Фото: НУБ „Св. Климент Охридски“

Во рамките на одбележувањето на патрониот празник на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, беа доделени и годишните награди што ги доделува Библиотекарското здружение на Македонија.
Годинава титулата библиотека на годината во категоријата основни училишта му припадна на училиштето со ресурсен центар „Иднина“ од Скопје.
Како што нѝ објасни библиотекарката Славица Петровиќ, библиотеката е интегрален дел од воспитно-образовниот процес во училиштето, насочен кон едукација на ученици со пречки во развојот. Освен како поддршка на учениците и наставниците во нивната работа на наставните часови, библиотеката е отворена и за родителите на учениците, кои се најчесто нивна придружба во училиштето.
– За мене оваа награда е признание за долгогодишен труд и поттик за соочување со натамошните предизвици. Многу ми е драго што оваа награда ни е доделена од Библиотекарското здружение на Македонија и особено ми е драго што и работата на училишните библиотеки почна да се забележува и вреднува – вели библиотекарката Славица Петровиќ.
Од јавните библиотеки ова значајно признание го доби библиотеката „Феткин“ од Кавадарци, а од високошколските установи е наградена библиотеката при Меѓународниот балкански универзитет во Скопје.

Ф.Д.