Усното народно творештво е облик на уметничко изразување, кое се изразува преку говорот и претставува најстар начин на практикување на народната книжевност, односно на литературата воопшто. За разлика од писмениот начин на изразување, кој во одреден момент има конечна форма, усната книжевност е подложна на менување во јазикот, метриката и во текстуалниот дел, односно на импровизација. Токму од вештината на импровизирање на народните пејачки, односно од нивниот авторски влог во народните песни зависело и прифаќањето на творбите што понатаму се пренесувале од уста на уста, од колено на колено. Од мноштвото народни поетеси се издвојуваат имињата на: Дафа Цепенкова, Депа Каваева, Дафина од Просеник, Арса Стрезова, Митра Ристова, Парашкева Сирлешчова, Илинка Везенковска, Цвета Мазнаеова, Ѓурѓа Котева и Божана Трпанова. Без разлика на околностите, без разлика на местото и името под кое своевремено биле објавувани, преку нивната интерпретација го откриваме големото македонско духовно богатство и ги откриваме и убавината на македонскиот јазик и неговите убави дијалектни форми. Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една деценија работи на истражувања поврзани со појавата и развојот на македонското женско прашање

Духовното и јазичното богатство во творештвото на македонските народни поетеси (4)

Животниот пат и афирмацијата на македонската интерпретаторка на народни умотворби Арса Стрезова (родена Рогузарова) од Охрид постојано се движат на релација помеѓу преродбенските активности што се одвивале во Македонијa во XIX век и на тромеѓата Јанаки Стрезов, Кузман Шапкарев и Димитрија Миладинов. Стрезова е претставничка на првата генерација македонски народни пејачки од XIX век, кои оставиле белег во македонскиот фолклор со богатиот репертоар на народни песни и приказни. Таа му била баба на Шапкарев.
Годината на нејзиното раѓање е непозната. Според индиректни податоци што се однесуваат на нејзиниот живот, можеме да претпоставиме дека е родена некаде во последната деценија на XVIII век во Охрид. Потекнувала од фамилијата Рогузарови, во која се негувала традицијата на усно пренесување на народните умотворби. Уште во младоста Арса се омажила за Георги Стрезов, кој потекнувал од селото Трпејца близу Охрид. Георги бил готвач и слуга во владичката митрополија кај владиката Калиник. Од бракот на Арса со Георги се родиле два сина Атанас и Јанаки, од кои нам особено ни е познат Јанаки Стрезов, активен учесник во јавниот живот во Охрид и просветен деец. Желни да го образоваат, Арса и Георги го дале да се школува во месното училиште на грчки јазик, најпрво кај Иван Варнава, а потоа и кај Димитрија Миладинов. Извесно време Јанаки се школувал и во Атина. Во ваков амбиент на силно раздвижени народни маси и обиди за обнова на Охридската архиепископија, за исфрлање на грчкиот јазик од богослужбата и училиштата, во силен бран за културно-просветни активности, Арса Стрезова била сведок на запишувањето и зачувувањето на македонските народни умотворби. Иако, можеби, на почетокот била недоволно свесна за значењето на започнатиот подвиг на Шапкарев во 50-ти години на XIX век, антипатријаршиското движење на охридското граѓанство за воведување богослужба и образование на словенски јазик се почувствувало и во нејзиниот дом, што довело и до внатрешни борби во семејството Стрезови во кои биле вклучени нејзините синови Анастас и Јанаки.
Главниот извор за нејзиниот живот е Кузман Шапкарев, кој од неа добил повеќе песни и приказни објавени на страниците на неговиот Зборник со народни умотворби. Според записите под насловите на песните, во време на објавувањето на Зборникот во 1895 година, Арса веќе била почината. Ако се знае дека последните песни и приказни што Арса му ги испеала и раскажала се датирани во 1885 година, тогаш времето на нејзината смрт треба да се бара помеѓу 1885 и 1895 година. Во еден од ретките записи што директно се однесуваат на Арса, Шапкарев запишал: „Мојата покојна баба, Арса Стрезова, во нашето детство не само многу песни знаеше и пееше, а и безброј приказни, сè од чисто народно потекло, со кои често нè забавуваше нас, своите внучиња. Кога, меѓутоа, дојде времето да ги соберам и запишам, таа, од својата длабока старост, не беше во состојба да ме снабди, освен со само еден мал дел од изобилната своја поранешна ризница, како што ќе се види во Зборников. Покојната почина на 95-годишна возраст“. Најрано запишаните песни од Стрезова датираат од 1855 година, што всушност претставува почеток на неговата собирачка дејност. Ова ни покажува и дека почетоците на фолклорните записи на Шапкарев се врзани токму со Арса Стрезова, односно фамилијата Рогузарови.

