КРИТИЧКИ ОСВРТ КОН НАЦРТ-ЗАКЛУЧОЦИТЕ НА ЕВРОПСКИОТ СОВЕТ ЗА ПРОМЕНА НА МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ

  • Најновите барања на Европскиот совет и на еврокомесарката за проширување Марта Кос експлицитно му противречат на македонскиот устав. Но, наедно, тие барања се во спротивност и со сите најважни меѓународни конвенции и принципи на меѓународното право… Граѓаните стануваат свесни за заблудите што ни ги нуди Брисел, но вистинското прашање е како ние стигнавме во позиција да им допуштиме на оние што бараа бескомпромисно да се практикува принципот на владеење на правото, сега да бараат нешто целосно спротивно: да не ги почитуваме својот устав и законите?!

Европската Унија повторно испрати порака и барање до Република Македонија: првата фаза од преговорите за евроинтегрирање може да почне штом ќе се спроведат уставните измени. Во своите нацрт-заклучоци Европскиот совет наведува: „С. Македонија сè уште не ги завршила уставните измени на кои се обврзала. Советот ја потврдува својата подготвеност да свика уште една меѓувладина конференција, без понатамошни одложувања, или дополнителни политички одлуки, штом С. Македонија ќе ја спроведе оваа обврска, во согласност со своите внатрешни процедури“.
Сепак, дополнително се нагласува дека почетокот на преговорите не е автоматски.
„Земјата истовремено мора да ги исполни и другите обврски, кои ги засилуваат владејачката рамка и демократијата“, пишува во нацрт-заклучоците.
– Промена на Уставот заради старт на преговорите со ЕУ. Нема дополнителни услови за Македонија. Веднаш, откако ќе го променат Уставот, без дополнителни забавувања или дополнителни услови, ќе можеме да организираме меѓувладина конференција. Навистина ги очекуваме тие важни чекори – ваква порака од Стразбур пред неколку дена испрати и Марта Кос, еврокомесарката за проширување, преку интервју за бугарски медиум.

Најновите барања на Европскиот совет ги кршат сите меѓународни конвенции и принципи на меѓународното право

Имено, Европскиот совет бара „обврската за промена на Уставот да се спроведе во согласност со своите внатрешни процедури“. Во сегашниот устав, во Дел VIII. Измена на Уставот, во членот 130 се наведува: „Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија може да поднесат претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани“.
Во внатрешната постапка пропишана во македонскиот устав, на која нѐ упатува горенаведената висока ЕУ-институција, никаде не пишува дека Уставот може амандмански да биде променет според барање на Европската Унија, на Бугарија, на Шведска, на Германија, на Франција или која било друга држава во Европа и во светот. Така, аналогно може слободно да се заклучи дека најновите барања на бриселската висока бирократија и на еврокомесарката за проширување Марта Кос експлицитно го кршат македонскиот устав, но и сите најважни меѓународни конвенции и принципи на меѓународното право. Во продолжение и за овој аспект на барањето на Европскиот совет, поради што ова барање го прави ништовно…

Прво: Барањата испорачани од Европскиот совет се во директен судир со декларацијата на Генералното собрание на Обединетите нации

