Екоактивизам
Викендов селото Борисово, Струмичко, блесна! Првата акција од кампањата „Нашиот крај без отпад“, реализирана од членовите на организацијата „Ја штитам Беласица“, помина со огромен успех! Заедно со младите и со сите совесни граѓани беа исчистени големи количества отпад, а наедно испратена пораката дека нема да дозволиме нашето село да биде жртва на немарноста!
– Младината е будна! Оваа акција покажа дека нашата генерација не седи настрана – ние дејствуваме! Но ова е само првиот чекор – во Борисово има уште многу да се направи, затоа наскоро ќе организираме уште вакви акции. Ете, најавуваме: оживување на браната во Борисово – велат организаторите.
Тие дополнија дека следната иницијатива што ќе ја поведат со младите е враќање на животот околу браната – место што со години стои запуштено, а има потенцијал да стане рекреативна екозона! Тие порачуваат дека со овој чекор Борисово ќе стане гордост на општината.