НУ библиотека „Григор Прличев“ од Охрид за 2025 година конкурираше со 25 проекти, а ќе добие близу 1.160.000 денари за реализација на 17 проекти во кои Министерството за култура и туризам го препозна националниот интерес. Во годишната програма за работа на библиотеката и годинава доминираат 15 проекти од библиотечната дејност.
– Радува фактот што комисиите и министерот за култура Зоран Љутков препознаа позитивен исчекор, но и континуитет во дел од нив. Првиот проект, манифестацијата „Прличеви беседи“ веќе успешно го реализиравме. Следуваат: Третата годишна средба на роднокрајните писатели, „Читаме гласно и раскажуваме“, „Книгата најдобриот другар на децата“, „Книгата поблиску до старите лица“, кој успешно се реализира во соработка со Црвен крст-Охрид, и натпреварот „Млади библиотекари“. Ќе има средства и за работата на книговезницата, заштита на движното културно наследство и за обработка и зајмување на библиотечен материјал. Посебна комисија во библиотеката веќе работи на избор на нови наслови, со што ќе се збогати книжниот фонд во детското и одделението за возрасни, годинава ќе бидат издвоени 450.000 денари, за 100.000 денари повеќе од лани. Ќе продолжиме со заштитата на стари и ретки книги по пат на конзервација и реставрација, а ќе има пари и за континуирани обуки на вработените и за набавка на два компјутера и печатач – вели в.д. директорката на установата Христина Трпеска.
Годинава ќе се организираат и трибини под наслов „За поубав свет и хортикултурни библиотеки“. Во овој проект се планирани средба и работилница на претставници од библиотеки од регионот, поврзани со 5 јуни – Светскиот ден на животната средина.
Во издавачко-литературната дејност Министерството за култура ѝ одобри на библиотеката еден проект, второто издание на фестивалот на поезијата „Слушни го езерото“, планиран за 21 јуни – Денот на езерото, а во соработка со библиотеките од Струга и од Поградец. Во делот на инвестициите годинава библиотеката доби средства за изработка на основен проект за реконструкција на покривот. Надвор од годишната програма финансирана од страна на Министерството за култура и туризам од библиотеката најавуваат и низа други настани плод на креативноста на вработените, а финансиски делумно покриени од сопствени средства, Општина Охрид и други спонзори и донатори.