град Кишињев се одржа првиот самит меѓу ЕУ и Република Молдавија. Имено, Брисел третпат организира самит на ЕУ во помала земја, кандидат за членство (симболично, трета среќа). Да споменеме дека претходно сличен самит на ЕУ надвор од Унијата бил одржан во Турција, а и во Украина, обете земји со амбиции за членство во блокот.
За издвојување е тоа што ваков самит на ЕУ, Брисел не организирал ниту одржал во ниедна од земјите на Западен Балкан, каде што некои од земјите имаат статус на земја кандидат за ЕУ повеќе од една деценија, а Молдавија е официјален кандидат за членство во Унијата само три години (од јуни 2022 година).
Во Молдавија дојдоа тројца лидери на ЕУ – претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас. Интересно е што за средбата беа испланирани само два и пол часа, но она што се праќа како порака е исклучително значајно да се обележи.

Преференцијален статус на некои кандидати од чисто политички
причини, а не заради исполнети (копенхашки) критериуми

Одржувањето на самитот на ЕУ во Молдавија има цел испраќање силен политички сигнал од Брисел, со практикување на добро познатите бриселски политики на „морков или стап“. Овој пат повеќе од очигледно е дека Брисел употребува „стап за Грузија, а морков за Молдавија“.
За метафоричкиот „стап на Брисел“ врз Тбилиси, односно за Грузија, вчера во „Нова Македонија“ веќе пишувавме. Имено, се осврнавме на обликувањето и спроведувањето на мерките од страна на Брисел поради кои „Грузија се соочува сѐ повеќе со меѓународна изолација“. Како последица на тоа, официјален Тбилиси реагира на таквата низа механизми/алатки и мерки од страна на Брисел поради кои „Грузија се соочува и се носи во сѐ поголема меѓународна изолација, при што моменталната ситуација во односите на Грузија со ЕУ е неповолна“, според изјавата на грузиската министерка за надворешни работи Мака Бочоришвили. Следствено на тоа, поточно поради „судирот на Грузија со ЕУ“ и заради „заштита на националните интереси“, Грузија одлучи „да ја замрзне својата кандидатура за интегрирање во ЕУ“.
Од друга страна, еве и неколку збора и за „морковот на Брисел кон Кишињев“, односно кон Молдавија.
Имено, за Молдавија, Брисел милува да дава оптимистички прогнози со кои се предвидуваат за неа „пристапување во ЕУ во 2029/30 година“. Во моментов, како што се тврди, „во преден план е пред сѐ прашањето за т.н. раздвојување, што значи дали преговорите за пристапување на Молдавија ќе бидат раздвоени од оние со Украина и дали Брисел и Кишињев брзо ќе ги отворат првите поглавја“. Раздвојувањето е неопходно бидејќи Унгарија го блокира отворањето на поглавјата со Украина.
Сега Брисел ѝ нуди на Молдавија и повеќе од „морков“ за да ги зајакне пробриселските либерални сили во земјата, затоа што, според анкетите во Молдавија, суверенистичките социјалисти и комунисти динамично зајакнуваат на теренот и во молдавскиот електорат. Тие на изборите веројатно ќе настапат заедно во сојуз, но за издвојување е дека во моментов, тие се зад владејачката пролиберално-европска партија ПАС.

Но доколку суверенистите (социјалисти и комунисти) настапат во коалиција, плус со блокот Алтернатива (на градоначалникот на Кишињев, Јон Чебан, што е засега неутрален), тогаш суверенистичкиот блок би можел да постигне парламентарно мнозинство, а тоа е детектирана исклучителна висока опасност за либерален Брисел. Тоа ќе биде уште едно домино во низата држави (и во ЕУ и надвор од неа) во кои суверенистите (конзервативците, традиционалистите) би дошле на власт. Затоа, со самитот на ЕУ во Молдавија, Брисел сака да прати уште една јасна политичка порака: На крајот на септември во Молдавија ќе се одржат парламентарни избори. Брисел дава ветер во едра на сега владејачката партија Акција и солидарност (ПАС) на пролиберално европската претседателка Маја Санду. Присуството на врвот на Брисел на самитот на ЕУ во Молдавија треба да биде стимулирачки сигнал за либералната опција во Молдавија, да се прикажат бенефитите од членувањето во ЕУ и да не се случи уште едно сценарио во низа, кое Брисел воопшто не го сака… Романија, Грузија, Молдавија… затоа што ЕУ кога наградува, навистина може да го направи тоа прекутрупа и обилно, но кога казнува, слободно може да се види на примерот на Грузија. А можеби и на примерот на некои земји од Западен Балкан.
Молдавија не може да стане членка на НАТО бидејќи нејзиниот устав пропишува воена неутралност, но ЕУ во овој момент има јасна цел (повторно политички да интегрира една земја, како своевремено Бугарија и Романија) и сака брзо да ја интегрира малата Молдавија, поради добро познати причини.

