Големи несогласувања во ЕУ околу заемот за репарација на Украина
- Предлогот на ЕУ и начинот на неговото презентирање предизвикаа тешка конфузија за шемата што е предвидена да ги покрие огромните потреби за финансирање на Украина преку користење запленети руски средства. Остар одговор дојде од Белгија, каде што е седиштето на финансиската институција „Евроклир“, која е клучна во преговорите со ЕУ за реализација на планот. Огромно незадоволство дојде по тој основ и од Европската централна банка (ЕЦБ), која предупреди дека „секое правно прекршување при користење на средствата може да предизвика егзодус на капиталот на инвеститорите од Европа, што, во најлош случај, може да ја загрози финансиската стабилност на еврозоната“
Поздравена како иновативно решение, идејата за засебен заем за репарација на Украина всушност стана метафора за нетранспарентното работење на Европската комисија (ЕК) и отсуството на основни економски познавања од нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен.
Во својот осврт по ова прашање, реномираниот медиум „Еурактив“ мошне отворено и врз основа на свои истражувања ја критикува европската влада за „отсуството на детали за шемата што е предвидена да ги покрие огромните потреби за финансирање на Украина преку користење запленети руски средства“. Во тој контекст, за издвојување е и некарактеристично остриот став против плановите на ЕК што доаѓа од Белгија, каде што всушност е седиштето на финансиската институција „Евроклир“, која е клучна во преговорите со ЕУ за реализација на планот.
На самитот на ЕУ во Копенхаген денеска клучно прашање ќе бидат руските пари за Украина
За предложениот план за користење на замрзнатите руски средства, кој претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, во текот на месецов го најави во својот говор за состојбата на Унијата, денес треба детално да се дискутира од страна на лидерите на ЕУ на самитот во Копенхаген. Планот би вклучувал „користење стотици милијарди евра во имобилизирани средства на руската централна банка“ што се чуваат од страна на ЕУ за „да се пополни буџетскиот јаз на Украина и да се финансира нејзиното вооружување“. Имено, Владата на ЕУ планира да искористи руски пари за купување оружје за борба против Русија!?
Претседателката на Европската комисија тврди дека планот не вклучува „допирање“ на основните средства, што потенцијално би можело да го наруши нивниот суверен имунитет гарантиран според меѓународното право. Згора, Украина ќе треба да го врати заемот само ако Москва се согласи на воени репарации за Киев. Аранжманот, во теорија, би им овозможил на „фискално затегнатите држави“ од ЕУ да избегнат давање пари за поддршка на воените стремежи, како и за реконструкцијата на Украина.
Отсуство на согласност за многу клучни детали од планот на Фон дер Лајен: Одобрувањето нема да бара едногласност меѓу 27-те членки на Унијата
Сепак, постои отсуство на согласност за многу клучни детали од планот. Големо прашање е неговата вкупна вредност. Германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој минатата недела изрази целосна поддршка за предлогот на Брисел во колумна во „Фајненшл тајмс“, истакна дека може да обезбеди речиси 140 милијарди евра во бескаматни заеми за Киев. Портпаролот на Комисијата, Балаж Ујвари, во врска со ова изјави дека заемот ќе собере „околу 170 милијарди евра“ во имобилизирани средства што се чуваат во финансиската куќа „Евроклир“, која држи огромно мнозинство од замрзнатите средства на руската централна банка.
Подоцнежното издавање белешка од една и пол страница (во која се наведува дека одобрувањето на заемот нема да бара едногласност меѓу 27-те членки на Унијата) од Комисијата за нејзиниот план до земјите членки пред дискусијата на амбасадорите на ЕУ, само делумно ги смири грижите на Белгија, според луѓе запознаени со ова прашање.
Предлогот на ЕУ и начинот на неговото презентирање предизвикаа големо незадоволство и кај Европската централна банка (ЕЦБ), која постојано предупредуваше дека секое правно прекршување при користење на средствата може да предизвика егзодус на капиталот на инвеститорите од Европа, што, во најлош случај, може да ја загрози финансиската стабилност на еврозоната. Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, беше длабоко фрустрирана од неуспехот на Комисијата да обезбеди каква било писмена презентација на својот план пред состанокот на министрите за финансии на ЕУ во Копенхаген во текот на месецов, според извор на „Еурактив“ запознаен со ситуацијата. Поранешната адвокатка се пожалила дека наместо писмен извештај, таа добила само телефонски повик од Мартен Вервеј, генерален директор во одделот за економски и финансиски работи на Комисијата и еден од главните поддржувачи на шемата.
Избегнувањето на барањето за едногласност би го заобиколило потенцијалното вето од Унгарија
Конфузија владее и за други клучни прашања. Тие вклучуваат како ЕУ планира да го почитува ветувањето на Фон дер Лајен да не ги „допира“ основните средства додека ги „мобилизира“ средствата преку гаранции на земјите членки, како што предложи Џон Бериган, генерален директор на одделот за финансиски услуги на извршната власт на ЕУ, за време на парламентарното сослушување минатата недела.
