Техно
Контекстуални предлози е нова функција на андроид што користи вештачка интелигенција за да предвиди корисни дејства врз основа на навики и локација. Телефоните „гугл пиксел 10“ имаат голем број ексклузивни софтверски функции. Една од нив, меџик кју, ќе пристигне на сите андроид паметни телефони, но, според најновите информации – под името контекстуални предлози. Како што сугерира името, ова значи дека ќе добиваме „корисни предлози од нашите апликации и услуги“, врз основа на нашите рутински активности и локации. Со други зборови, андроид ќе го предвиди нашиот следен потег во зависност од контекстот.
Пример даден од Гугл во описот на функцијата е: „Вашата музичка апликација може да предложи листа за музика во вежбалница што често ја слушате за време на вашиот вечерен тренинг“. Таквиот тип предлози работат во шифриран простор на телефонот, а податоците што се користат за нив никогаш не се споделуваат со апликации или Гугл и никогаш не го напуштаат уредот (освен ако самите не ги споделиме тие податоци за некоја друга цел). Ќе можеме да ги избришеме овие податоци во секое време, а по дифолт автоматски се бришат по 60 дена.
Функцијата за контекстуални предлози е достапна за некои корисници како дел од најновата бета-верзија на апликацијата „Гугл плеј сервисис“, но не е активна за сите во таа бета-програма, што јасно става до знаење дека сè уште е во фаза на ограничено тестирање.

