Топло-ладно игрите на Брисел

Да преминеме сега на ситуацијата со Македонија. Ситуацијата со нејзиното евроинтегрирање запаѓа во сѐ посложена и поделикатна ситуација по најновата посета на еврокомесарката за проширување Марта Кос, бидејќи ЕУ неотстапно бара од Македонија да изврши промена на својот устав. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на заедничка прес-конференција со комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, недвосмислено нагласи дека Македонија не прифаќа наметнувања под маската на европскиот процес, нагласувајќи дека „земјата ќе продолжи напред по сопствена волја, со конкретен план и јасна визија“.
– Не прифаќаме наметнувања под маската на европскиот процес. Европа е дом на правото, правдата и достоинството. Ова се вредностите што ги прифаќаме. Сè друго е туѓо за ЕУ, а и туѓо за нас. Нема да чекаме некој да нè турка, туку ќе се движиме по сопствена волја, со конкретен план и јасна визија. Постигнуваме резултати не затоа што некој нè бара, туку затоа што нашите граѓани го заслужуваат тоа. Ќе продолжиме да ги следиме европските вредности, не затоа што некој ни наредува, туку затоа што тоа е нашето решение и ние веруваме во него – изјави македонскиот премиер.
Образложувајќи на 25 јуни 2025 година на што се должи неподготвеноста да се изврши промена на македонскиот устав, тој ќе нагласи: „Бараната промена на Уставот нема да биде последна, туку ќе биде почеток на еден процес, кој нема да има крај. Проблем не е промената на Уставот, туку идентитетот и јазикот. Се случува обид за создавање нова македонска модерна нација и нов македонски модерен (современ) јазик.
Во еден ваков контекст, вистинско прашање, според нашите соговорници, е дали Брисел во ваквата реторика на премиерот Мицкоски би „пронашла интонација што ќе предизвика реакција слична на онаа со која Брисел испорача одредени мерки и состојба во Грузија, па евентуално да се најде и Македонија во некаква слична ситуација, но и со некакви форми и облици на суптилни, а потоа и отворени санкции“?!


„Трпението“ на ЕУ и трпењето на Македонија

Во вчерашниот напис во нашиот весник под наслов „Грузиско сценарио за Македонија во режија на Брисел“ ја издвоивме исклучително интересната и наедно сензитивна информација од брифинг со еден дипломат од кариера, кој во разговорот ни тврдеше дека веќе „постојат подготвени мерки за мека изолација и економски санкции за Македонија“.
Токму оваа „предупредувачка порака“ на дипломатот недвосмислено нѐ потсети на низа претходни изјави на аналитичари, експерти, странски емисари, посредници, олеснувачи и дипломати, кои во скорешно минато даваа вакви отворени изјави за јавноста.
– Трпението на Европската Унија истекува, а можен следен чекор се санкции. Во игра се многу опции, но ако погледнете што било направено во други држави од страна на ЕУ, најважни би биле замрзнување на финансискиот капитал, забрана за патување, кои се особено погодни кога целта се поединци, а не кон цели држави. Европската Унија може да ја искористи и нејзината финансиска моќ, како што направи и во 2016 година, кога одлучи да ѝ ускрати на Македонија дел од предвидените пари, поради неспроведување на реформите. Тоа е уште еден начин да се направи притисок – имаше посочено професорот Гарет за „Дојче веле“, додавајќи тогаш дека „ваквите мерки се во игра, откако средбите на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во Скопје поминаа неуспешно“.
Интернет-порталот на „Централноевропската иницијатива“ – меѓународна платформа за промовирање на евроинтеграциите, уште во јули 2023 ја пренесе веста на италијанската новинска агенција АНСА дека „тројца европски министри за надворешни работи – Австриецот Александар Шаленберг, Чехот Јан Липавски и Словакот Мирослав Влаховски, во ретка специјална мисија тогаш беа дојдени во Скопјe, во име на тогашниот висок претставник на ЕУ, Жозеп Борел, навестувајќи можност да ѝ се случи на Македонија изолација од меѓународната заедница, ако продолжи да одбива да ги исполни барањата на Бугарија да ја вклучи локалната бугарска заедница во својот устав“.
Дали можеби Брисел ќе примени и некакви репресивни методи по ваквите настапи на своите емисари и еврокомесари во периодот што следува годинава?! Навистина, ќе се осмели ли Брисел да го активира гореспоменатото „грузиско сценарио“ доколку македонската влада не игра по бриселското сценарио, односно не прифати априори промена на македонскиот устав?! Тоа би бил преседан над преседаните, но ништо чудно од ваквите неолиберални бриселски елити за кои меѓународното право е само обично парче хартија…

Свето Тоевски