Фото: Маја Јаневска-Илиева

Познавачите на состојбите нагласуваат дека во изминативе години како да заборавиме дека ефикасното правосудство е еден од главните услови за пристап на македонската држава во Европската Унија, како и дека реформите во насока на подобрување на судскиот систем може да го забрзаат пристапот кон ЕУ. Реформите во правосудниот систем зависат од решеноста на македонската влада, но и од пошироката поддршка од македонската јавност, научната фела, бизнис-заедницата итн. Бидејќи станува збор за сложен и важен процес, потребно е пошироко обединување на македонското општество околу напорите за ремонт на правосудството, велат нашите соговорници

Експертската јавност е согласна: Потребен е ремонт на правосудството

Kоренити промени на правосудниот систем се повеќе од потребни доколку Македонија сака да направи сериозен исчекор во својот евроинтегративен процес, но во исто време да обезбеди и попристојни услови за граѓаните и стопанството. Потврда дека работите чкрипат со децении во правосудството се големиот број извештаи на Европската комисија и на САД, во кои јасно се наведени проблемите со владеењето на правото и борбата со корупцијата, па од тие причини постојано инсистираат на реформи во оваа област. Незадоволство од состојбата во правосудството искажува и пошироката македонска јавност, чија доверба во судството се сведе на ниво на статистичка грешка, односно под два процента.

Уште еден апел за коренити реформи во правосудниот систем, и тоа што поскоро

Познавачите на состојбите, но и научната фела и бизнис-заедницата, повеќепати посочија дека на правосудниот систем му се потребни коренити реформи, реформи од кои завист нормалното функционирање на државата и економскиот развој, но и општествениот напредок на Република Македонија во целина.
Некои од аналитичарите сметаат дека македонските политичари како да забораваат на фактот дека ефикасното правосудство е еден од главните услови за влез на Македонија во ЕУ, а квалитетни и имплементирани реформи на правосудниот систем може само да го забрзаат европскиот пат на земјава.
За реформи на правосудниот систем говореа многу политички гарнитури во минатото, но ниту една не успеа или не сакаше да спроведе какви било реформи. Новата македонска влада е сериозна во намерите конечно во земјава да се истераат судските реформи и да се врати владеењето на правото. Имајќи предвид дека станува збор за сложен и важен процес, потребно е пошироко обединување на македонското општество околу напорите за ремонт на правосудството, според нашите соговорници.

Менкиноски: Правната (не)сигурност една од клучните причини за иселување на младите

Адвокатот Тони Менкиноски, осврнувајќи се на оваа проблематика, вели дека долги години ништо не е сменето во правосудството, како и дека правната несигурност е една од главните причини поради кои младите се иселуваат од Македонија.
– Правната несигурност не е само во тоа кога се носат брзи закони туку и кога јавното обвинителство, судството и јавното правобранителство ја практикуваат нивната професија и раздаваат правда во конкретни случаи – вели Менкиноски.
Според него, не сите судии и обвинители ја злоупотребуваат функцијата, и меѓу нив има квалитетни кадри што заслужуваат да ги водат работите.
– Во судството постојат чесни луѓе што си ја вршат работата, но оние што се на пиедесталот покажаа со години дека при вршењето на нивната работа тие се тие што ја злоупотребуваат нивната функција – нагласува Менкиноски.
Тој уште посочува дека политичките партии се менуваат и формалноправно немаат никаква релација со Судскиот совет или Советот на јавни обвинители, во неговото одлучување или разрешување. Меѓутоа општите состојби укажуваат дека се потребни промени и реформи, како што неколкупати беше укажано од преставниците на македонската влада.

Ремонтот на правосудството е суштински значаен за правната сигурност

Според експертите, постојат проблеми и во однос на затворската популација, односно голем дел затвореници се повратници. За оваа проблематика, Тони Менкиноски вели дека постои системски проблем, односно не се спроведува ресоцијализација на поранешните затвореници.
– Ресоцијализацијата ни е на многу ниско ниво, а ова е триесетгодишен проблем – вели Менкиноски.
Во однос на борбата со корупцијата, тој истакнува дека таа треба да започне во правосудниот систем, а многумина, вклучувајќи ја и правната фела, немаат храброст да проговорат за реалните проблеми во судството.
– Ние како адвокати секогаш ќе имаме работа, но треба да имаме ферплеј, треба да имаме правила на игра во постапката. Кај нас сѐ уште не се стигнува до содржината на предметот, дали некој доказ е релевантен или не е. Имаме проблем со постапката, во смисла на фер постапка во текот на целокупното постапување. Се користат докази што се во фотокопија итн. – објаснува Менкиноски.
Експертите исто така се согласни дека ремонтот на правосудството е суштински значаен за правната сигурност. Економскиот напредок е тесно поврзан со правната сигурност и сѐ додека Македонија не се оформи во правно сигурна држава, младите генерации и понатаму ќе заминуваат. Д.Ст.