Планот за заем за репарација би се потпирал на специфичен сегмент (членот 31, став 2) од Договорот за Европската Унија, во кој се наведува дека Советот може да дејствува со „квалификувано мнозинство“ за одлуки поврзани со „стратешките интереси и цели“ на блокот. Избегнувањето на барањето за едногласност би го заобиколило потенцијалното вето од Унгарија, чиј лидер Виктор Орбан постојано се закануваше дека нема да се согласи со продолжувања на санкциите кон Русија. Европските претставници нагласуваат дека е малку веројатно поделбите околу заемот за репарации да бидат решени за време на денешниот состанок. Ујвари рече дека Брисел сè уште „многу внимателно“ го разгледува својот план и наскоро ќе излезе со подетален предлог. П.Р.
Есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) ќе се фокусира на повеќе тековни политички кризи
Бугарија одново на тапет поради отвореното непризнавање на македонското малцинство
- Последен пат ПССЕ расправаше за Бугарија пред шест години во 2019 година и тогаш одлучи да го продолжи постмониторинг-дијалогот со властите од Софија. Во најновиот извештај објавен во Стразбур, до кој дојде „Нова Македонија“, се нагласува дека во областа на човековите права на малцинствата сѐ уште остануваат отворени проблемите поврзани со непризнаеното македонско малцинство и со неизвршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права
Постмониторинг-дијалогот со Бугарија и политичката криза во Србија ќе бидат меѓу темите на кои ќе се дебатира во рамките на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), која се одржува неделава во Стразбур. На дневен ред ќе бидат и „евентуални нови закани за европските демократии“ (со кои најчесто се поврзува Русија), како и усогласеноста на Унгарија со нејзините обврски што произлегуваат од членството во Советот на Европа. Ќе се дискутира и за итен апел за хуманитарна криза и загубата на животите на новинари во Газа, како и за напорите за ослободување украински новинари осудени од Москва.
Собранието, исто така, ќе усвои мислења за нацрт-конвенцијата за основање меѓународна комисија за барања за Украина и за нацрт-конвенцијата на Советот на Европа за „копродукција на аудиовизуелни дела во форма на серии“. За време на сесијата, позицијата генерален секретар на ПССЕ за следните пет години ќе биде ставена на гласање од страна на пратениците.
Извештај на Парламентарното собрание на Советот на Европа за Бугарија
Последен пат ПССЕ расправаше за Бугарија пред шест години во 2019 година и тогаш одлучи да го продолжи постмониторинг-дијалогот со властите од Софија. Во најновиот извештај објавен во Стразбур, до кој дојде „Нова Македонија“, се нагласува дека во областа на човековите права на малцинствата сѐ уште остануваат отворени проблемите поврзани со непризнаеното македонско малцинство и со неизвршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права“!
Во својот последен извештај за Бугарија, објавен во март 2020 година, тогашната комесарка за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, со загриженост ја забележа „раширената нетолеранција кон малцинските групи во Бугарија, особено за луѓето што се изјаснуваат дека имаат македонско потекло. Но, исто така, на сличен начин бугарскиот систем ги репресира Ромите, муслиманите, мигрантите и барателите на азил. Ваквите негативни ставови на државата се рефлектираат и во бугарските медиуми, кои имаат тенденција да ги поврзуваат малцинствата со криминал и да ги претставуваат како опасност за вредностите или интересите на мнозинското население или за националните интереси“.
Главната загриженост во оваа област, во извештајот на ПССЕ, останува спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во групата случаи ОМО „Илинден“ и другите против Бугарија во врска со прекршувања на членот 11 од Конвенцијата (слобода на здружување). Овие пресуди се однесуваат на неоправданото одбивање на бугарските судови во 1998-1999, 2002-2004, 2010-2013 и 2014-2015 година да регистрираат здруженија чија цел беше да добијат „признавање на македонското малцинство во Бугарија“.
– Иако поминаа повеќе од 18 години откако првата пресуда во оваа група стана правосилна и покрај различните мерки донесени од бугарските власти за подобрување на функционирањето на механизмот за регистрација (од 1 јануари 2018 година), на гореспоменатите здруженија и понатаму редовно им се одбива регистрација врз основа на причини што се чини дека се поврзани со поширок проблем на неодобрување на нивните цели. Во март 2024 година, тогашниот министер за правда одлучи да формира работна група за анализа на можни мерки за спроведување на овие пресуди.
Македонците од Бугарија ја потврдија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, стои во извештајот на ПССЕ. Сепак, бидејќи властите не го признаваат постоењето на објективни критериуми што се однесуваат на нив, тие не можат да уживаат индивидуални малцински права. Властите на Бугарија нагласуваат дека бугарското законодавство не го содржи терминот „национално малцинство“ и дека Бугарија ги исполнува своите обврски преку индивидуален пристап.
Но за издвојување е дека изненадува предлогот на известувачите, кои предлагаат „да се затвори постмониторинг-дијалогот со Бугарија и сите нерешените прашања, меѓу кои и тие за Македонците, во Бугарија да бидат разгледувани во идните периодични прегледи“. (!?) Така, според експертите, „на некој начин ѝ се олеснува на Бугарија од страна на ПССЕ, како таа да ги исполнила сите обврски кон Советот на Европа“!?