Фото: „Нова Македонија“

Противречности во „стратегијата“ за проширување на ЕУ

  • Европратениците, изјаснувајќи се за некаква „стратегија за проширување на ЕУ“, тврдат дека проширувањето е „стратегиски одговор на геополитичката ситуација и витална инвестиција во безбедноста и стабилноста на ЕУ“. Во тој контекст, што се однесува до Македонија, во извештајот за кој се расправаше и гласаше во Стразбур таа се споменува четири пати, од кои два навода се општи, додека два се конкретни за добрососедските односи. Првиот е за „важноста од продолжување на спроведувањето со добра волја на Преспанскиот договор со Грција“, а вториот се однесува на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, во согласност со преговарачката рамка на Унијата.
    Со други зборови, европратениците и понатаму на Македонија ѝ ја оставаат истата задача, што сигурно ќе биде подиректно нагласено во извештајот за
    напредокот на земјата, за кој веќе се расправа во Комисијата за надворешни работи на ЕП – односно промената на Уставот… Засега, толку од правото и правдината на Европа

Во извештајот усвоен неделава во Стразбур, со 385 гласа „за“, 147 „против“ и 98 „воздржани“, Европскиот парламент истакнува дека „проширувањето ја зајакнува безбедноста на ЕУ и спречува дестабилизација на сивите геополитички области“, дека „напредокот мора да се базира на заслуги и вредности и да зависи од реформите“ и оти „гласањето со квалификувано мнозинство мора да се користи поефикасно во областите релевантни за процесот на пристапување“ (што и да значи последново, н.з.). Згора, се додава дека „цената на непроширувањето на ЕУ би била поголема од онаа на приемот на нови членови во Унијата“.
Во извештајот се забележува дека Црна Гора и Албанија веќе поставија амбициозни цели за завршување на преговорите за пристапување до крајот на 2026 и 2027 година, соодветно. ЕУ треба да ги охрабри овие земји кога нивните амбиции се придружени со опипливи реформи, при што европратениците го повикуваат Европскиот совет да го препознае овој замав и да ги отстрани сите пречки од страна на ЕУ. Европратениците, исто така, сакаат преговарачките групи со Украина и Молдавија брзо да започнат.
Што се однесува до Македонија, во извештајот за кој се расправаше и гласаше во Стразбур таа се споменува четири пати, од кои два навода се општи, додека два се конкретни за т.н. „добрососедски односи“. Првиот е за важноста од продолжување на спроведувањето со добра волја на Преспанскиот договор со Грција и вториот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, во согласност со преговарачката рамка на Унијата.

Со други зборови, европратениците и понатаму на Македонија ѝ ја оставаат истата задача, што сигурно ќе биде подиректно нагласено во извештајот за напредокот на земјата, за кој веќе се расправа во Комисијата за надворешни работи на ЕП – односно промената на Уставот.
Затоа изненадува кога европратениците инсистираат на фактот дека „пристапувањето мора да се базира на заслуги и да биде реверзибилно“, а самите тие во повеќе наврати во своите извештаи за земјата со години нагласуваат дека Македонија одамна заслужува да ги започне преговорите. Ама има услови, кои не постоеја за ниту една друга земја кандидат. Многу од сегашните земји членки го променија својот устав за да биде во согласност со европските договори, но на ниту една земја не ѝ беше наложено да го менува уставот за во него да биде наведено едно национално малцинство – како сега главен предуслов за почеток на преговорите. Или, пак, притисоците што беа направени за претходните промени на Уставот, за знамето, територијалните претензии и на крајот за името. Нешто што остава многу простор за фрустрации, гнев и незадоволство кај македонските граѓани за ваквиот однос на ЕУ, барања што кога би биле поставени пред сегашните земји членки, би биле оценети како мешање во нивната внатрешна политика. Проблемот е што некои наши политичари кога беа на власт го прифатија тој диктат.
Извештајот повторно потврдува дека пристапувањето мора да се базира на заслуги и да биде реверзибилно и дека ниедна земја не треба да се третира како дел од пакет (Македонија беше третирана во пакет од францускиот претседател Емануел Макрон и тој не дозволи да започне преговори, правдајќи се дека Албанија пред неколку години не беше подготвена, а потоа само заради уставните промени Македонија понатаму останува на перонот), понатаму европратениците нагласуваат дека не може да има компромис за основните вредности и принципи на ЕУ. Владеењето на правото, демократските реформи, слободата на печатот, правата на малцинствата, судската независност и борбата против корупцијата мора да останат приоритети во процесот на проширување, заедно со континуираната поддршка за граѓанското општество.
Усогласувањето со Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на ЕУ е клучен индикатор за геостратешката ориентација на земјата кандидат. Европратениците забележуваат дека најзагрижувачкото демократско назадување се случува во земјите од проширувањето каде што усогласувањето со ЗНБП е најслабо и во оние каде што процесот на пристапување е ефикасно заглавен. Дел во кој Македонија е речиси 100 отсто усогласена со ЕУ, дури и повеќе од некои земји членки. Европратениците забележуваат зголемена поддршка за пристапувањето на Исланд и ги поздравуваат потенцијалните иницијативи на Гренланд за зајакнување на врските со ЕУ.


