ПРАВОСЛАВНИТЕ ВЕРНИЦИ ПРОСЛАВУВААТ ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИЦИ
Бадник и Божиќ се празнувања што ги зближуваат семејствата, празници што носат топлина и радост во секој дом. На Бадник со семеен посен ручек или вечера се најавува еден од најрадосните денови во православието. На Божиќ, пак, се прославува Христовото раѓање, а со тоа и спасението на човечкиот род. Со посна трпеза на која главно место има лепчето со паричка, православните христијани денеска (петок) го празнуваат Бадник и се подготвуваат да го пречекаат Христовото раѓање – Божиќ.
Според обичајот, на Бадник не се оди на гости. Целото семејство треба да се собере на маса, а пред вечерата се крши погачата. Верувањето говори дека на оној што ќе му се падне паричката ќе има среќа, успех и благодат во текот на целата година.
Според свештениците и теолозите, Бадник е денот пред Божиќ, најава на празникот Божиќ, очекување на Христовото раѓање. Затоа на Бадник семејството е црква. Секоја куќа е црква. Во секој дом се пали свеќа, темјан и кандило. На Бадник е и последната посна трпеза, со овој ден завршуваат божиќните пости.
ЗНАЧЕЊЕТО НА БАДНИК
Бадник значи будност. Самиот збор доаѓа од старомакедонскиот збор б’дник, будник, што значи бдеење, будност, неспиење во ноќта спроти Божиќ. Будни заради очекувањето на денот на Христовото раѓање. Таа будност, тоа бдеење на Бадник, доколку не е молитвена будност, со присуство на сеноќно бдение, тогаш е богоугодна и домашната будност со читање на Библијата – читање за настаните поврзани со Христовото раѓање или будност во домашен разговор за библиските настани. Така е најдобро и најпријатно се подготвува верникот за пречек на Господа. Како и секоја година, така и оваа, Македонската православна црква излезе со апел до верниците да не се палат бадникарски огнови. Дополнително, веќе неколку години свештениците не ги благословуваат масовните гозби со бадникарски огнови, каде што се присутни сечењето бадникарски гранчиња, печењето колбаси, пиењето ракија и вино.
Велат дека Бадник треба да се помине со молитвено бдеење во храмовите.
ЗНАЧЕЊЕТО НА БОЖИЌ
В сабота православните верници го прославуваат Божиќ, еден од трите најголеми празници, кога, според христијанското верување, е роден Синот божји, Исус Христос. Божиќ е семеен празник и се одбележува во домовите и црквите. Луѓето на Божиќ се поздравуваат со „Христос се роди – Навистина се роди“. Според стариот јулијански календар се раководат
Македонската православна црква – Охридска архиепископија, заедно со најголемиот број православни верници во светот, како тие на Ерусалимската патријаршија, Српската, Руската, Грузиската црква и на Света Гора го одбележува Христовото раѓање според јулијанскиот календар.
Централната прослава за Божиќ, пак, традиционално ќе биде во Соборниот храм, а празнични литургии ќе се одржуваат и во сите храмови низ земјата.
Рождеството Христово или Божиќ меѓу народот е познат како најрадосниот празник, а наедно тоа е празник од кој следуваат сите други господови празници, како Богојавление, Преображение, Страдања, Крстовден, Воскресение и Вознесение. Според теолозите, на Божиќ се сеќаваме на Христовото раѓање. Го славиме Господа Исуса Христа. Го славиме неговиот роденден. Бог станал човек. Бог дошол на земјава. Христос е син божји, кој е роден како човек од Дева Марија. Тој е во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот, нема грев, безгрешен е. Тој се родил една ноќ во градот Витлеем, во пештера. Тој е спасител. Дошол за да нѐ спаси. Да бидеме добри, како што е добар Бог. Добри секогаш, со секого и секаде.