Грција и Бугарија и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства
Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства е мултилатерален договор на Советот на Европа насочен кон заштита на правата на малцинствата. Беше усвоена од Комитетот на министрите на Советот на Европа во 1994 година и стапи во сила во 1998 година. Таа е првиот правно обврзувачки мултилатерален инструмент посветен на заштитата на малцинствата и се смета за најсеопфатен меѓународен стандард во областа на правата на малцинствата досега. Во голема мера конвенцијата ги трансформира политичките обврски од Копенхашкиот документ од 1990 година на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во правни обврски. Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства до 2009 година беше ратификувана од 39 земји членки. Грција ниту ја потпишала, ниту ја ратификувала во својот парламент оваа конвенција. Бугарија ја потпиша во 1997 година и ја ратификува од 1999 година. Во Бугарија се применува 26 години до сега, но македонското малцинство не ужива ниедно од правата предвидени во споменатата рамковна конвенција. Македонците се исклучени од бугарскиот Национален совет за прашања на етничката интеграција на малцинствата. Се добива впечаток како Бугарија и Грција да настапуваат заемно координирано во дискриминирањето и негирањето на постоењето на македонскиот етнички елемент и на македонскиот јазик во Пиринска и во Егејска Македонија, во Бугарија и во Грција
Зошто Рамковната конвенција на Советот на Европа не важи за Грција и за Бугарија?!
Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, во својот петти извештај од октомври 2024 година пак го впери прстот кон Бугарија како држава во која не се почитуваат правата на националните малцинства и етничките групи. Констатирана е иста состојба како и во претходните извештајни циклуси, така што Бугарија беше и останува една од најкритикуваните членки на Советот на Европа, поради (не)почитувањето и заштитата на малцинските права. А што се однесува до Македонците, секакво искажување критика зошто Македонците остануваат „невидливи“ за бугарските статистичари и политичари, зошто нивните национални и јазични права целосно се ускратени, се толкува како „иредентизам кон дел од бугарската територија“, поконкретно кон Пиринска Македонија! Нападот е најдобрата одбрана наместо да се даде конкретен и аргументиран одговор зошто Рамковната конвенција на Советот на Европа „не важи“ за Македонците во Бугарија, а и за Грција.
Во споменатото „петто мислење на Советодавниот комитет на Советот на Европа“ повторно беа содржани силни критики. Во обопштената оцена на Советодавниот комитет се наведува: „… Не може да се забележи значителен напредок во текот на периодот на известување во спроведувањето на препораките, за да се обезбеди ефективен пристап до правата на малцинствата содржани во Рамковната конвенција. Додека Бугарија играше сè поактивна улога во промовирањето на правата на лицата што припаѓаат на бугарските малцинства во странство, истите напори не можат да се забележат внатре. Генерално, постои забележителен недостиг од свест за малцинските права како составен дел од човековите права. Немаше напори да се применат голем број долгогодишни препораки во врска со прашања како што се принципот на слободна самоидентификација, поддршка за унапредување и заштита на правата на малцинствата, вклучително и на јазичните права, како и на неопходноста да се обезбеди целосна еднаквост на сите што живеат во Бугарија…“.
Значи, и Советодавниот комитет на Советот на Европа констатира дека Бугарија е многу енергична кога бара почитување на националните права на бугарските малцинства во други држави, додека, пак, на својата територија таквата своја обврска кон националните малцинства ја изигрува. Но бугарската држава изгледа е најангажирана за правата на „бугарското национално малцинство во Македонија“, а според последниот попис едвај има само неколку илјади луѓе, но за Македонците кај себе е „слепа“.
Во врска со Македонците во Бугарија во споменатото мислење е напишано: „Како и во претходните циклуси, лицата што се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгогодишни обиди да регистрираат здруженија што ја промовираат македонската заедница не беа успешни“.
Во продолжение извештајот вели: „…Советодавниот комитет нагласува дека пристапот до правата и нивното ефективно спроведување се од огромно значење и мора да бидат од примарно внимание на властите. Имајќи го предвид пристапот на бугарските власти кон личниот опсег на Рамковната конвенција, Советодавниот комитет смета дека е клучно да се има прагматичен пристап кон лицата што се самоидентификуваат како Македонци…“.
Може да се констатира дека ова е поигрување од страна на Бугарија со Рамковната конвенција на Советот на Европа за националните малцинства: од една страна, Бугарија 26 години е потписничка на споменатата конвенција, а од друга страна ги крши и ги компромитира безмалку сите постигнувања и вредности на Советот на Европа во областа на заштитата на малцинските права.
Таа рамковна конвенција е особено корисна алатка во рацете на Македонија и на нејзината дипломатија. Тоа е средство со кое Македонија може да се бори за заштитата на правата на Македонците во соседството и пошироко.
Фактот што Грција ниту ја потпишала ниту ја ратификувала спомнатата рамковна конвенција ја прави уште потешка ситуацијата на Македонците како малцинство во Грција. Потврда за ова се последните извештаи дека деновиве на Македонците во Грција им се попречуваат дури и пеењето и играњето македонски ора, бидејќи се пее и се говори на „јазик што е опасен за грчката држава“.
Овде потсетуваме на резолуцијата од 17 април 2007 година на петнаесет пратеници на Советот на Европа во врска со тешката положба на македонското национално малцинство во Грција. Ова е првпат таква резолуција да биде предложена во Советот на Европа.
– Петнаесетте пратеници се длабоко загрижени за големиот број постојани кршења на човековите права врз македонското етничко и јазично малцинство во северна Грција. Грчката држава одбива да го признае постоењето на македонско етничко или јазично малцинство во своите граници. Владите ги исклучиле и продолжуваат систематски да ги исклучуваат етничките Македонци од политичкиот процес, одбивајќи дури и да ја признаат кореспонденцијата од политичките претставници на малцинството. И покрај постоењето на македонско говорно население во северна Грција, македонскиот јазик не е признаен од грчката држава и затоа членовите на македонското говорно малцинство немаат право да го учат македонскиот јазик во рамките на грчкиот образовен систем – се наведува во предложената резолуција, која сепак не наиде на поддршка.
– За време на Граѓанската војна во Грција (1946-1949) илјадници грчки граѓани избегаа од земјата. По завршувањето на војната, на сите оние што ја напуштија Грција во овој период им беа одземени грчкото државјанство и имот. Во 1982 и 1985 година, грчката влада донесе закони со кои им се враќаат државјанството и имотните права на таквите лица, под услов да се „Грци по род“. Така, етничките Македонци и другите беа намерно исклучени. Овие закони сѐ уште се во сила денес. Предлагаме Правниот комитет да биде должен да изготви извештај за случаите на кршење на човековите права против македонското етничко и јазично малцинство во северна Грција, при што ќе им се даде можност на голем број претставници на ова малцинство да сведочат на расправа – беше содржано исто така во таа предложена резолуција.
Свето Тоевски