Нови археолошки откритија што ја потврдуваат заблудата на Преспанската спогодба

Ниту еден народ не треба да се откажува од правото да гради сопствени историски наративи, митови и приказни, особено не ако на секоја педа се појавуваат артефакти што говорат за богатата историска ризница скриена под овие простори.
Потврда на ова е неодамнешното археолошко откритие во близината на битолското село Црнобуки, каде што археолозите со примена на нова технологија лидар открија остатоци од одамна изгубен антички град. Артефактите пронајдени на локацијата го датираат градот од времето на животот на Александар Велики, иако некои експерти сугерираат дека луѓето можеби ја окупирале областа уште во бронзената доба. Првичните претпоставки се дека античкиот град можеби е изгубениот главен град Линкус, родното место на Евридика, бабата на Александар Македонски.
Претходно археолошкиот локалитет Градиште беше означен како воена станица од 3 век пр. н.е. во времето на кралот Филип V, но последните откритија на заедничкиот истражувачки тим на НУ Заводот и музеј-Битола и Државниот политехнички универзитет во Калифорнија, „Хумболт“ („Кал Поли Хумболт“), открија многу подлабока историја.
Првичните наоди од ископувањата сугерираат дека тука имало жив урбан центар од бронзената доба (околу 3.300–1.200 пр. н.е.). Меѓу она што досега е пронајдено, има камени секири, фрагменти од керамика, алатки за обработка на текстил, па дури и фрагмент од глинена карта за театар, предмети што укажуваат на богато софистицирано општество.
Првите наоди на овој локалитет беа регистрирани пред 15 години и местото било идентификувано како утврдување изградено од кралот Филип V Македонски за одбрана од Рим. Но резултатите од скенирањето со лидар, технологија со која зраците продираат длабоко под земјата, открија цел град под површината. Меѓу откритијата се наоѓаат монети од времето на Александар Велики, што ја поместува хронологијата на градот наназад до 325–323 година пр. н.е.

– Ова е откритие што се случува еднаш во животот. Тоа ги истакнува сложените мрежи и структурите на моќ на античка Македонија, особено со оглед на локацијата на градот по должината на трговските патишта до Константинопол. Дури е можно историските личности како Октавијан и Агрипа да поминале низ областа на нивниот пат да се спротивстават на Клеопатра и Марк Антониј во битката кај Акциум – истакна професорот по антропологија и археолог од универзитетот „Кал Поли Хумболт“, Ник Ангелоф.
Сето ова говори за плиткоста во размислувањето на македонскиот тим што ги водеше преговорите со Грција и кој се откажа од античкиот дел на македонската историја на овие простори, па сега на локалитетите низ земјава мора да се поставуваат плочки за дообјаснување дека тие откритија се дел од хеленската култура, иако и Грција од своето формирање нема никакви допирни точки со хеленизмот, туку станува збор за вештачка интервенција однадвор во градење некаква грчка историја поврзана од антиката до денес.
– По кој основ ние ставаме плочки на нашите археолошки локалитети и на спомениците да објаснуваме дека биле дел од хеленското наследство? Тоа што е најдено кај нас е наше наследство и така треба да се однесуваме кон него. Имаме право да градиме сопствени митови и историски приказни, а она што се открива на нашите простори треба да си го третираме како наше наследство. Британците го изградија митот за Грција и нивната хеленска историја, па истите тие Британци ни го наметнаа и Преспанскиот договор, како потврда на лажната историја што ја креираа на овие простори. Затоа најдобро е да ги интензивираме археолошките истражувања, да си градиме наши историски наративи и да не подлегнуваме пред ничии закани – порачуваат историчарите. С.Т.