Во Куманово
Според професорот и писател Џеј Кеслер, на младите им се потребни работи што се стабилни, нешта на кои можат да се потпрат, како што се културата, чувството за своето минато и надежта за нивната иднина. Но најмногу им е потребно она што можат да им го дадат нивните баби и дедовци.
Водена од оваа мисла, одделенската наставничка Анета Станковиќ-Јанковска од ООУ „Крсте Мисирков“ во Куманово дошла на идеја да подготви еден креативен час заедно со нејзините ученици од 2-б одделение.
Тие ја поканиле на гости госпоѓа Маре, баба на нивната соученичка Катја Јовановиќ, и организирале час на кој децата се запознале со повеќе традиционални техники на изразување, како што се плетењето, изработката на макраме и правењето оригами.
– Бабата е еден од најдобрите примери за следење. А кога внуката ќе седне до неа, и волницата станува магија. Рачната изработка и ваквите мануелни вештини се духот на еден народ, неговата традиција и култура. Токму поради тоа на часот и најмалите имаа можност да го видат самиот процес на изработка. Така настанаа и некои од нашите денешни плетени производи, бод по бод, приказна по приказна – вели наставничката Анета.
Плетењето е вештинa што сама по себе нѐ потсетува на топлината од најраното детство, а негувањето на нашата традиција е поттик и инспирација во ова денешно дигитално време.
Баба Маре им препорача на младите креативци секогаш да се стремат кон некоја своја изработка, да експериментираат за да дојдат до свое оригинално дело. Никогаш да не се плашат од грешки туку тие да им бидат предизвик за да продолжат понатаму и да стигнат до целта.
Второодделенците се уверија дека она што е направено со раце, се чувствува со срце, а рачната изработка станува магија кога ја создаваат две срца – едно мудро и едно детско.
Ф.Д.



































