Различни гледишта за постигнување траен мир на Блискиот Исток
- Американскиот претседател изрази оптимизам за приклучување нови земји кон Аврамовите договори за нормализација на односите со Израел, како значаен чекор кон траен мир на Блискиот Исток, додека регионалните арапски и муслимански земји ги сметаат обновата на Газа и палестинската државност како предуслов за мир
Доналд Трамп месецов собра функционери и дипломати во Белата куќа за она што неговата администрација го нарече големо постигнување: нова нација се приклучува кон Аврамовиот договор, потписната политика на американскиот претседател во првиот мандат за нормализирање на врските меѓу Израел и муслиманските земји, пишуваат светските медиуми.
Тоа што Казахстан, земјата за која станува збор, има дипломатски односи со Израел повеќе од три децении не го намали ентузијазмот на Трамп за она што тој го нарече „голем чекор напред во градењето мостови низ целиот свет“.
Но дури и ако најавата ги збуни набљудувачите, таа истакна како, еден месец по прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, претседателот и неговиот тим го сметаат проширувањето на дипломатските односи на Израел за клучно за траен регионален мир. Арапските и муслиманските партнери на Вашингтон, пак, инсистираат дека единствениот начин за траен мировен договор е преку палестинска државност.
Никој, вклучително и Трамп, не очекува следната фаза од неговиот мировен план од 20 точки за Газа да биде спроведена лесно. Но фиксацијата на администрацијата на Аврамовиот договор фрустрира некои арапски и муслимански влади, велат дипломати и аналитичари.
Регионалните претставници изјавија дека спроведувањето кредибилен план за обезбедување и управување со Газа, опустошена од војната, и вистинските чекори кон палестинска држава, мора да дојдат пред проширувањето на дипломатските врски со Израел. Тоа не го спречи претседателот на САД да се обиде и да инсистира дека земјите се „редат“ за да се приклучат на Аврамовите договори. Ваквите договори би „овозможиле вистинска, трајна регионална стабилност“, изјави американскиот директор за национално разузнавање, Тулси Габард, пред регионалните претставници на безбедносната конференција во Бахреин овој месец.
Американскиот оптимизам за проширување на договорите не само што ја крие кревкоста на прекинот на огнот во Газа, која постојано е загрозена од избувнувања на насилството, туку исто така е потценувачки, велат регионални претставници и аналитичари, земајќи го предвид незадоволството низ поголемиот дел од арапскиот и муслиманскиот свет.
Во прилог на ваквите тврдења се сметаат ставовите на Саудиска Арабија, која пред нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната, се приближуваше кон голем договор со администрацијата на Бајден за нормализирање на односите со Израел во замена за американски одбранбен пакт и соработка за цивилна нуклеарна програма.
Принцот Мохамед бин Салман треба да ја посети Белата куќа следната недела и се очекува да потпише поограничен одбранбен пакт, преку извршна наредба, која не се очекува да вклучува никакви чекори за нормализација.
Принцот Мохамед бин Салман никогаш целосно не ја отфрлил можноста за нормализација на односите со Израел во разговорите, но, тој исто така не чувствувал итност да продолжи кон неа, рече Арон Дејвид Милер, поранешен преговарач за мир на Блискиот Исток, со оглед на „високофункционалната“ израелско-саудиска разузнавачка и безбедносна соработка, што веќе постои под површината и политичките трошоци за воспоставување формален однос без палестинска државност.
Додека Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко и Судан се приклучија на договорите во 2020 година, Саудиска Арабија, дом на двете најсвети места на исламот, се смета за главна во продолжувањето на нормализацијата на односите со Израел, по која администрацијата на Трамп верува дека ќе се придружат и други држави.
Индонезија, најголемата муслиманска нација во светот по население, која беше наведена од претставници на администрацијата на Трамп како уште еден можен потписник, исто така изјави дека нема да ги нормализира врските со Израел без решение за две држави за Палестинците. Исто така, ќе почека Саудиска Арабија да ги нормализира врските пред да го преземе тој чекор, изјави еден индонезиски функционер.
Администрациските претставници одбија да ги разјаснат практичните импликации од влегувањето на Казахстан во договорите, со оглед на неговите претходно постојни дипломатски врски со Израел. Државниот секретар Марко Рубио им рече на новинарите минатата недела дека тоа означува посилно „партнерство“, додека потпретседателот Џ.Д. Венс посочи дека потегот повеќе е симболичен, сигнализирајќи му на светот дека „Аврамските договори се живи и здрави во втората администрација“.
Во меѓувреме, поитните задачи од мировниот план на Трамп од 20 точки за Газа се заглавија поради недостиг од консензус за основните детали. Додека американските претставници очекуваа арапските и муслиманските држави да предводат меѓународна стабилизациска сила за Газа, регионалните лидери досега се воздржуваа од испраќање трупи во напори што потенцијално би можеле да ги доведат во конфликт со палестинските милитанти.
Арапските претставници на конференцијата за дијалог во Манама, Бахреин, го окарактеризираа Израел како главна пречка за мир. Р.С.

