Повик на европратениците за засилен мониторинг на реформите

Проширувањето на ЕУ мора да оди рака под рака со внатрешните реформи

Европратениците повикуваат на засилен мониторинг на реформите во земјите кандидатки во рамките на Групата за основни прашања и зголемена поддршка за про-ЕУ актерите на граѓанското општество посветени на неопходните реформи и европските вредности. Извештајот, исто така, укажува дека треба да има соодветно претпристапно финансирање во рамките на новиот долгорочен буџет на ЕУ и поблиска соработка во инфраструктурата, безбедноста, отпорноста и борбата против манипулацијата со странски информации.
– Со секоја нова земја членка, политичката и економската моќ на Европа расте, носејќи просперитет и безбедност за нејзините граѓани. Со оглед на моменталните предизвици, мора да го подобриме моделот на интеграција на ЕУ за подобро да ги одрази интересите на Унијата и очекувањата на земјите кандидатки. Проширувањето на ЕУ мора да оди рака под рака со внатрешните реформи за да се зачува непреченото функционирање на ЕУ и да се подобрат процесите на донесување одлуки, вклучувајќи и преку поголема употреба на гласање со квалификувано мнозинство. ЕУ мора да ги заврши овие реформи пред најнапредните кандидати да ги исполнат критериумите за пристапување и да бидат подготвени да се приклучат кон ЕУ – истакна известувачот Петрас Ауштревичиус (Обнова, Литванија).
Ден пред гласањето за овој извештај во расправата учествуваше и европската комесарка Марта Кос, која порача дека ЕУ нема да дозволи придружување на земји што би можеле тајно да ги поткопуваат нејзините вредности или институции.
– Нема тројански коњи. Земјите што би нè поткопале одвнатре не можат да станат членки на ЕУ. Мора да бидеме апсолутно сигурни во тоа. Земјите што ѝ се придружуваат на ЕУ мора да бидат силни и отпорни демократии, способни да му се спротивстават на токсичното влијание на Русија и на другите – рече Марта Кос во Европскиот парламент.
Во извештајот се забележува дека најзагрижувачките трендови и повлекувањето од демократските стандарди продолжуваат во земјите од проширувањето со најнизок степен на кохерентност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и во земјите чии преговори за членство се ефикасно во застој, особено Србија, Грузија и Турција. Т.Г.


