Евроскептицизмот расте како одраз на кризата во срцето на Европа

  • Брисел – причинителот за аритмија на ЕУ

Незадоволството од актуелните политики на водството на Европската Унија расте од ден на ден, а тоа резултира со пораст на евроскептицизмот и меѓу граѓаните на земјите членки, кои сè почесто се исправени пред дилемата дали нивната земја треба да остане дел од ваквата Унија.
Напуштањето на Европската Унија од страна на Велика Британија пред неколку години беше јасен сигнал дека земјите ќе го следат суверенистичкиот пристап во иднина, бидејќи неконзистентните европски политики нанесуваа непоправлива штета врз интересите на земјите членки.
Подолго време отворени противници на европските политики, како во поглед на мигрантите така и во делот на надворешната политика, се Унгарија и Словачка, но во последно време се чини дека на овој блок му се приклучува и Полска.
Имено, неодамна полскиот премиер Доналд Туск обвини дека претседателот Карол Навроцки и суверенистичките опозициски партии, со своите потези повеќе се вртат кон својата нација и „ја туркаат земјата кон напуштање на европскиот блок“. Според Туск, дел од национално ориентираните фракции и мнозинството пратеници од партијата Право и правда, кои тој ги етикетира како „крајнодесничарски“ и „фракционерски“, „флертуваат со идејата за излез од Унијата“.
Иако поддршката за напуштање на Унијата и натаму е релативно ниска, последните анкети покажуваат дека меѓу 10 и 25 проценти од полските граѓани би поддржале почеток на процес за излез, а она што го вклучува алармот кај полските власти е што овој процент на незадоволни од ЕУ постојано расте.
– Евентуалното напуштање на Европската Унија од страна на Полска повеќе не е само теоретска можност, туку „реална закана“ – предупреди Туск.
Поранешни европски дипломати сметаат дека растечкиот евроскептицизам низ земјите членки на Унијата не е изолиран феномен, туку симптом на подлабоко и акумулирано незадоволство од начинот на кој се водат европските политики.

– Наместо да се доживува како проект на рамноправни држави што соработуваат во интерес на граѓаните, Европската Унија сè почесто се перципира како централизирана структура во која одлуките се носат далеку од очите на јавноста, а нивните последици директно ги чувствуваат националните економии и општества. Ова незадоволство особено доаѓа до израз во чувствителни области како што се миграциската политика, енергетиката и надворешните односи, каде што дел од земјите членки сметаат дека нивните специфични интереси не се доволно земени предвид. Виктор Орбан отворено изјавува дека „Брисел се оддалечил од реалноста на европските народи“, додека Роберт Фицо повеќепати предупреди дека Унијата не смее да се претвори во „политички диктат што ги игнорира националните суверенитети“. Слични тонови, иако повнимателно формулирани, можат да се слушнат и од други европски лидери – велат дипломатите, кои посакаа да останат анонимни.
Според нив, дури и во земји традиционално наклонети кон европската интеграција, како Полска, се појавуваат пукнатини во довербата.
– Конфликтите меѓу националните власти и институциите во Брисел, особено околу владеењето на правото и финансиските механизми, создаваат впечаток кај граѓаните дека ЕУ применува двојни стандарди или политички условувања. Во таков амбиент, евроскептицизмот не произлегува нужно од идеолошко противење на самата идеја за Европа, туку од чувство дека „Унијата НЕ функционира во корист на сите еднакво“! Предупредувањата на Доналд Туск дека Полска може да се најде на пат кон излез од Унијата не треба да се сфатат само како политичка реторика, туку како сигнал за сериозноста на кризата на доверба. Искуството со брегзит покажа дека кога незадоволството ќе достигне критична маса, дури и најстабилните членки можат да донесат радикални одлуки. Затоа, клучното прашање денес не е дали евроскептицизмот ќе продолжи да расте, туку дали европското раководство ќе најде начин да го препознае и да го адресира овој сигнал од граѓаните. Без суштинска корекција на либералните политики, кои се покажуваат како девастирачки за изворните принципи на Унијата, а и доколку Брисел продолжи БЕЗ поголема чувствителност кон националните интереси, ризикот од понатамошна ерозија на довербата останува реален, а со тоа и предизвикот за иднината на самиот европски проект – посочуваат евродипломатите.


