Дали и како јавното извинување на Румен Радев за своите грешки и за она што не успеал да го реализира може нешто суштински да смени во македонско-бугарските односи?

  • „Најнапред, ве молам за прошка. Ги признавам своите грешки и знам што не успеав да реализирам“, истакна претседателот на Бугарија, Румен Радев, при поднесувањето оставка на функцијата шеф на државата.
    Со оглед на тоа дека неговиот политички ангажман не завршува со повлекувањето од претседателската функција, повеќе странски дипломати од кариера со кои разговаравме на темата „унапредување на македонско-бугарските односи по оставката на Радев“ издвоија дека „во интерес на исполнување на принципите на меѓународното право и во интерес на градењето здрави добрососедски (македонско-бугарски) односи“ би било „од непроценливо значање доколку Радев најде искрени и чесни сили во себе за да направи сличен потег за извинување кон Македонија и Македонците поради историските неправди нанесени од Софија“, па тоа да биде „нова страница за испишување добрососедски односи“. Но соговорниците, кои се извонредно добро упатени во дипломатијата, издвојуваат дека се и „длабоко скептични за ова сценарио“ поради низа причини што ги лоцираат во официјална Софија

Бугарскиот претседател Румен Радев поднесе оставка на функцијата, со што ги потврди шпекулациите што подолго време се присутни на бугарската политичка сцена, а кои се однесуваа на неговите политички апетити.
Имено, јавна тајна е дека Радев, свесен за високиот рејтинг што го има меѓу гласачите, ќе се обиде да го капитализира тоа така што на следните избори би можел да се појави со своја политичка партија и на тој начин да ја истакне својата кандидатура за иден бугарски премиер.
Според дел од бугарските медиуми, како и според анализите на некои тамошни политички аналитичари, опциите на Радев во моментот се или да се приклучи кон некоја политичка партија и на тој начин да влезе во изборна кампања за парламентот или, пак, да игра на картата дека и на овие предвремени избори нема да има потребно мнозинство за формирање влада, па тој меѓупериод да го искористи за формирање политичка партија што тој би ја предводел.

Радев: Ви се обраќам последен пат како бугарски претседател

Бугарскиот претседател директно не спомена дека на овој или на оној начин ќе остане во политиката, но во обраќањето при поднесувањето на оставката јасно кажа дека неговиот политички ангажман не завршува со повлекувањето од претседателската функција.
– Денеска ви се обраќам последен пат како претседател на нашата Бугарија. Најнапред, ве молам за прошка. Ги признавам своите грешки и знам што не успеав да реализирам – истакна Радев.
Во обраќањето се осврна на своите два мандата од 2017 година наваму, период обележан со висока политичка нестабилност, кога неговата земја не можеше да избере влада, при што во седум наврати именуваше технички влади. За ваквите состојби во државата го впери прстот во политичките субјекти, издвојувајќи се себеси како можна гаранција за стабилност во иднина.
– Верата дека заедно можеме да успееме е една од главните причини за мојата одлука да поднесам оставка. Нè очекува битка за иднината на татковината и верувам дека ќе ја водиме заедно со вас – достоинствените, инспиративните и истрајните – истакна Радев, со што јасно потврди дека влегува активно во политичката борба за премиерската позиција, за разлика од церемонијалната улога што ја имаше досега.
Без оглед на фактот што Бугарија влезе во шенген-зоната и од 1 јануари стана дел и од еврозоната, тоа не придонесе за стабилизирање на внатрешните состојби, туку напротив, ситуацијата ескалираше со силни протести, кои доведоа до пад на владата. Според бугарскиот претседател, причините за тоа треба да се бараат во лошото владеење.
– Се чини демократски на површина, но функционира според механизмите на олигархијата – истакна Радев.
До следните претседателски избори, функцијата претседател на Бугарија ќе ја врши неговата заменичка Илијана Јотова.

Аналитичари: Ние да ја исполниме во целост реформската агенда

Несомнено, длабоката политичка криза во Бугарија, сега продлабочена и со оставката на Радев, целосно го стеснува просторот за какви било разговори меѓу Македонија и Бугарија што би можеле да резултираат со некакви решенија за одредени отворени прашања.
Официјална Софија постојано повторуваше дека адресата на која треба да се обрати Македонија е Брисел, но од друга страна европските челници не можат да донесат ниту една одлука без претходно да се консултираат со Бугарија. Сега очигледно оваа мисија е целосно невозможна, па затоа единствено возможно е да го сработиме она што зависи само од нас.
– Можеби тука треба да се бараат причините за неодамнешната изјава на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, дека сега нашиот фокус треба да биде на домашните реформи, односно повикот да си ја завршиме домашната задача, па потоа Европската Унија нека оценува дали ќе нè покани. Јасно е дека во Бугарија нема соговорник, сега уште помалку, а соговорник нема да имаме можеби уште најмалку три месеца. Во вакви услови, кога светот се превртува наопаку од час на час, тоа е предолг период. Затоа, паметно е да се посветиме на работи што зависат исклучиво од нас. Тоа е оној пакет реформски закони што ЕУ ги бара од нас, а со кои доцниме. Не е лошо тоа да се заврши пред декемврискиот самит на Унијата и на тој начин да имаме аргументи да побараме почеток на преговорите. И на ЕУ така ќе ѝ биде полесно – велат дел од аналитичарите.
Според нив, во услови кога во соседните држави има политичка нестабилност, Македонија мора да остане фокусирана на она што значат наши национални интереси.
– Во Бугарија падна владата, поднесе оставка и претседателот, во Србија подолг период има политичка нестабилност, во Грција не се знае дали земјоделските протести ќе резултираат со пад и на грчката влада, во Албанија постојано има тензии, така што би било мудро ние да се фокусираме на работите за кои не постојат разлики меѓу политичките партии. Тоа се европските реформски закони. Треба како држава да покажеме капацитет и да ги истуркаме сите овие закони заеднички, со широк политички консензус и така да ѝ покажеме на Европа дека без билатералните пречки ние сме зрел кандидат за членство. Паралелно, треба да се следат и процесите внатре во самата унија, кои навестуваат дека е можен брз прием на земјите кандидати со ограничено право на глас. Многу работи во моментот висат во воздух, а евентуално ново дополнително проблематизирање на европско-американските односи може да го забрза процесот на проширување како финален чекор кон заокружување на европските граници и засилување на европската позиција на меѓународната политичка сцена. Од тие причини, оставката на Радев е само уште еден јасен сигнал дека ние треба да се посветиме на нашите работи, а помалку да се оптоваруваме со Бугарија, која сама треба да си бара решение за длабоката политичка криза – заклучуваат соговорниците.