Франција со референдум ќе одлучува кој ќе влезе како нова членка во ЕУ

  • Овде не треба да се заборави дека за секое ново членство во ЕУ, во Франција треба да се распише референдум, кој ако денес би бил распишан, одговорот, според сегашното расположение на Французите, сигурно не би бил позитивен

Европскиот парламент смета дека процесот на подготовка за проширување треба да се одвива паралелно, и во рамките на Унијата и во земјите насочени кон проширување, со цел да се зачува непреченото функционирање на проширената Унија. Притоа го повторува својот повик до институциите на Унијата и земјите членки да ги преземат потребните реформи за да ја зајакнат Унијата и да ја зајакнат стратешката автономија на Европа, осигурувајќи дека отсуството на такви реформи нема да го одложи пристапувањето на новите земји членки. Од земјите членки се бара зајакнување на капацитетот на Унијата за дејствување со воведување гласање со квалификувано мнозинство во областите релевантни за процесот на пристапување, особено со отстранување на барањето за едногласност во средните фази од процесот на проширување при одлучувањето за отворањето и затворањето на различните преговарачки групи и поглавја. ЕП притоа жали што прекумерната употреба на едногласност во средните фази од процесот на проширување постојано го забавува проширувањето на Унијата и ја поткопува јавната поддршка за европската интеграција. Европратениците сметаа дека е неопходен преглед на секторските политики на Унијата за да се процени како да се прифатат новите земји членки и да се обезбеди ефикасно функционирање на проширената Унија и ги поздравуваат идните разгледувања на политиките пред проширувањето, кои се суштински чекор во подготовката на Унијата да ги прифати новите членови.
Во Стразбур се мисли дека процесот на проширување нуди значителен потенцијал за конвергенција во неколку клучни области, како што се економијата, заштитата на животната средина и безбедноста, како што е покажано од претходните циклуси на проширување, при што се подвлекува дека политиката на кохезија и заедничката земјоделска политика играат централна улога во промовирањето на конвергенцијата меѓу земјите членки на Унијата и тоа мора да се зачува за проширена Европска Унија.
Европскиот парламент ја признава важноста на широка, заснована на заслуги и реверзибилна примена на прогресивна интеграција во заедничките политики на Унијата, како што е единствениот пазар, вклучувајќи го и дигиталниот единствен пазар, за земјите кандидатки што остваруваат значителен напредок во реформите поврзани со Унијата, а воедно целосно го зачувуваат интегритетот на внатрешниот пазар на Унијата и одржуваат еднакви услови за игра. Тука се нагласува дека, иако прогресивната интеграција на земјите кандидатки може да им помогне да го спроведат придобивките на Унијата и со тоа да го олеснат преминот кон членство во Унијата, таа не може да го замени полноправното членство во Унијата и се нагласува дека идните земји членки мора да имаат исти права и обврски како и сегашните земји членки и остро се спротивставува на создавањето различни категории земји членки.
Според европратениците најповолниот и најпосакуван исход од прогресивната интеграција е визната либерализација, тие ги поддржуваат новите правила што би овозможиле суспензија на визната либерализација за државјаните на земјите кандидатки за проширување што се одговорни за демократско назадување и сериозни кршења на човековите права, вклучувајќи и прогон и насилство врз мирни демонстранти, граѓанското општество, новинарите и опозициските политички личности.

ЕП смета дека на земјите кандидатки треба да им се понудат можности за постепена интеграција, врз основа на пристап базиран на заслуги и условеност; инсистира дека е од суштинско значење да се гарантира реверзибилноста на постепената интеграција доколку земјата кандидатка не ги исполни своите обврски. Во тој контекст повторно се потврдува дека процесот на проширување мора да биде поддржан од учеството на земјите кандидатки во функционирањето на институциите на Унијата, вклучувајќи и преку статус на набљудувач и во надлежните тела и институции, особено Парламентот и Агенцијата на Европската Унија за фундаментални права.
На крајот се нагласува важноста на подигањето на јавната свест во европските општества за проширувањето на Унијата и нејзината улога во обезбедувањето одржливост на европската интеграција, нагласувајќи ја клучната важност на јасна и транспарентна комуникациска стратегија за успехот на процесот на проширување. Овде не треба да се заборави дека за секое ново членство во ЕУ, во Франција треба да се распише референдум, кој ако денес би бил распишан, одговорот, според сегашното расположение на Французите, сигурно не би бил позитивен.

Автор: Тони Гламчевски од Париз, Франција