Фото: Пиксабеј

Платфoрма за ХИВ

Платформата за ХИВ апелира до Владата да го предвиди неопходниот минимален буџет за програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2025 година, кој изнесува 130 милиони денари, од кои 109 милиони се потребни за обезбедување лекови и 21 милион за да се одржат услугите за превенција на сегашното минимално ниво.
– Со износот од 90 милиони денари, кој е предвиден во предлог-буџетот за 2025 година, оваа програма е неоправдано скратена, наместо да биде зголемена. Тој не е доволен ниту да се обезбеди соодветна терапија за сите пациенти, вклучувајќи ги и новите случаи што ќе бидат дијагностицирани во текот на следната година, додека мерките за превенција целосно би се укинале доколку буџетот не се коригира. Во моментот околу 130 пациенти со ХИВ или 30 отсто од пациентите примаат застарена терапија, која веќе одамна не е препорачана од Светската здравствена организација и не е во употреба речиси никаде во нашиот регион, поради појавата на несакани дејства поврзани со централниот нервен систем, кои го попречуваат секојдневното функционирање и го загрозуваат успешното лекување. Секој граѓанин има право на здравствена заштита. Програмите за превенција се токму тоа за околу 8.000 граѓани што се маргинализирани, а голем дел од нив е и надвор од системот. Доколку не се обезбедат неопходните минимум средства, овие луѓе ќе останат без пристап до основната здравствена заштита за нив, а ќе се укинат: услугите за доброволно и доверливо ХИВ-тестирање – стационарни и мобилни, 13 програми за намалување штети од употребата на дроги во 13 града, дијагностика на сексуално преносливи инфекции, мобилна гинеколошка амбуланта за жени од рурални средини и маргинализирани заедници и друго – велат од платформата.
Тие потсетуваат дека Македонија успешно има спречено епидемија на ХИВ кај лицата што употребуваат дрога и таквата состојба треба да се одржи.
– Во Македонија веќе е докажана ефективноста на програмите за намалување на штетите од употреба на дроги. Имено, од 1987 до 2023 година се регистрирани вкупно 632 случаи на ХИВ. Од нив, само 12 се лица што инјектирале дроги. Во последните десет години, по отворањето и развивањето на поголемиот број програми за намалување штети, евидентиран е само еден нов случај на ХИВ преку инјектирање дроги. Токму поради овие програми Македонија успешно спречи епидемија кај луѓето што инјектираат дроги – изјави Влатко Деков од здружението „Хопс“.
Ако се земе предвид бројот на направени тестови, граѓанските организации успеваат да дијагностицираат неколкупати повеќе случаи на ХИВ отколку целокупниот јавен и приватен здравствен сектор.
– Тоа кажува дека кога би инвестирале повеќе во овие програми и во мерките на тестирање на ниво на заедницата, би откриле повеќе лица со недијагностицирана инфекција, а тоа е патот да ѝ ставиме крај на епидемијата на ХИВ во земјата, бидејќи кога ги дијагностицираме лицата и тие почнуваат со терапија, вирусот веќе не може да се пренесува на друго лице – вели Андреј Сених од „Заедно посилни“.
Според него, доколку не се обезбеди неопходниот минимум средства не само што нема да се заштеди туку граѓаните ќе платат многу повисоки трошоци во следните неколку години, како и на долг рок: повеќе инфекции со ХИВ само по себе значи поголеми трошоци за основната терапија во иднина, која е доживотна.
– Уште повеќе, кога луѓето не се дијагностицираат навреме, што се постигнува со овие превентивни програми, тогаш тие доаѓаат во здравствениот систем кога веќе имаат сериозни компликации, чие лекување бара долги хоспитализации и многу поскапи дополнителни терапии. Тоа го чини здравствениот буџет драстично повеќе отколку инвестирањето во превенцијата. Според тоа, ние како земја не смееме да си дозволиме да не инвестираме во докажани мерки за превенција. Тоа би било неодговорно кон парите на граѓаните – велат од платформата.
Платформата за ХИВ ја сочинуваат организациите: „Заедно посилни“, „Хера“, „Хопс“, Црвен крст на Македонија, „Егал“, „Доверба“ и „Стар стар“ од Скопје, „Опција“ од Охрид, „Зона“ од Кавадарци“, „Хелп“ од Гостивар, Младински клуб од Штип, „Избор“ од Струмица, „Пулс“ од Куманово и „Виа вита“ од Битола.

Фото: Пиксабеј