Врвната виолинистка Анна Кондратенко, на овој концерт, покрај како солистка на виолина, ќе се претстави и како диригентка со Камерниот оркестар составен од членови на Македонската филхармонија

„Бајка“ е насловен концертот што ќе се одржи вечерва, со почеток во 20 часот, на кој како солистка ќе настапи нашата виолинистка Анна Кондратенко, концерт-мајстор во Македонската филхармонија. На концертот, Анна Кондратенко ќе настапи како солистка и наедно ќе го води оркестарот во изведбата на композициите „Come in!“ („Чукни и влези“) од Владимир Мартинов и „Писма до пријателите“ од Гија Канчели.
Врвната виолинистка Анна Кондратенко, на овој концерт, покрај како солистка на виолина, ќе се претстави и како диригентка со Камерниот оркестар составен од членови на Македонската филхармонија. Родена е во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на четиригодишна возраст. Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О. Марченко и А. Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година. Како солист и концерт-мајстор настапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонијата (Новосибирск), Интернационалниот симфониски оркестар (Мичиген, САД), Класичниот филхармониски оркестар на Бон (Германија) и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и во Јапонија. Исто така учествува на различни мастер-курсеви и фестивали.
Таа е победник на многубројни серуски и меѓународни натпревари, меѓу кои и Ерденко и Мравински во Русија и Ј. Ниман во Германија. Пред две години, Кондратенко го основа квартетот „Филхармонија“ составен од членови на оркестарот на Македонската филхармонија, со кој остварува настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концерт-мајстор и солист на оркестарот на „Фејмс“ во Скопје.

В.Д.