Со своите нацрт-заклучоци за Македонија, ЕУ и нејзиниот Европски совет се во директен судир со Организацијата на Обединетите нации (ООН) и кршат еден нејзин важен акт: декларацијата на Генералното собрание на ООН за недопустливост на интервенирањето и мешањето во внатрешните работи на државите од 9 декември 1981 година, број A/РЕС/36/103. Со оваа декларација Генералното собрание на ООН потврдува, во согласност со Повелбата на Обединетите нации, дека ниту една држава или група држави нема право да интервенира или да се меша во каква било форма или од која било причина во внатрешните и надворешните работи на други држави. „Принципот на немешање во внатрешните и надворешните работи на државите ги опфаќа следните права и должности: суверенитет, политичка независност, територијален интегритет… како и националниот идентитет; суверено и неотуѓиво право на државата слободно да го одредува својот политички, економски, културен и општествен систем… без надворешна интервенција, мешање, субверзија, принуда или закана во каква било форма…“, се нагласува во оваа декларација на Генералното собрание на ООН.
Имено Европскиот совет повикува Македонија да изврши промена на својот устав во согласност со Добрососедскиот договор со Бугарија и протоколите кон него, Преговарачката рамка и „францускиот предлог“, кои содржат категорично тврдење-фалсификат дека македонскиот народ и македонскиот јазик, идентитет и историја имаат „бугарски историски темели“. Тоа претставува целосно негирање на етничката, идентитетската и јазичната засебност на македонскиот народ.
Декларацијата на ООН за недопустливост на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите целосно ги заштитува македонскиот јазик и идентитет, како и македонската историја од какви било и чии било обиди за негирање или присвојување. Таа декларација строго забранува завлегување во идентитетскиот комплекс на кој било народ, што значи и на македонскиот народ. Токму тоа го прават високиот Европски совет и Бугарија! Членка на ООН е и Македонија: и за неа во еднаква мера важи применливоста на двата акта на ООН, кои ги споменавме. Според таа резолуција и таа декларација на ООН, ниту ЕУ, ниту Бугарија, ниту Грција ниту која било друга држава нема право да се меша во внатрешните и надворешните работи на Република Македонија, ниту да ѝ наложува да го менува Уставот во замена за „отворање на преговорите со ЕУ“. Како членка на ООН, и Македонија има право самата суверено, неотуѓиво и слободно да го одредува својот политички и уставен систем во согласност со своите државни интереси и интересите на македонскиот народ и сите други нејзини граѓани.

Второ: Барањата на Европскиот совет се спротивни на Резолуцијата за недопустливост на политиката на хегемонизам во меѓународните односи на Генералното собрание на ООН

Резолуцијата за недопустливост на политиката на хегемонизам во меѓународните односи на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации од 1979 година строго – нагласуваме „строго“– ѝ забранува на Бугарија водење и наметнување политика на политички, културен, историски и идентитетски хегемонизам кон Македонија и македонскиот народ, со тоа што таа бара вметнување „бугарски државотворен народ“ во Уставот, но и да се прифати дека „македонскиот јазик има бугарски корени“, оти „македонскиот народ е новосоздаден народ од 1944/1945 година“, односно дека „Македонците се Бугари“, а дека „Македонија и Бугарија имаат заедничка, споделена историја“.
Споменатата резолуција на ООН ѝ забранува, исто така строго, и на Европската Унија водење политика на политички, културен, историски и идентитетски хегемонизам кон Македонија, давајќи ѝ поддршка на Бугарија во оваа смисла. Со оваа своја резолуција Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации „ги повикува сите држави во водењето на меѓународните односи строго да ги почитуваат принципите на Повелбата на Обединетите нации и принципите што се однесуваат на почитувањето на суверенитетот, суверената еднаквост, националната независност, единството и територијалниот интегритет на државите, немешање во нивните внатрешни работи, мирно решавање спорови, доминација до самоопределување…“


Потсетување: Барањата на Европскиот совет упатени до Македонија се спротивни и на таканаречениот „устав на Европа“

Европскиот совет со своите најнови нацрт-заклучоци и Бугарија како членка на ЕУ со барањето до Македонија за уставни измени ги кршат не само клучните документи на светската организација туку и фундаменталниот Договор за Европската Унија, нејзиниот своевиден „европски устав“.
Во Договорот за Европската Унија / 11992MF – Наслов I: Заеднички одредби – Член Ф. Службен весник на ЕУ, Ц 191, 29/07/1992 стр.0005 стриктно пишува:
1. Унијата ги почитува националните идентитети на своите земји членки…
2. Унијата ги почитува основните права, како што се гарантирани со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, потпишана во Рим на 4 ноември 1950 година, и како што тие произлегуваат од уставните традиции заеднички за земјите членки, како општи принципи на правото на заедницата.
Оваа темелна одредба во „уставот на Европа“ – основачкиот Договор за ЕУ се заснова врз врховниот принцип на меѓународното право јус когенс дека идентитетскиот комплекс и јазикот на кој било народ, што значи и на македонскиот народ, се надвор од какви било меѓународни договори, оти се неповредливи и како такви заштитени во апсолутна смисла и во однос на најновите нацрт-заклучоци на Советот за Европа за менувањето на Уставот на Македонија. Но, ЕУ не само што ги гази македонскиот идентитет и јазик туку и се обидува повторно да ги погази и уставните традиции на македонската држава, иако ги почитува таквите традиции на своите земји членки.

Свето Тоевски