Енергетската криза – уште една огромна причина што ја продлабочува поделбата во ЕУ

Дали Брисел ги прави поделбите во ЕУ со умисла за Унијата
да се раслои на „прва“ и „втора“ лига?!

Кризата во релацијата меѓу земјите членки и европското раководство дополнително се заострува како што ескалираат состојбите на Блискиот Исток, кога станува повеќе од јасно дека недостигот од енергенти сериозно ќе ја погоди европската економија, што потоа ќе се одрази и врз односите меѓу земјите членки.
За ова неодамна реагираше белгискиот премиер Барт де Вевер, кој повика на нормализација на односите на Европската Унија со Русија за да се врати пристапот до евтина енергија. Во интервју за белгискиот весник „Л’ехо“, Де Вевер рече дека ЕУ треба да постигне договор со Москва.
– Губиме на сите фронтови, мора да го завршиме конфликтот во интерес на Европа – наведе тој во објава за „Гардијан“, при што додаде дека Европа треба да ги зајакне своите одбранбени капацитети, но во исто време и да ги обнови односите со Русија.
Ваквите негови изјави беа дочекани со силни критики од страна на актуелното раководство на ЕУ, кое најавува дека не само што нема намера да попушти туку ќе воведе дополнителни блокади кон Русија.
– Одлучивме во Европската Унија дека не сакаме повторно да увезуваме руска енергија – рече Ден Јергенсен, комесар за енергија, на маргините на самитот на министрите за енергија во Брисел.
Повеќе од извесно е дека енергетската димензија на актуелните геополитички тензии сè појасно ја продлабочува пукнатината меѓу земјите членки и раководството на Европската Унија. Во услови кога кризата на Блискиот Исток се интензивира, а пазарите на нафта стануваат нестабилни, прашањето за обезбедување сигурни и достапни енергенти станува не само економско туку и политичко прашање од прв ред.
Посматрано низ таква призма, пораките од Барт де Вевер не се изолиран глас, туку рефлексија на зголемена загриженост меѓу дел од европските лидери дека сегашниот пристап на Унијата може да доведе до економска самоштета. Неговото предупредување дека „Европа губи на сите фронтови“ ја отвора дилемата дали геополитичките позиции на ЕУ се одржливи ако директно ги поткопуваат индустриската конкурентност и животниот стандард на европските граѓани.
Од друга страна, цврстиот став на Брисел, артикулиран преку Ден Јергенсен, дека Унијата нема намера да се врати на руски енергенти, укажува на стратегија што им дава приоритет на политичката кохезија и безбедносните принципи, дури и по цена на економски последици чии размери тешко може да се предвидат.
Но токму тука се појавува јазот, додека институциите на ЕУ инсистираат на долгорочна трансформација и диверзификација, некои од земјите членки се соочуваат со непосреден притисок како да обезбедат доволно енергија по прифатливи цени за да не дојде до колапс на нивните економии. Од друга страна, САД во вакви околности покажуваат поголема флексибилност, дозволувајќи адаптација на енергетските текови за да се ублажат ценовните шокови.
Тоа создава перцепција дека Европа, за разлика од другите глобални актери, е помалку прагматична и повеќе врзана за сопствените политички декларации, што ја става во ризик од маргинализација во глобалните текови.
Нема дилема дека ако ваквиот тренд продолжи, ризикот ќе биде не само економски туку и политички, односно ќе расте незадоволството кај граѓаните, дополнително ќе се продлабочуваат разликите меѓу земјите членки и ќе се јакнат евроскептичните движења.
На крајот останува клучната дилема, дали ЕУ ќе успее да најде баланс меѓу геополитичките цели и економската реалност или ќе продолжи со политика што носи висока цена, која не сите се подготвени да ја платат.