Во фондот народни умотворби објавени од Шапкарев, а произлезени од устата на Стрезова евидентиравме 31 песна и 14 приказни. Овие записи потекнуваат од 1855 до, како што кажавме, 1885 година, што значи дека во период од цели 30 години Шапкарев можел да се насладува во песнопојството и раскажувањето на Стрезова.
Поетскиот репертоар на Арса Стрезова го сочинуваат љубовни песни, религиозни песни со христијанска тематика, неколку песни во кои е опеано насилството, баладни песни и лирски народни песни. Во пејачкиот опус на Стрезова, лирските песни се издвојуваат како по квантитетот така и по квалитетот. Покрај нејзиниот афинитет кон песните, таа се интересирала и за народните приказни со религиозен, христијански карактер, како и за приказните за животни, хумористичните приказни и космогониската легенда за „Кумо’а слама (млечниј појас)“, високоуметничка творба, единствена во македонската народна книжевност. Содржински кратка, приказната морализира, но и го опишува создавањето на ѕвездите.
За нас особено е интересен јазикот на Стрезова. Примери на употреба на стари форми на изразување се забележуваат во повеќе песни. Некои од нив се однесуваат на слеан изговор и запис: царатого, царотому (со значење: царовото), дететому и сл.; употреба на отс’м или ос’м за освен, на стариот изговор: шчерка, черкфа, черви и сл., наведени се разлики во струшкиот и охридскиот говор (во Струга се велело кожух или кожуф, а во Охрид ќурк, по турски; во Струга се велело „поставам“, а во Охрид каплајсам, капладисвам, повторно по турски; за раздигнување на поставената маса во Струга се употребувало раста’ам, расставјам, а во Охрид кревала, за ветување во Струга фешча’ање, а во Охрид велеле такса’ање); за јасното и определено значење на зборот девојка и мома (девојка била официјално немажена, без да се навлегува во прашањето дали знае за маж или не, додека пак мома била онаа што никако не знаела за маж; употреба на мелодија по секој стих: „Таарнана, Скендер-беј, тиирнини, Скендер-беј“ (п: „Скендер-беј и моме битолско“); употреба на гласот ѕ при изговорот: ѕвезда, ѕемнам, солѕа, ѕвиска, ѕвонец; употреба на заменка за определен предмет со ознака за далечина: царсконо, синоно, силнана, двене; употреба на топонимот Колун за околија во јужна Албанија, соседна со Македонија на југозапад, чие име официјално гласело Колоња (п: „Баљур војвода и Гркиња робинка“); употреба на осмак како единица за житна мера „рамна на 30 оки жито или со ½ кило или пак ¼ дел од тоарот. Таа мера со означената вредност се употребува во Охрид“ итн.
Песните што ги пеела Стрезова добивале експресија, брзина, сензибилитет, хумор и ведрина, чувство за мерка. Иако религиозното има голема улога во нејзиниот репертоар, тоа не ја спречувало во песните да ги внесе духот и традицијата на македонскиот бит, во кој строгата реторика добила световен дискурс. Стрезова во вистинска смисла на зборот е народна поетеса. На неа можеме да гледаме како на една од најоригиналните македонски народни пејачки.

Славчо Ковилоски

продолжува