Споменувањето на потеклото на родителите на осомничениот за планирање напади врз присутните на концертите на Тејлор Свифт не е нималку наивна работа, туку повеќе е еден вид оградување на Австрија како држава што не успеала да ги држи младите подалеку од радикалните исламски идеи, па сопствениот неуспех го покрива така што го истакнува потеклото на родителите на момчето. Доколку стануваше збор за некаков позитивен пример, некаков спортски или друг успех, тогаш никој немаше да го споменува неговото потекло, туку ќе се зборуваше за Австриец што успеал да победи за својата земја. И тоа не го прави само Австрија туку и другите земји
Со непрофесионалното пласирање на веста за „планерот за терористички напади на концертот на Тејлор Свифт“ ѝ се нанесе штета на нашата држава
Светската јавност е згрозена од последните информации што пристигнаа неодамна од Австрија, а кои говорат за успешно спречениот обид за терористички напад на концертот на светски мегапопуларната музичка ѕвезда Тејлор Свифт, за што е обвинет 19-годишен Австриец.
И додека сите заслуги за разоткривањето на младиот Австриец што организираше заговор за напад на обожавателите на Тејлор Свифт на концерт во Виена со бомба или нож, а кој наедно бил приврзаник на Исламската држава, им се припишуваат на австриските безбедносни служби, во медиумите акцентот се става исклучиво на потеклото на уапсениот.
Имено, без оглед што 19-годишното момче е родено во Австрија и е австриски државјанин, на прво место се истакнува потеклото на неговите родители, па сликата што се креира во јавноста е дека всушност станува збор за напаѓач со потекло од Македонија, а не за Австриец што се родил, се образовал и работел во Австрија целиот свој живот.
Таквиот пристап на дел од медиумите влијае и врз нарушувањето на имиџот на Македонија како држава, претставувајќи ја како земја од која потекнуваат радикални исламски елементи способни да сеат терор и страв низ Европа.
Креирање алиби поради сопственото потфрлање
Споменувањето на потеклото на родителите на осомничениот за планирање напади врз присутните на концертите на Тејлор Свифт не е нималку наивна работа, туку повеќе е еден вид оградување на Австрија како држава што не успеала да ги држи младите подалеку од радикалните исламски идеи, па сопствениот неуспех го покрива така што го истакнува потеклото на родителите на момчето. Доколку стануваше збор за некаков позитивен пример, некаков спортски или друг успех, тогаш никој немаше да го споменува неговото потекло, туку ќе се зборуваше за Австриец што успеал да победи за својата земја. И тоа не го прави само Австрија туку и другите земји.
Она што е многу позагрижувачко, тоа е дека милиони млади луѓе на планетата се приврзаници на Свифт и ја следат секоја нејзина објава на социјалните мрежи, така што веста дека некој млад човек со потекло од Македонија сакал да убива на нејзините концерти создава исклучително негативна конотација за земјава меѓу младата светска популација.
Токму Европската комисија пред извесно време планираше да ја ангажира Свифт да ги мотивира младите Европејци да излезат што помасовно да гласаат на европските избори бидејќи има силно влијание меѓу нив, така што прашање е како таа млада популација сега ќе гледа на Македонија како иден кандидат за членство во ЕУ, имајќи предвид и дека на досегашните анкети Европејците не се многу воодушевени од идејата да ја видат земјава во свое друштво.
Претходно државјани на повеќе европски држави беа осомничени за разни нелегални активности, но како по некаков патерн секогаш се наведуваше потеклото на уапсените, само колку земјите во кои се родени и работат да се исперат од сопствените пропусти.
И додека сите тие водат сметка за сопствениот имиџ, сликата за Македонија од ден на ден се извртува, со тенденција намерно да се прикажува како легло на некаков радикален исламизам и други негативни појави.
Не се забораваше да се истакна македонското потекло на многу луѓе што се бореа на страната на Исламската држава, иако многумина од нив беа родени во други европски земји и имаа други државјанства, а не македонско.
Затоа последните случувања околу истакнувањето на македонското потекло на осомничениот за планирање напади на концертот на Свифт треба да го вклучат алармот и кај домашните институции, кои треба јасно да поработат на исправање на сликата на државата, која некој намерно сака погрешно да ја претстави.
Класична пропаганда – тоа што е добро е наше, тоа што е лошо е туѓо
Некои од креаторите на јавното мислење сметаат дека присутната тенденција за погрешно претставување на состојбите ќе нанесе многу штета врз имиџот на државата.
– Музичката ѕвезда Тејлор Свифт во овој момент има 550 милиони следбеници на социјалните мрежи, односно половина милијарда луѓе на планетава го следат секој нејзин чекор. Замислете како сега толкава популација ќе ја прифати веста дека некој терорист со потекло од Македонија сакал да ја убива нејзината публика на концертите. Значи 550 милиони луѓе во овој момент во главата имаат претстава дека некој од Македонија ја загрозил безбедноста на нивниот идол така што во името на Исламската држава планирал да убива млади луѓе на нејзините концерти. Погледнете ја пиар-машинеријата. Каде е тука Австрија? Австрија е само успешна приказна што спречила напад, таа е доброто момче, бидејќи во медиумите малку се истакнува дека станува збор за момче родено во Австрија, кое минало низ австрискиот образовен систем, кое работело таму, кое било дел од австриското општество. Сега одеднаш сето тоа е ирелевантно, важно е само да се истакне од каде потекнувале неговите родители. Зошто е тоа важно? Од пиар-аспект е важно за да се тргне фокусот од Австрија, која не успеала од овој млад Австриец да направи човек што ќе тежнее кон прогресивни идеи, туку дозволила тој да биде индоктриниран со опасни радикални идеи – велат познавачите.
Според нив, идејата секогаш се вградува суптилно и младите многу лесно ја прифаќаат бидејќи кај нив сѐ помалку е присутен моментот на преиспитување на нештата.
– Новите генерации многу полесно веруваат на она што ќе го прочитаат на социјалните мрежи, не се склони кон преиспитување и проверка на фактите, така што го голтаат она што некој друг ќе им го соџвака и ќе им го пласира на начин како што сака тие да го прифатат. Ако сакаат да наметнат идеја дека потеклото на напаѓачот е клучно во целата работа, тоа и ќе го направат, па потоа нека им објасни некој на тие половина милијарда луѓе во светот дека Македонија нема никаква допирна точка со радикалниот исламист и дека на ниту еден начин не го креирала како личност. Истиот човек да освоеше злато на Олимписките игри, ќе беше величан како најголемиот Австриец, никој немаше да му го споменува потеклото. Тоа е таа игра, секој сака да го заштити сопственото општество и затоа така се пласираат вестите во медиумите – посочуваат експертите во делот на креирањето на јавното мислење.
И Синиша Пекевски, пиар-експерт, се согласува дека причините за креирањето на негативната слика треба да се бараат во тоа што секоја држава сака да се огради од негативните појави во сопствените општества.
– Тоа е така затоа што сакаат да се оградат од фактот дека тоа всушност се нивни граѓани. Секогаш е подобро кога ќе кажеш дека тоа лице е од странство. Најсвежи примери се случајот во Англија, случајот во Австрија и слично, само се креира друга слика дека нивните државјани се добри, а сите други ги прават проблемите – вели Пекевски.