КОШАРКА
- Треба да размислуваме на подолги патеки и да го унапредуваме тимот, важно е и кои млади кошаркари ќе дојдат да го дополнат составот, рече шпанскиот кошаркарски стручњак Берокал
Среќен сум што сум тука, привилегија е да се биде селектор на Македонија. Знаеме дека е краток периодот за да се подготвиме за овие натпревари. Во овие два тренинга видов дека постои голема желба за напредок. Треба да размислуваме на подолги патеки и да го унапредуваме тимот, важно е и кои млади кошаркари ќе дојдат да го дополнат составот. Со македонската кошарка сум поврзан преку Владо Илиевски, кому му бев тренер пред 23 години. Некои од репрезентативните играчи ги познавам, му бев тренер на Војдан Стојановски во Украина, а некои ги знам и од Шпанија. Знам дека во почетокот нема да биде лесно, ќе биде тоа долг процес, но ќе се обидеме да направиме максимум од овие играчи. Кое ќе биде нивото што ќе го достигнеме, не знам, но верувам во сите. На кошаркарите им реков дека треба да се натпреваруваат сами со себе, да бидат подобри, да имаат шампионски менталитет. Да не гледаме премногу далеку во иднината, да се фокусираме на она што ни претстои, рече, меѓу другото, шпанскиот кошаркарски стручњак Жозеп Марија Берокал на вчерашната прес-конференција во Скопје, кога официјално беше промовиран за селектор на репрезентацијата на Македонија.
На прес-конференцијата беа присутни и претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Томе Главчев, директорот на репрезентациите, Владо Илиевски, и помошникот на Берокал, Ѓорѓи Кочов.
– Жозеп Марија Берокал е тренер со одлична биографија. Убедени сме дека со својот квалитет и знаење ќе придонесе за консолидирање на репрезентацијата. Со него ќе работи и нашиот тренер Ѓорѓи Кочов, што ќе биде одличен баланс за предизвиците што нѐ очекуваат. Значајна улога ќе има и директорот Владо Илиевски, кој веруваме дека ќе придонесе за стабилен и долгорочен систем. Со заедничка работа ќе можеме да ја вратиме нашата репрезентативна кошарка на патеките по кои заслужува да се движи – изјави Главчев, напоменувајќи дека договорот со новиот селектор е повеќегодишен.
Берокал го објави списокот со 16 кошаркари на кои смета за натпреварите од претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2029 година, со Луксембург (во Скопје, в петок) и со Азербејџан (во Баку, на 2 март). Во групата А во првите две средби Македонија ги совлада Азербејџан и Република Ирска. Победникот на секоја од четирите групи и најдобрата второпласирана репрезентација ќе обезбедат играње во квалификациите на ЕП 2029. Г.И.

































